ПОЛИТИКА

Буџетот за 2003 година со рестрикции во многу области

ШОК ЗА ПРАЗНИОТ ЏЕБ НА ГРАЃАНИТЕ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Буџетот за оваа година ќе биде рестриктивен, оценува министерот за финансии Гошев. Според него, тој ќе обезбеди помали трошоци за претприемачите, нормално функционирање на државата, отплата на долговите и фискална консолидација.
  • Касата била усогласена со Меѓународниот монетарен фонд, а таа ќе тежи 69,3 милијарди денари. Вкупните расходи се предвидува да бидат 59,2 милијарди денари, а вкупните приходи 55 милијарди. За плати годинава ќе се издвојат близу 21 милијарда денари, а ќе продолжи и редовната исплата на пензиите и другите социјални издатоци, смета Гошев.
  • Но, сепак, Буџетот ќе биде на товар на граѓаните кои на крајот ќе мораат да се снајдат и да го преживеат зголемениот притисок врз нивниот и веќе така испразнет џеб. Затоа мора да се подготват за зголемените издатоци што пред се доаѓаат поради зголемената стапка на ДДВ. Некои стоки и услуги преминаа на 18 отсто наспроти претходната која изнесуваше само 5 отсто.

Буџетот на Република Македонија за 2003 година, ќе биде полесен, но и потежок за обичниот граѓанин, бидејќи се зголемени стапките на ДДВ, општа е оценката на економските стручњаци од земјава. Но, според министерот за финансии, Петар Гошев, тој е прилагоден на општите економски и стопански движења.

Овој Буџет е развоен, бидејќи со намалувањето на буџетската потрошувачка на стопанството му остава 100 милиони евра повеќе од лани; социјален, па дури и суперсоцијален, затоа што повеќе од половината од средствата се наменети за социјални трансфери, но и политички, бидејќи води сметка и за другите етнички заедници, во согласност со Рамковниот договор, потенцираше министерот за финансии Гошев, ставајќи се во улога да го брани проектираниот Буџет за оваа година пред пратениците.

ПРЕДВИДУВАЊА

Гошев ги презентираше и другите мерки на макроекономската политика на Владата, чии главни цели се намалување на невработеноста и сиромаштијата.

Но, и на најсовршените мерки им треба време, иако незадоволните граѓани со право ги полнат улиците, бидејќи веќе долго чекаа, истакна министерот за финансии.

За 2003 година се планира пораст на бруто-домашниот производ од три отсто, инфлација во рамките на три проценти, а дефицит во платниот биланс од 302 милиона долари. Со прогнозите на Владата и на Министерството за финансии, се предвидуваат девизни резерви кои можат да покриваат четиримесечен увоз, а дефицит во Централниот буџет би изнесувал близу 1,6 отсто од бруто-домашниот производ. Во образложението на Владата на Црвенковски се потенцира дека таа ќе го поттикнува приватниот сектор, иако државата како институцаија се уште е најголемиот работодавец. Покрај ова се прогнозира зголемување на извозот, мобилизирање на штедењето, зголемено кредитирање, намалување на каматните стапки, како и зголемување на вработувањето.

Министерот за финансии, Петар Гошев, во своето обраќање пред пратениците во Собранието на РМ апелираше до Синдикатот (ССМ), да не инсистира на законот за загубарите, бидејќи тој е непродуктивен, а многу подобри резултати може да донесе предложениот закон за поттикнување на вработувањето. Оценувајќи го Буџетот за 2003 година како рестриктивен, Гошев рече дека тој ќе обезбеди помали трошоци за претприемачите, нормално функционирање на државата, отплата на долговите и фискална консолидација.

Во него расходите се намалуваат за 4,5-процентни поени, а кај приходната страна, освен укинувањето на воениот данок и корекциите на ДДВ кои беа нужни, нема други промени на даночните стапки. Владата ќе ја засили наплатата на даноците, преку подобрување на даночните закони и активирање на финансиската полиција.

Според министерот Гошев, Буџетот бил усогласен со Меѓународниот монетарен фонд, а тој ќе изнесува 69,3 милијарди денари. Вкупните расходи се предвидуваат да бидат 59,2 милијарди денари, а вкупните приходи 55 милијарди. Притоа, за плати оваа година ќе се издвојат близу 21 милијарда денари, а ќе продолжи и редовната исплата на пензиите и другите социјални издатоци.

БИРОКРАТИЈА

Кусокот во Буџетот за оваа година, кој е планиран на 4,1 милијарда денари, ќе се надоместува (надополнува) со пари што Македонија ги доби од донаторите, а само еден мал дел ќе се компензира со зголемено штедење, објасни министерот за финансии, Петар Гошев.

Нашата држава би требало од даноци, од царина и од други давачки да собере близу 55,14 милијарди денари. Истовремено, давачките (обврските) кон огромната бирократија во Република Македонија, која брои близу 110.000 вработени, изнесуваат дури 59,1 милијарда денари. Товар кој секако треба најмногу да го понесат осиромашените граѓани и стопанските субјекти кои се потешко се снаоѓаат во овие улави економски услови за стопанисување.

Во текот на оваа година, државните пари најмногу ќе одат за социјалата. За исплата на социјалците, државата прогнозира дека ќе потроши дури 1,6 милијарда денари, а од вкупните приходи на Буџетот дури 45 милијарди ќе се потрошат за социјалните трансфери, како што се платите, боледувањата, пензиите, додатоците и другите давачки кон корисниците на овие услуги.

Во собраниската дебата најмногу се полемизираше околу т.н. "Бранков закон" со кој се предвидува зголемување на вработувањето, како и зголемувањето на стапката на ДДВ на 18 отсто за стоки и услуги што досега се оданочуваа со повластена стапка од 5 отсто.

Поранешниот премиер и се уште актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, го нападна концептот на Буџетот за 2003 година на Владата на Црвенковски. Тој рече дека дури сега, по шест месеци, конечно, гледаме некаква економска иницијатива во Собранието. Во тој контекст потенцираше дека "Владата дури сега видела дека преговорите со ММФ не се состојат само од популистички ветувања, кои не може да се остварат".

Нема потреба од зголемување на данокот, бидејќи ако не се предлагаше т.н. "Бранков закон", за кој државата треба да потроши доплнителни 33 милони евра, а резултатите од него се "сомнителни", истакна Георгиевски.

Министерот Гошев му реплицираше дека Владата немаше да предлага зголемување на даноците ако старата власт не му дала на Методи Смиленски дури 309 милиони денари од стоковите резерви, но и покрај тоа неговата "Експорт импорт" пропаѓа.

Немаше да го зголемиме данокот ако Народната банка за време на старата влада на господинот Смиленски не му издала гаранции вредни 21 милион долари за сомнителен бизнис, укажа Гошев, образложувајќи ги аргумените на Владата дека морала да ги зголеми стапките на ДДВ.

Собраниската дебата по ова исклучително важно прашање за Република Македонија покажа дека секој зборуваше по свој терк, а никој со стручно образложение. Се зависеше од клучот, дали тој беше од национален аспект, или на релација опозиција или позиција.

Претставникот на Демократската партија на Албанците, Илијаз Халими, сметаше дека понудениот Буџет за 2003 година е рестриктивен и дека во него не се земени предвид средствата за спроведување на Рамковниот договор. За разлика од него, политичкиот противник, Аднан Јашари од Демократската унија за интеграција, потенцираше дека во ресорот за образование се планирани помалку пари од лани, што според него, значи државата нема намера да го финансира високото образование на Албанците.

Пратеничката на СДСМ, Елеонора Петрова - Митевска, оцени дека не е предвидена ставка за финансирање на стогодишнината од Илинденското востание. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, инаку потпретседател на партијата, Марјан Ѓорчев, забележа дека во Буџетот треба да се обезбедат средства за инвестициска потрошувачка и за фондовските субвенции за одредени области. Тој го нападна тврдиот монетаристички концепт на водење на економијата, со штитење само на девизниот курс, а кој на барање на ММФ во земјава е присутен од 1995 година. Според него, тоа е причината што Македонија се уште не може да достигне ни 90 отсто од нивото на БДП пред осамостојувањето, што на Словенија & успеало да го достигне дури во 1997 година.

ММФ единствено води сметка за тоа како државата ќе ги плати долговите кон Лондонскиот и Парискиот клуб на доверители. Таа политика мора да се напушти ако сакаме развој, а не стагнација и натамошна голгота на економијата, потенцираше Марјан Ѓорчев во дискусијата по повод димензионирањето на Буџетот на Република Македонија за 2003 година.

Истовремено, Ѓорчев како поранешен министер за земјоделство укажа дека за оваа област се издвојуваат малку пари, 1,3 отсто, а притоа без да се води доволно сметка за 11 проценти од популацијата што се занимава и живее од земјоделието.

Марјан Ѓорчев се осврна и на зголемувањето на стапката на ДДВ која според него е зголемена поради донесувањето на т.н. "Бранков закон". Тој оцени дека овој закон е противуставно решение, со кое оние што плаќале придонеси пак ќе плаќаат, а тие што ги избегнувале обврските, повторно ќе можат да го прават тоа.

ОСИРОМАШУВАЊЕ

Буџетот, сепак, ќе биде на товар на граѓаните кои на крајот ќе мораат да се снајдат и да го преживеат зголемениот притисок врз нивниот веќе и така испразнет џеб. Затоа мора да се подготват за зголемените издатоци кои, пред се, доаѓаат поради зголемената стапка на ДДВ. Некои стоки и услуги преминаа на 18 проценти наспроти претходната која изнесуваше само 5 отсто. Овој исклучително тежок удар врз домашниот буџет ќе се одрази врз животот на населението. Тоа ќе мора да се откаже и од другите благодети што во последно време и воопшто не ги уживаше. Затоа прогнозите што се предвидени во ставките на Буџетот за 2003 година се мошне црни, иако за некои од нив има оправдувања, бидејќи има рестрикции во државната и административната потрошувачка. Но, тој не може да има развојни елементи, бидејќи и натаму има многи социјалци, невработени, а ефектите од т.н. веќе виден "Бранков закон" нема да дадат некои посериозни резултати. Тој дури може да воведе хаос, односно ќе има привилегирани и непривилегирани работодавци. Односот што тие ќе го воведат кон државата и корисниците на Законот, вработените, ќе биде чуден. Никој по завршувањето на траењето на законот нема да им гарантира зачувување на работните места. Притоа паѓаат во вода намерите на Владата со овој закон да имаат приоритет при вработувањето работниците - загубари кои имаат поголем стаж. Практиката покажа дека постојат многу девијантни појави во нашата држава. За ваквата оценка придонесува несинхронизираното работење на државните инспекциски органи и малите парични казни кои не придонесуваат за дисциплинирање на работодавците. Затоа Буџетот го чекаат многу сопки. Единствена потпора во реализацијата на буџетските прогнози му се нови вработувања, рестартирање на стопанските субјекти, намалување на даноците, намалување на трговскиот и платниот дефицит, како и нова поставеност на државната администрација. Се додека не започне подетално остварување на ваквите цели ние никогаш ќе немаме пораст на БДП и намалување на државните издатоци.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"