ПОЛИТИКА

Тријазичниот пасош ја помина парламентарната процедура

ЦЕРЕМОНИЈА ЗА ПОГРЕБУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Во поворката учествуваат истите лица, истите поединци кои во 2001 година ништо не направија за да ја спасат нашата држава од пропаста што ја зготвија домашните и странските аниматори. Таквото сценарио го видовме на дело и во Парламентот.
  • Употребата на македонскиот, англискиот и албанскиот јазичен код на новиот македонски пасош, отворено го раскрчмува имотот. Затоа успехот на Албанците е дебакл за Македонците. Тие премолчено го прифатија местото наменето за гроб на Република Македонија. Со 84 пратенички гласа "за", пет "против" и еден воздржан, дадоа виза за тријазичниот пасош.

Тријазичниот пасош, со аманет на македонските парламентарци, лесно ја мина собраниската процедура. Тоа укажува дека Република Македонија започна многу побрзо да се демонтира отколку што очекувавме. На тој пат на ничкосување сега никој не стои, никој не го попречува. Освен ако во меѓувреме не се најде по некој "будала", кој како петел се истопорува, а гласот никој далеку не му го слуша.

Процесот започна да се реализира со охридскиот Рамковен документ кој ниту еден совесен, свесен и самосвесен Македонец го нема видено во оригиналната англиска верзија. Она што однадвор ни беше натурено се турка без ниту мал отпор од пратениците Македонци, кои очигледно веќе се помирија со реалноста, а не размислуваат ни на идните генерации, туку на сопствената глава и "дупнатиот џеб". Оттаму, се повеќе и се погласно се наѕира идејата за уништување на нашата земја која очигледно ќе финишира или ќе се заплеткува со решавањето на статусот на Косово. Колку и да е опасна оваа теза за опстанокот на земјава, сепак одредени домашни политичари веќе директно укажуваат дека набргу Косово ќе биде независно, а таквата идеја ќе ја поддржат меѓународните фактори по што би дошло до припојување со Албанија. Од ваквите турбуленции не може да биде имуна ниту Македонија која е кревка и нестабилна токму поради колебливоста и неединството во македонскиот политички блок.

ИСХОД

Погребувањето на Република Македонија започна, а тријазичниот пасош е само дел од таа тажна церемонија. Во погребната поворка учествуваат истите лица и поединци од "Владата на широката Коалиција" кои во 2001 година ништо не направија за да ја спасат нашата држава од пропаста што ја зготвија домашните и странските аниматори. Таквото сценарио го видовме на дело и во Парламентот. Таму без ниту малку совест и свест за национална самобитност Македонците гласаа за новиот пасош. Со него го отворија патот за белгијализирање на Македонија. Следен чекор ќе биде зголемување на ингеренциите на локалната самоуправа, а потоа референдум за федерализирање и отцепување од РМ.

Употребата на македонскиот, англискиот и албанскиот јазичен код отворено го раскрчмува имотот. Затоа успехот на Албанците е дебакл за Македонците. Тие премолчено го прифатија местото наменето за гроб на Република Македонија. Со 84 пратенички гласа "за", пет "против" и еден воздржан, а во отсуство на пратеничката група на ДПА, која пред чинот на гласањето ја напушти салата, Собранието на Македонија даде зелено светло, даде виза за тријазичнниот пасош. Со измените и дополнувањата на Законот за патни исправи, припадниците на етничките заедници кои претставуваат 20 проценти од населението, односно Албанците кои живеат во државава, можат на нивно лично барање да добијат пасош на кој на насловна страница - корица, покрај македонскиот и англискиот, ќе биде употребен и нивниот мајчин (албански) јазик. Овој Закон, што претставува обврска од Рамковниот договор, го поддржаа и мнозинството пратеници - припадници на етничките заедници кои не се мнозинство во земјава, односно 20 се изјаснија позитивно, а еден пратеник беше против.

Пред усвојувањето на овие измени, кои Владата побара да се прифатат по итна постапка, претходеше дебата. Против владиниот предлог беа пратениците на Демократската партија на Албанците, кои во своите дискусии и расправа потенцираа дека на перфиден начин се редуцираат правата на Албанците. Тие се посомневаа во дискрецијата на администрацијата при поднесувањето барања за пасош и на албански, а притоа упатија политички сигнал дека има дефекти во Рамковниот договор.

Предлогот не е во духот на Уставот, а со понуденото решение кое не го затвора прашањето на јазикот правиме политичка грешка, потенцираше поранешниот министер за правда, а сега пратеник на ДПА, Џевдет Насуфи. Според Фатмир Асани, со Законот се девалвира Охридскиот мировен договор, а лидерската средба на Црвенковски, Ахмети и Пенов ја нарече "неприфатлив компромис на штета на Албанците".

Зошто граѓаните - Албанци, чијшто јазик е службен исто како и македонскиот, треба врз основа на нивната волја да бараат издавање пасош, запраша Илјаз Халими од ДПА, додавајќи дека податоците на англиска латиница ќе ги деформираат имињата на лицата и на местата.

Не се лутам на Коалицијата "За", туку на албанскиот партнер ДУИ, кој ги испушти конците од раце оштетувајќи ги Албанците, истакна Халими.

Ружди Матоши од ДПА рече дека со задолжителното барање Албанците се сепарираат и дека кај нив ќе се акумулира незадоволство кое подоцна ќе дојде до израз. Пратеникот Абдулади Вејсели од ПДП беше на линија на пратениците од ДПА, а тој се заложи за автоматизам во издавањето пасоши и на албански. Аднан Ќахил од Партијата за демократско движење на Турците рече дека ќе гласа против измените, бидејќи со ова другите етникуми ќе се ставаат во нерамноправна положба и нема да се придонесува за релаксирање на меѓуетничките односи.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЛП во својата расправа рекоа дека ќе застанат зад овој предлог што сега е незначително модифициран, а можел да биде усвоен и пред 10 месеци кога тие биле во власта и го предложиле.

Но, тогаш измените на Законот за пасош ги минирале нивните колеги од СДСМ кои сега се на власт, велејќи дека со тоа се федерализира Македонија, потенцираше Љупчо Георгиевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е лицемерство на СДСМ, а политичарите треба да извлечат поуки.

За сличноста на предлогот говореше Ѓорѓи Спасов од СДСМ, кој истакна дека секој има право да го измени мислењето кое е во согласност со расположението на јавното мислење и новите околности што се создаваат, а во спротивно нема да се постигне политички прогрес. Поранешниот прв спикер, либералот Стојан Андов, сметаше дека не треба да се остави простор за незадоволство и се заложи за редовна процедура.

НЕПРИНЦИПИЕЛНОСТ

Со оваа отстапка македонската политичка голгота нема да застане. Таа ќе продолжи да се одвива со несмален интезитет. Во прилог на ова оди ретерирањето на ставот на ДУИ во однос на непроменливоста на границата на Република Македонија со Косово. Имено, портпаролката Ермира Мехмети изјави дека ДУИ е апсолутно против сите тенденции за промена на границите во регионот и дека прашањето со демаркацијата на границата меѓу Македонија и Косово е доста деликатно и не треба да се покренува во моментов, туку да се чека до следната фаза од прашањето на статусот на Косово.

Во моментов границите во регионот треба да останат и не би требало да се интервенира, потенцираше Мехмети. Инаку, пред извесно време, Теута Арифи, потпретседател на ДУИ, на реакцијата на косовските лидери, одговори дека заедничкото соопштение се однесувало на територијалниот интегритет на Косово и опасноста промената на неговите граници да ја дестабилизира Македонија.

Истите извори велат дека имало погрешна формулација во делот од заедничкото соопштение на коалициските партнери дека се обврзуваат да го штитат територијалниот интегритет на државата и неменливост на границите.

Мислам дека таа точка е во контекст на изјавата на госпоѓата Арифи која говори за неменливоста на границите и повикот до привремените власти на Косово да го почитуваат тоа што веќе е утврдено, изјави портпаролката на ДУИ, Ермира Мехмети за "Утрински весник".

Попознатите членови на ДУИ на неколку пати се обидоа да го амортизираат револтот од договореното на средбата во кабинетот на Црвенковски, бидејќи по договорот со нивниот лидер Ахмети, а кој се однесуваше на границата, уследи нервозната реакција на косовските лидери. Тие во врска со заедничкото соопштение на Црвенковски, Ахмети и Пенов, во кое партнерите од владејачката коалиција се обврзуваа бескомпромисно да го штитат територијалниот интегритет и суверенитет на земјава и, како што се потенцираше во соопштението, наедно го потврдија принципиелниот став за неменливоста на границите. Во таа пригода коалициските партнери го повикаа УНМИК и провизорните локални власти на Косово да го прифатат, како што беше нагласено, тој факт со што, како што се вели, ќе се создадат услови за заемна соработка и почитување во регионот. Гласноговорникот на косовскиот лидер Ибрахим Ругова, тогаш нервозно реплицираше и потенцираше дека не прифаќаат промена на границите.

Не прифаќаме промена на границите, а прашањето за границата треба да се разгледува од двете влади на Македонија и на Косово, во поинакво време и амбиент, изјави за МИА Мухамед Хамиди, портпарол на претседателот на Косово, Ибрахим Ругова.

Тој додаде дека не треба да се презема ништо и да има помалку активности за одредување на граничната линија според договорот Скопје - Белград.

Во подоцнежната интерпретација на соопштението на ДУИ, СДСМ и ЛДП, Теута Арифи рече дека постои недоразбирање во значењето на делот за границата и дека договорот меѓу Скопје и Белград не може да биде валиден за почнување на демаркацијата. За ваквото ретерирање на челниците на ДУИ, СДСМ се уште нема свој став или размислување, но конфузните изјави околу вистинското значење на "спорниот дел" од декларацијата на коалициските партнери задаваат проблеми во функционирањето на Владата на Црвенковски. Одредени аналитичари прогнозираат дека Ахмети и неговите политички приврзаници ќе продолжат да ја вжештуваат темата, бидејќи за нив нема граница меѓу Косово, Македонија и Албанија. Таквите најави се очекува да се интензивираат по завршувањето на интервенцијата во Ирак. По завршувањето на воената интервенција на американските сили во Ирак, Ругова и преостанатите косовски лидери ќе го интензивираат притисокот врз меѓународната заедница, за да издејствуваат признавање на Косово и отцепување од новата државна заедница, Србија и Црна Гора. Овие политички поместувања ќе имаат големо влијание и за судбината на Република Македонија, бидејќи се очекува Албанците од нашата држава да им помогнат на нивните браќа во соседството за реализирање на долгоразработуваната идеја за "Голема Албанија".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"