ога ќе изгрее овој број од "Македонско
сонце", петок 28 март 2003 година, ќе останат уште само 120 денови до
најголемиот македонски ден - Илинден... На тој ден - 100 години Востание на
еден мал народ за својата голема слобода, загушено во крв и солзи, но и
никогаш незгаснати надежи.
И како што запиша Прличев во "Сердарот", користејќи се со познатата
стилска фигура, словенската антитеза, обичниот Македонец се прашува: "...
Дали ќе биде празник, и каде ќе биде, и кој ќе го слави?!". Оти времето врви
и врви, а нашите соседи по стариот добар обичај, многу ревносни и трагично
загинати за туѓи истории и традиции, веќе се длабоко навлезени во програми и
подготовки за одбележување на златниот јубилеј од златното минато на
Македонија.
Да не ни се случува "Сердаровата" антитеза: "Нит ќе биди празник, нит се
знае кој ќе го слави" !
Народот сигурно своето ќе си го направи во најубав ред и со најубав адет,
исто онака како што пред точно еден век тргна да ја ослободува својата земја.
А, празниците како "сто години Илинден" се многу ретки. Во умни земји, со
истории и традиции, овие јубилеји се дочекуваат како "велигденски јајца", за
нив континуирано се зборува, организирано се приоѓа и маестрално се слави.
Кај нас Илинден 2003 е толку далеку, ми се чини, како никогаш да нема да ни
се случи?!
Што се 120 дена за подготовки на најголемиот македонски знак за -
распознавање? Тамам толку, колку само за импровизација на еден голем и
светол ден, што ни значи многу нам на Македонците, и на сите во Македонија.
Сакам оваа држава да ја разберам и нејзиниот највисок врв, заокупиран со
обврските на охридскиот Договор, со договорите катапултирани од ММФ, со
вешто исконструираните и незаситените барања на албанскиот политички блок,
но мора таа држава и тој врв да ни каже на сите, и да не разубеди дека ја
чека големо чествување кое треба да биде заедничко и да се изведе на
најдостоинствен начин, оти токму во Манифестот, тој единствен европски урнек
за мир, слобода и соживот во таа далечна 1903 година, беше она што треба да
бидеме: заедно сите, против злото!
Уверен сум дека и Батлер и Терал и сите што & припаѓаат на цивилизацијата
ќе сакаат Илинден 2003 да бидат актери во прославата на едно праведно
востание, кренато од поробени народи за слобода. Во оваа година, не може
ништо да има поголеми приоритети од илинденскиот јубилеј, дури ни охридскиот
Договор... За овој вториов толку многу се прави, а за првиот досега речиси -
ништо. Да не беше првиот, вториот немаше да го има, оти кој сака нека
зборува и кажува, духот на Илинден 903 е потполно и недвојбено вгнезден во
психологијата и однесувањето на македонскиот човек.
Не знам како тоа мислат нашите импровизатори да го "режираат"
прославувањето на сто години Илинденско востание? Само со гламур - собир во
Крушево, или со здодевни академии, или со депласирани телевизиски балади,
долги непродуктивни разговори, веќе видени и исцрпени изложби... Што ли?
Граѓаните на Македонија се збунети: молчи Претседателот на државата,
молчи Владата... Но, ние сме народ подложен да ни се фрла "пепел в очи".
Формирале Одбор за одбележување на 100 години Илинденско востание! Како
велеше Черчил: формирале нешто за да не се - одбележи!
Знае ли Претседателот на Одборот колку е далеку 2103 година? Или не му е
гајле... Еден селанец (тој ми ја даде оваа идеја) ме прашува: кој ќе ги
одбележи 100-те години Илинден и каде? Не знам, му реков. Можеби Грците во
Солун, можеби Бугарите во Софија, можеби Србите во Белград, а не е чудно и
Албанците во Тирана!
Аман бе, вели селанецот. Домашна слава да ни беше, домаќинот подобро и
подолго и подостоинствено ќе се подготвеше!