оводот за интервјуто со
господинот Кимет Фетаху е неговото обраќање во Собранието на Р. Албанија. Во
настапот пред албанските пратеници, кој траеше скоро еден час, господинот
Фетаху побара човекови права за Македонците во Албанија. Во интервјуто тој
говори за маките на Македонците од оваа држава, но и за преостанатите
малцинства во Албанија.
МС: Професоре Фетаху, кажете ни со што се претставивте и што конкретно
побаравте од пратениците Абанци?
ФЕТАХУ: Да! Целта на овој состанок на 12 март оваа година беше за
проблематиката на правата на малцинствата во Албанија. Треба да знаете дека
лани во Охрид од 17 до 19 јуни претставници од сите малцинства од Албанија
се собраа по наша иницијатива. Исто така, во септември 2002 година Советот
на Европа даде официјален извештај за состојбата и правата на малцинствата
во Албанија. Заради овие две важни причини требаше да се сретнеме со
пратениците во Собранието на Албанија. Мојот говор за прв пат покажа дека
Албанија е мултинационална држава, мултиетничко општество кое досега беше
негирано од албанските институции. Сакам да кажам дека до 90-тата година и
наваму секогаш се зборуваше дека Албанија е хомогена држава. Тоа не е
вистина! Тука живее една третина на населението кое припаѓаа на разни
малцинства. Тука имаме Македонци, Грци, Власи, Роми, Египјани, Срби и
Црногорци со ралични култури и идеи.
Сакам да потенцирам дека во Резолуцијата што ја потпишавме лани големо
значење имаше проблемот со правата на малцинствата. Не посебно само за
македонското население, туку за сите малцинства. Маките на малцинствата во
Албанија за сите се исти. Ние бараме она што важи за албанското население во
Албанија, да важи и за другите народи. Ние сме лојални граѓани и за тоа
плаќаме даноци рамноправно. Значи, треба да имаме право како сите други
граѓани во медиумите, во економијата, во политиката итн.
РЕЗОЛУЦИЈА
МС: Кога ќе го посочите примерот "Какви се правата на албанското
малцинство во Македонија, а какви се правата на македонското малцинство во
Албанија", каков е нивниот одговор? Албанците во Македонија добија право
македонските пасоши за нив да бидат и на албански јазик ?
ФЕТАХУ: Да. Вистина. Албанците во Македонија имаат широки и големи
права. Да ви ја кажам вистината, во Резолуцијата што ја потпишавме лани, а
сакам да цитирам дел од неа: "Сите потписници на Резолуцијата бараат да се
изврши промена на Уставот на Албанија и да се направат измени и дополнување
што ќе ги гарантира следните права и слободи - важно е во Преамбулата на
Уставот на Албанија заедно со албанскиот народ да се именуваат и имињата на
сите етнички малцинства кои живеат во Албанија". Оттаму ќе произлезат и
други елементи како барањето во единиците за локална самоуправа јазикот и
писмото што го користат најмалку 20 отсто од граѓаните да биде службен јазик,
покрај албанскиот јазик. Охридскиот Договор се смета дека широко ги отвори
вратите за сите малцинства на Балканот. Ние мислиме ако тоа важи за
Македонија, мора да важи и за другите држави на Балканот. Ние не гледаме
никаква разлика меѓу Македонија и Албанија и мора да се имплементира
охридскиот Рамковен договор и во Албанија.
МС: Се знае дека македонската заедница не е добро организирана во
Албанија. Знаеме кои се причините. Но, сепак, покрај Вас активни се Едмонд
Темелко, Цветан Мазнику, Спасе Мазенковски... постојат повеќе политички
здруженија, нели?
ФЕТАХУ: Да. Од 1991 година, ние почнавме да се организираме. Минатата
година формиравме заедница на Македонците во Албанија составена од 4 друштва.
Оваа Заедница на некој начин е почеток на едно политичко организирање и
дејствување. Значи, ако со Уставот на Абанија ни е забрането да формираме
политичка партија, со оваа заедница ние можеме да ги браниме нашите
македонски интереси.
МС: Професоре Фетаху, кажете ни каква беше реакцијата во албанските
медиуми по Вашиот настап во Собранието на Албанија во Тирана?
ФЕТАХУ: Медиумите во Албанија покажуваат лоша слика околу проблемот
на малцинствата. Веднаш во весниците почна да се кажува дека Албанија е
хомогена држава, бројот на малцинствата според нив е само два отсто. Тие ги
сметаат нашите барања како противуставни. Видете, ова е стара песна со која
ние се бориме повеќе години. Затоа нам ни требаат македонски медиуми. Кон
тоа ние работиме. Со големо задоволство морам да кажам дека пред месец ипол
ние добивме позитивен одговор од албанскиот Совет за радиодифузија за
отворање на наше радио, тука во Тирана.
МС: Покрај она во Преспа, нели?
ФЕТАХУ: Таа радио-станица е првата што ја отворивме во Преспа! Оваа
ќе биде втора и ќе биде појака.
ПРАВА
МС: Професоре, би Ве запрашале, според Вас, кои би биле местата каде што
има 20 отсто македонско население каде што може македонскиот јазик да биде
официјален јазик во Албанија?
ФЕТАХУ: Македонците се сконцентрирани во три региони: Преспа, Голо
Брдо и Гора. Таму населението е 100 отсто македонско и го користат
македонскиот јазик како мајчин јазик. Таму веднаш мора да се имплементира
барањето и Резолуцијата за тој проблем. Во Тирана живеат околу 30.000
Македонци. Не се на едно место и затоа мора да се користи радио и телевизија
на мајчин македонски јазик, мешано со 30 отсто на програмата и на албански
јазик.
МС: Професоре, сакам да Ве запрашам за средбите на премиерите Фатос Нано
и Бранко Црвенковски, а исто така и Илир Мета и Владо Бучковски, министрите
за одбрана. Едмонд Темелко беше присутен таму, не знам дали и Вие бевте
присутни? Меѓутоа, нас не интересира каков е Вашиот впечаток од сето тоа.
Тие ветија дека ќе има позитивни резултати, но сепак границата Македонија -
Албанија е многу лесно проодна и се случуваат големи грабежи и убиства на
македонското население?
ФЕТАХУ: Да. Јас бев присутен на тој состанок заедно со претседателот
на македонската заедница, Цветан Мазнику, и со Едмонд Темелко. Да ви кажам
право, ние поддржуваме такви состаноци меѓу премиерите или меѓу министрите.
Средбата на премиерите ја сметам како прв чекор на некој долг пат на двете
држави. Искрено да ви кажам, во Албанија има еден лош менталитет за
Македонците во Албанија. Албанскиот фактор во Македонија е голем притисок на
македонските структури во Македонија. Сакам отворено да кажам дека спасот и
судбината на Македонија е многу тесно поврзана со судбината на Македонците
во соседните држави. Поважен е еден пратеник Македонец во Софија, Атина или
Тирана, отколку 100 тенкови купени од некои држави. Македонскиот фактор во
соседните земји е слаб. Стотици илјади Македонци во Албанија, Бугарија и
Грција мора да играат голема улога за да ги бранат интересите на татковината
Македонија. Тоа, мислам, не е сфатено сериозно од политичките структури во
Македонија.
МС: Професоре во право сте! Голем пропуст прават Владите на Македонија
што се откажаа од македонското малцинство во Грција и во Бугарија. За жал,
нас во дијаспората не сметаат повеќе како непријатели на нашата татковина.
Знаеме колку придонесува албанското лоби за нивната кауза, колку придонесе
хрватското лоби, исто така еврејското Лоби, грчкото лоби... Сите тие
помагаат во своите матични држави. Зошто кај нас мора ова да се случува?
ФЕТАХУ: Па, видете, јас би сакал да кажам дека македонското општество
не е ослободено од концептите на Југославија. Потоа, јаката и голема
политичка борба меѓу двете најголеми македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ,
немаат крај, немаат разбирање и тоа го користат другите партии. На крајот,
можеби таква ни е судбината да живееме во вакви лоши времиња. Сметам, дека
кај главните македонски лидери мора да има разбирање и прифаќање на
вистината дека победата треба да се бара во некој друг концепт или начин. Во
светот се знае дека идеолошки мора да има разлики, а тоа не значи да не
градат национална стратегија за иднината на Македонија. Тоа јас го гледам во
Албанија. Двете најсилни партии се борат една против друга, но кога е во
прашање албанскиот интерес, националното прашање, тие имаат јасна
стратегија. Барем ние треба да учиме од тоа.