КОМЕНТАР

Македонски плурализам

САДАМ Е ВИНОВЕН

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Веродостојни станаа информациите според кои токму албанското подземје & ги подотвора вратите на Ал Каеда за влез на стариот континент. Тоа го поткрепија и американските разузнувачки организации.
  • Цели 13 години лежиме во теглите на американските експериментални лаборатории во кои се тестира нашата отпорност и издржливост, во кои се испитува пулсот на нашиот анемичен и веќе ослабен организам.

Конечно се запишавме на листата на првите триесетмина во светот. Навистина "звучни" имиња. Авганистан, Албанија, Азербејџан, Еритреја, Етиопија, Узбекистан... Меѓу нив и Македонија. Сите овие, предводени од светските полицајци, ќе се борат против светската закана од оружјето за масовно уништување. Сите овие веќе десетина дена го соборуваат еден од последните диктатори на планетава, големиот Садам. Е, храброст е нема што. Но, истовремено сите тие имаат и свои сметки кои на крајот од освојувачката експедиција на Блискиот Исток ќе им ги испорачаат на "благородните" дарители и спонзори, Американците. Албанија како цврст сојузник на Вашингтон ќе се обиде што поскоро да издејствува полноправно членство во НАТО-пактот. Еритреја веројатно добила "чесно" ветување од Бушовата администрација дека ќе добие независност отцепувајќи се од границите на Етиопија. Но, од друга страна, останува нејасно што добива етиопската држава со прифаќањето да влезе во сојузничката коалиција.

Нашите потреби се доста пообемни од преостанатите партнери во нововостановената групација на светски разоружувачи. Од една страна името, од друга страна членството во НАТО, од трета економијата, од четврта страна кревките граници во регионот и слично.

Со нас Американците можат многу да се намачат, затоа што фактурите за исплата би биле мошне содржајни и комплексни. Да ни позавиди некој на наивноста и тупавоста со која нашите институции пристапија во оваа каша. Безглавото талкање по меѓународните патишта и раскрсници по вторпат не вброи во т.н. банани-држави од најнизок ранг кои до крај послушно се однесуваат пред боговите на политиката.

"БАНАНА" ДРЖАВА!

Првиот пат влеговме во бананите пред пет години кога Циле ни ги донесе Тајванците како наши економски спасители. Но, веројатно не бил само Циле лаком по тропските банани. Имало уште многу како него кои преку ноќ сакале да го постигнат својот сон од утопијата која ја пропагираат, но за да не биде се така депремирачко и сиво, нашите западни пријатели вешто се погрижија да не удостојат пред светската интернет јавност со истакнувањето на нашето уставно име, Република Македонија. Дали како гест на добра волја, односно како награда за нашата поддршка за напад врз Ирак, или како казна за Грците кои се спротивставија на воената интервенција, допрва ќе увидиме. Сепак, анализите кои се уште се во оптек околу последиците кои би настанале со македонското учество во сојузничката коалиција за соборување на Садам, не стивнуваат.

Постои голем расчекор меѓу поддржувачите на воинствената опција и оние кои се против какво било учество на македонските потенцијали во кампањата на западните сили. За позитивните аспекти и ефекти кои би произлегле од претпоставениот успех на сојузниците, се уште е рано да се зборува. Прво, поради тоа што не се знае како и со кои средства Македонија ќе си го заврши својот дел од Проектот на Американците и второ, поради тоа што ништо не е прецизирано што земјава би добила како награда од американската администрација. Значи, додека нагаѓаме што ќе компензираме од авантурата многу поизвесни се последиците и опасностите кои ќе не демнат во блиска иднина како резултат од нашата пристрасност во овие случувања. Да не зборуваме дека значително ќе го забавиме нашето интегрирање во европските економски институции, односно во ЕУ, бидејќи поголемиот дел од европските земји јасно застанаа против употребата на сила која значи кршење на меѓународното право. Франција, Германија и преостанатите нивни сојузници очекувано ќе се обидат да ги казнат приврзаниците на војната, потенцијални кандидати за влез во европското семејство. Албанија, Македонија и сличните на нив повторно во наредните години ќе мораат да преживуваат со донираните американски грантови од неколку милиони долари, да ги пребродуваат кризите со понизните аранжмани од ММФ и светската банка наместо да работат на долгорочната стратегија за влез низ европските порти. Јасно е дека македонската Влада ќе се обидува да се врати на европските патеки, јасно е дека ќе работи на реформите зацртани во спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, но секогаш официјален Брисел ќе добива контраудари за дезертерство што деновиве државава го прикажува.

Тоа е едната страна од негативните аспекти кои неминовно би уследиле во поствоениот период на Средниот Исток. Другата би се базирала на безбедносните случувања кај нас со сериозни импликации врз поширокиот регион на нашето опкружување. Имено, Република Македонија со самото прифаќање да земе учество во западната коалиција за соборување на режимот на Хусеин, експресно е етикетирана како земја коагресор. Сето тоа ја повлече работата исламските фундаменталисти распространети ширум светот, приврзаниците на терористичката мрежа Ал Каеда и припадниците на арапските и муџахединските фанатични кругови, да ја стават Македонија на листата на отстрел, на списокот на земји против кои џихадот ќе дејствува. Дали претходно македонските државни институционални органи ја предвидоа ваквата последица која би имала сериозни реперкусии по и онака кревката безбедносна состојба? Добро ни се познати скорешните сознанија дека мрежата на Бин Ладен активно и интезивно соработува со албанската мафија и албанските екстремистички групи низ цела Европа и посебно на Балканот. Веродостојни станаа информациите според кои токму албанското подземје & ги подотвора вратите на Ал Каеда за влез на стариот континент. Тоа го поткрепија и американските разузнувачки организации. Зад тоа застана и американскиот државен секретар Колин Пауел кој додаде дека сега не е време да се расчисти со тие екстремни елементи присутни на Балканот. Но, додека на Американците им дојде времето за да расчистат со нивните непријатели од поситен калибар, дотогаш таквите радикални компоненти уште повеќе ќе ги пуштат корените на овие простори, па оттука многу потешко ќе биде нивното елиминирање. Познато е колку балканскиот регион е богат со фундаменталисти, фанатици и криминалци, па оттука се ова деновиве што се случува во светот и отвореното застанување на дел од балканските земји на страната на напаѓачите, дополнително ги усложни работите по сопствената, но и по регионалната стабилност.

МАКЕДОНИЈА НА КОЛЕНА!

Не демне опасност во кризните региони од продолжување на серијата атаци и палежи од качачките банди кои по својата идеологија и методи на работа по ништо не се разликуваат од јатаците на Садам и оние на Бин Ладен, не демне опасност од урбаните средини и градовите од нови терористички напади врз витални објекти за интегритетот на државата, не демне опасност нашите сојузници од Лондон и Вашингтон да го принудат нашиот војсководец Борис и гардата на Бранко да примат извесна количина невини Курди и Ирачани, бегалци и протерани од Средниот Исток затоа што никој од соседите на Садам не се нафаќа тоа да го стори, а како локација за новите кампови се споменува Криволак. Е, навистина нашиот државен врв ја одбра стратегијата како да & се приближи на Европа, како да чекори по патот на демократијата и цивилизацијата. Воодушевени сме сите, нема што.

Македонските државни власти без разлика за која досегашна гарнитура станува збор, без оглед дали е десницата на Георгиевски, или левицата на Црвенковски, или некоја друга опција која утре или задутре би се појавила, време е да почнат со изготвување на одамна пропуштената национална стратегија. Цели 13 години лежиме во теглите на американските експериментални лаборатории во кои се тестира нашата отпорност и издржливост, во кои се испитува пулсот на нашиот анемичен и веќе ослабен организам. Најлесно е да се биде нечиј полтрон, да се биде механички поставена марионета, најлесно е да се даде сопствениот задник под кирија и на тој начин да владееш со туѓиот ум, сила и моќ. До кога задникот ќе ни биде завртен назад, до кога ќе се однесуваме по принципот на наведување? Тежината која стои врз плеќите на македонското општество станува се потешка, а од друга страна катадневно добиваме и слушаме вербализми за просперитет, за средување на хаосот и безредието.

Утре или во блиската иднина ќе мораме да го платиме цехот од наивните чекори кои нашите избраници ги преземаат за заштита на сопствениот интегритет пред глобалната дипломатско-политичка јавност. Начелото "да сториме се за да не се препираме со западната политика" треба што поскоро да го надминеме во практиката. Секој чекор преземен досега од македонските институции во ниту еден процент не се совпаѓа со државните и националните интереси на граѓаните, но затоа пак големите сили ги остваруваат целите кои по секоја цена мора да се остварат за продор на сите стратегиски точки ширум планетава. Ирак е само последното нешто од серијата погрешни чекори преземени во последната декада од кое последиците допрва ќе се почувствуваат како по нашиот политички углед во меѓународното општество така и по двете основни точки за нашето опстојување - безбедноста и економијата. И по веќе неколкупати виденото сценарио, сојузниците ќе немаат доволно време за да ни придадат значење и внимание во поствоениот период на Блискиот Исток затоа што обврските ќе им бидат преку глава. Одвреме навреме како на пците ќе ни фрлат по некоја зелена банкнота за да не креваме многу врева, а тоа што стандардот и натаму ќе ни тоне и пропаѓа, повторно ќе ни го пратат Розвадовски од ММФ за да му сервира уште еден поразителен аранжман на првиот финансиер Гошев. Па елегантно ќе ни ги "намалат" даноците и повторно се од почеток. Уште еднаш ќе ја свртиме изгребаната плоча од филхармонијата за македонското пропаѓање. А тоа што фундаменталистите од свој агол ќе се обидат да ја разнишаат и онака непостоечката сожителна градба меѓу етничките заедници во државата, нема да биде ништо за изненадување и вчудоневидување. Повторно државните мудреци "итро" ќе постапуваат и само ќе гледаат како во воздух летаат контејнерите по градските авении, како се рушат ѕидиштата на судските зданија, како се кинат пругите по кумановското поле. И кој ќе биде виновен за сето тоа? Па Садам, разбира се!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"