Георгиевски ја напушта лидерската функција?!

Сите се изненадени од најавата за претстојното повлекување на Љубчо Георгиевски од претседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски се споменува како најсериозен кандидат за претседател на партијата, а понудата за лидерско место, која инаку ја одбил од Георгиевски, тој и официјално ја потврди. За потпретседателот Марјан Ѓорчев информациите за повлекувањето на Георгиевски се само шпекулации. Во игра за нов лидер на партијата се и Ганка Самоилова - Цветановска и Ден Дончев.

Државната нафта ја чува АНА!

Складиштето на "Макпетрол" за нафтени деривати кај кумановското село Ваксинце конечно е обезбедено, и тоа двојно. Преку ден складот го чуваат мешаните полициски единици, а штом ќе падне првиот мрак, нивната улога ја преземаат припадниците на АНА. Мешаните патроли на полицијата складот не го чуваат ноќе, бидејќи стравуваат за нивната безбедност. АНА го чува складот ноќе, со објаснување дека тоа ќе им треба за војната, која се подготвува да започне набрзо во тој регион.

Блокади на железницата во Кумановско

На железничката пруга во Кумановско постојано се поставуваат камења. Со тоа се отежнува сообраќајот на меѓународниот правец Скопје - Белград и се предизвикуваат и штети, велат надлежните во Македонски железници. Според нив, тоа не важи само за кумановскиот регион, но таму се почесто и со намера се поставуваат камени блокади. Железници во истрагата соработуваат со полицијата, но нема трага од сторителите. Се претпоставува дека ги поставуваат стручни луѓе, но во некои случаи има и деца кои прават блокади. Минатата недела на истиот правец беше поставена мина која експлодира под патнички воз. Полицијата трага по минерот и поднесе пријава против непознато лице за кривично дело тероризам.

Предлог за легализирање на прислушувањето

Владата ќе му предложи на Собранието да го легализира прислушувањето преку промена на член 17 од Уставот, изјави владиниот портпарол Сашо Чолаковски. Според Чолаковски, Владата ја покренува оваа иницијатива за сите видови комуникација, а целта е да се засили борбата против организираниот криминал.

Пристигнува новата мисија на ЕУ!

Новата мисија на евросилите во Македонија, кои ќе ја заменат на 31 март "Сојузничка хармонија", најверојатно ќе се вика "Конкордија" (Слога). Правната рамка за престојот на евросилите е решена, со договорот СОФА. Според договорот СОФА, персоналот на мисијата на ЕУ ќе има секаков вид имунитет и привилегии како што имаат дипломатите.

Концепцијата за национална безбедност и одбрана

Македонија наскоро, можеби за неполн месец, ќе ја добие Концепцијата за национална безбедност и одбрана, стратегиски документ од витална важност за земјата. Концепцијата за национална безбедност и одбрана ја изготвува Владата, а ја донесува Парламентот. По 12 години самостојност, Македонија можеби остана единствената држава од регионот без клучните безбедносно-стратегиски и развојни документи. Од тие причини, владин тим, составен од експерти на МНР, МО и МВР изминативе два-три месеца работеше на нацрт-верзијата на овој долгоочекуван стратегиски национален документ.

Зголемен бројот на невработени под 30 години

На крајот на минатата година, бројот на невработените во земјава, според евиденцијата на Заводот за вработување на Република Македонија, изнесува 374.144 лица, што е за околу 10.000 повеќе во однос на 2001 година. Паричен надомест по основа на невработеност лани примале 46.772 невработени, што е за 13 отсто повеќе од 2001 година.

Вториот мобилен оператор може да стартува

Вториот мобилен оператор може да почне да работи по потпишувањето на договорот за меѓусебно поврзување на мрежите помеѓу "Македонски телекомуникации" и МТС. За кратко време МТС ќе профункционира.

Затворени погони од велешката Топилница

Државниот инспектор за животна средина затвори три погони од Металуршко-хемискиот комбинат "Злетово" во Велес. МХК е задолжен веднаш да го прекине производството во тие три погони.

ЕУ бара реформи во Македонија

Земјите од Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија, се следните за влез во Европската унија, меѓутоа секој има свој индивидуален пат. ЕУ на Македонија & порачува дека & претстои сериозна и тешка работа. Пред нас се понекогаш и болни реформи и прилагодувања, а тие реформи треба да се забрзаат, тврди ТВ А1.

Она што се очекува од македонската Влада од страна на граѓаните е да се започне со реформите, без оглед што може да се тешки и болни. Да се покаже поголема одлучност во забрзувањето на целиот процес и ставање крај на спороста и тромоста, доколку сакаат да добијат не само добри оценки во Унијата, туку и дома, кај својата јавност.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"