КОМЕНТАР

Сито и Решето

ПАСОШКА ЛАКРДИЈА

Од Редакцијата

Пратениците дадоа "изим" за новите патни документи (пасоши) со кои никаде не може да заминеш, освен ако не си дипломат. Тие ќе бидат тријазични, оти не можат да се смират албанските национал-шовинистички страсти. Но, како тргнале да бараат се и сешто, па дури и она што не треба, набргу пратениците (Македонци) ќе голтнат уште една јадица. Потоа следи друга јадица, па трета, четврта, петта итн.

Албанците во Република Македонија имаат безброј желби. Просто се ненаситни, ама што се случува со македонскиот "сој". Не можеме да го разбереме нивното коленичење. Постојано прават отстапки, а домот... камен по камен го уриваат. Каде утре ќе живее македонскиот народ? Ќе има ли тој народ своја држава?

Нели ни требаа петстотини и кусур години да се самоосвестиме и да дигнеме џева пред големите сили за да докажеме дека постоиме на Балканот. Дека сме македонски народ со традиција и со педигре. Ама овие ни го уништуваат коренот. Големите политичари, големите Македонци ни ја ставија главата в торба. Затоа во овој момент сме кабает што ги изгласавме, што им дадовме простор да манипулираат со нас малите, но горди и достоинствени Македонци.

ФАТАМОРГАНА

Европските држави одамна ги надминаа своите националистички страсти. Еуфоријата згасна во оној момент кога ги закопаа воените секири, а дури потоа ги збришаа границите. Затоа нивните граѓани сега слободно, од мерак си го прават кеифот. Одат на скијање во Норвешка, ама можат да се сончаат и на Палма де Мајорка. За нас тоа може само да биде фатаморгана. Наместо да имаме само три пластифицирани документи, нешто слично на виза-картичките, од кои едната ќе биде возачка, другата ќе ни го изразува социјалното, здравственото и пензиското осигурување и третата - документ за идентификација, ние се занимаваме со племенски ѓурултии. Издаваме пасоши кои нема да бидат соломонско решение за нараснатите проблеми во земјава. Тријазичните пасоши во овој миг не вредат ниту за тоалетна хартија. Затворени сме во ова трло од Табановце до Гевгелија затоа што никој не не сака. Бидејќи очигледно сме нецивилизирани, иако потекнуваме од мошне стара античка и македонска цивилизација. Пасошот ќе ја урне Република Македонија на ист оној начин како што се сруши Вавилонската кула, оти градителите сакаа да бидат поблизу до Господа. Арно ама, за поука, за ум и пред се разум, Господ им го врза јазикот на народите и нациите. Тие зборуваа, ама не се разбираа меѓу себе и затоа малтерот не го врзуваше градежниот материјал.

ПЕПЛОСАНИ

Покажавме, но и експлицитно докажавме дека како народ, како нација не сме дораснати во умот. По многу векови, по многу крв и загинати херои, се обидуваме се да уништиме. Па дури и сопствениот род и пород. Затоа почнавме да создаваме пепел од Република Македонија. Зарем пратениците ќе сеат пепел низ нашава земја? Очигедно тоа и го прават. Нивите ги заораа со омраза и страотни делби и поделби.

Меѓутоа, пеплосувањето започна со слушалките, продолжува со пасошот, а утре, не дај Боже, ќе се разбудиме на некој друг чифлик или пашалук. Но, паши и бегови веќе имаме, бидејќи токму таквите владеат со вазалите (македонскиот народ). Ни крадат нафта пред очи, а ние молчиме. Се правиме ќорави, ама и власта е слепа. Ја фатила иста болест како и претходната. Времето си врви, карваните си поминуваат, а кучињата си лаат. Се останува по старо. Во Македонија ништо не се менува на добро. Насекаде може да забележиме колку сме во зијан. Колку сме до гуша во долгови, а работите не се помрднуваат од место. Само нас не прават "мрднати". Ќе постои ли политичка сила што ќе застане на патот што не води кон бездната?

Само македонскиот народ може да го спречи сопственото тонење. Ако тоа не го направи, утре можеби македонскиот јазик ќе биде втор, односно трет, четврт, а во некое догледно време и постои шанса да не се пронајде на корицата на пасошот. Како тргнале работите забрзано да се одвиваат, тоа не ни гине. Ќе не збришат од Балканот, а ние се уште ќе бидеме во бунило, бидејќи немавме доблест да се побуниме против класичната неправда што ни ја нанесуваат домашните политички превртливци.

ЧОРБА

Заробени од власта, од желбата за удобна фотелја, сегашната гарнитура пратеници му нанесе ненадоместлива штета на македонскиот народ. Џабе им е аргументацијата која во последно време оди против националните интереси. Или, впрочем, кога за последен пат тие се чукнале по глава за да се запрашаат каде одат со изнудените решенија. Тие ниту во еден момент не ја подобрија безбедносната ситуација во Република Македонија. И конечно, нека се разбудат. Нека ги погледнат колегите Албанци, довчерашните терористи во очи, дали тие воопшто сакаат да бидат лојални граѓани на оваа земја. Не плаќат струја со години, а сакаат да имаат електрична енергија, да градат патишта, да имаат локална самоуправа. Локалната инфраструктура не може да се гради само од парите на Македонците и другите заедници!

Многу пари ќе бидат потрошени и за пасошката лакрдија. Но, што фајде ќе има од тоа. И натаму постојат џадиња по кои можат да одат полицајците, но постојат патишта и по кои не можат да минат. Тоа е денес реалноста на Македонија.

Очигледно ништо не научивме од црното минато. Приклештени сме меѓу овие планини и долини. Живееме со заостанати сфаќања, поделби, ѕидишта и меѓи. Се гетоизиравме на левиот и десниот брег на реката Вардар. Историјата покажа колку е лошо да се живее во специјални делови. Впрочем, таквата политика ги создаде гетата од кои не мрднаа Евреите. Но, и црнците не мрднаа од Харлем и Бронкс, кои останаа црни петна на Њјуорк. И таму и ваму цвета дрогата, проституцијата, безработицата, сиромаштијата. Тоа се вистинските проблеми, не националните чувства или страсти. Овие проблеми не бираат боја, нација или народ. Тие го туркаат народот, па макар тој да бил и македонски, албански, или кој друг, во бездната. Оттаму никој не се вратил жив. Затоа современите маченици за националната и шовинистичка кауза не се вистинските борци, туку се кочничари за подобрата иднина која, сакале или не, мораме заедно да ја градиме. Во оваа чорба сме сите и затоа мораме да ја сркаме, без разлика колку ни одговара и колку е горчлива. Така е кога не размислуваме за неа и не мислиме на националните и државните интереси на Република Македонија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"