СПОРТ

Нескриен оптимизам во македонската селекција за идните натпревари

ДА ВИДИМЕ КОЛКУ ВРЕДИМЕ

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Се создаде позитивно мислење за селекцијата што ја гради селекторот Илиевски, за тактиката која ја поставува, каде што можеби за прв пат може да се види дека играме фудбал без респект. Имено, повеќе не се слушаат коментари од типот дека нашата репрезентација ја сочинуваат играчи кои треба уште долго "да го јадат фудбалскиот леб" за да можат да го облечат дресот на македонската репрезентација. Очигледно визијата, концептот на Илиевски полека, но сигурно, се прифаќа и од страна на нејзините најлути критичари.
  • Она што треба да не радува се и изјавите на Илиевски кој беше на турнеја за да ги следи настапите на нашите репрезентативци и за сите имаше пофални зборови. Радува и фактот дека односите со Миле Крстев се нормализирани и тој повторно се враќа во репрезентацијата.

Македонската фудбалска репрезентација на 29 март го продолжува циклусот наквалификации за Европското првенство кое во 2004 година ќе се одржи во Португалија. Наш нареден противник е репрезентацијата на Словачка која истовремено е и наш голем должник поради тоа што на два пати досега не посрамоти со тоа што не победи со по 5:0 со што воедно & ги нанесе и најтешките порази досега на македонската репрезентација.

Токму поради ваквиот резултат, овој натпревар се очекува со големо внимание, а и поради самиот факт дека ова е прв официјален натпревар по оној историски резултат од 2:2 против Англија во Саутемптон.

ОПТИМИЗАМ

Помеѓу македонските вљубеници на фудбалот владее еден скриен оптимизам дека, ете, сме кадарни со една серија од добри резултати во квалификациите да им ги замрсиме сметките на таканаречените сигурни фаворити и дека, ете, можеби по некаков чуден тек на работите дури и ние самите ќе се замешаме во битката за второто место кое води во баражот што би било досега наш најдобар успех постигнат на кои и да било квалификации.

Логично е сега да се постави прашањето на што се должи овој оптимизам и што ја подгрева атмосферата до тој степен да се доведеме до состојба дури и да се закануваме!? Очигледно е дека оптимизимот се должи на континуираните добри резултати кои ги постигнува нашата репрезентација и тоа на турнирот во Хрватска каде што постигнавме добри резултати и покрај фактот дека настапивме со една закрпена репрезентација. Втор фактор кој е пресуден за присутниот оптимизам е и фактот што полека се создаде позитивно мислење за селекцијата што ја гради селекторот Илиевски, за тактиката која ја поставува, каде што можеби за прв пат може да се види дека играме фудбал без респект. Имено, повеќе (барем засега) не се слушаат коментари од типот дека нашата репрезентација ја сочинуваат играчи кои треба уште долго да го јадат фудбалскиот леб за да можат да го облечат дресот на македонската репрезентација. Очигледно визијата, концептот на Илиевски полека, но сигурно, се прифаќа и од страна на нејзините најлути критичари. И третиот фактор кој во огромна мера влијае врз атмосферата се секако смелите, па дури и дрски, изјави на самиот селектор кој најавува дека во овој цуклус на натпревари ќе се оди на максимален број победи. А, пак, она што ја подгрева самата атмосфера се се уште свежите англиски 2:2 и еуфоријата која владее меѓу македонските навивачи.

Како и да е, со големо нетрпение се очекува дуелот со Словачка, која овде се чувствува како наш голем должник. И самиот факт дека Словачка доаѓа дури со осум репрезентативци кои ни ги нанесоа тие тешки порази, треба да претставува наш дополнителен мотив. Но, треба да се напомене дека и атмосферата во нашата репрезентација е значително сменета затоа што тогаш под водство на Ѓоре Јовановски имавме атмосфера на бојкотирање на репрезентацијата од нашите клучни играчи. За разлика од тогаш, пак, сега имаме една прекрасна другарска атмосфера која многу значи за самодовербата на овие млади момчиња.

ПОРТУГАЛИЈА

Но, уште една вест ја возбуди македонската фудбалска јавност овие денови. Имено, од Фудбалската федерација на Македонија стигнаа одлични вести дека е договорен натпревар со домаќинот на следното Европско првенство - Португалија. Тоа беше една одлична новост затоа што Португалија, за која сите знаеме што значи во европскиот фудбал, ќе биде една од најсилните репрезентации со која сме ги одмериле силите. Навистина, подобар противник од Португалија за измерување на нашите моментални способности не можевме ни да избереме. Да се игра Против Фиго, Нуно Гомеш, Жоао Пинто и компанија ќе претставува навистина големо искуство за нашите голобради момчиња.

Она што треба да не радува се и изјавите на Илиевски кој беше на турнеја за да ги следи настапите на нашите репрезентативци и за сите имаше пофални зборови. Радува и фактот дека односите со Миле Крстев се нормализирани и тој повторно се враќа во репрезентацијата.

Како и да е, наш приоритет треба да биде Словачка. Сите се надеваме дека ќе биде победена за да продолжи континуитетот на добри резултати на нашата фудбалска репрезентација. Со добрите резултати ќе расте и нашиот рејтинг, а тоа значи дека и во иднина ќе имаме атрактивни противници.

Им посакуваме многу среќа на нашите момчиња и се надеваме дека и натаму ќе пишуваме за нивните победи.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"