лутарх пишувал за Македонците и
во други свои дела, освен оние што веќе ги наведовме во минатите
продолженија. Во својата Биографија за Като Помладиот, Плутарх го споменува
македонскиот владетел на Египет - Птолемеј Дванаесетти (татко на славната
кралица Клеопатра Седма). И ова свое дело Плутарх го напишал околу 75 година.
Като Помладиот бил римски говорник и правнук на Като Постариот. Се родил
во Рим во 95 година пред Христа. Бил опонент на триумвиратот и му се
спротивставил на Помпеј Велики, а подоцна и на Јулие Цезар. Бил сметан како
многу влијателен човек во Рим. За време на граѓанската војна помеѓу Помпеј и
Цезар, Като Помладиот застанал на страната на Помпеј. Откако се видело дека
Цезар ќе ја добие војната, Като Помладиот извршил самоубиство за да не падне
во негово заробеништво. Тоа се случило во 46 година пред Христа. Од сите
негови пишани дела досега е зачувано само едно, и тоа писмото до Кикерон.
Като Помладиот бил татко на сопругата на Брут (убиецот на Јулие Цезар).
Што се однесува до спомнувањето на Македонија и на одделни Македонци во
Биографијата на Като Помладиот, напишана од страна на Плутарх, овде
најнапред читаме дека Като Помладиот извесно време престојувал во Македонија.
Таму Като Помладиот бил испратен за да му се придружи на римскиот генерал
Рубриј, кој во тоа време престојувал во нашата земја. Като Помладиот,
всушност бил испратен во Македонија по задача откако бил избран за трибун.
Плутарх пишува дека сопругата на Като Помладиот била многу загрижена кога
разбрала дека тој ќе оди во Македонија. Во неколку реченици е опишан
престојот на Като Помладиот среде римските војници во Македонија. Подоцна
читаме дека тој со брод од Солун заминал од Македонија.
Што се однесува до спомнувањето на македонскиот владетел на Египет
Птолемеј Дванаесетти, тој во Биографијата на Като Помладиот е спомнат
неколку пати и тоа во контекст на одделни епизоди од неговите тогашни односи
со Рим, кога се обидувал да ја зачува самостојноста на Египет.
МАКЕДОНИЈА ВО БИОГРАФИЈАТА НА КИМОН
Македонија е спомната и во Биографијата на атинскиот генерал и говорник
Кимон. И за ова дело се смета дека Плутарх го напишал кон крајот на првиот
век по Христа.
Кимон се родил околу 510 година пред Христа. Неговиот татко бил Тракиец,
кој ја стекнал својата слава поради победата во познатата битка помеѓу
Атињаните и Персијанците кај Маратон. Слава на познат војсководец стекнал и
Кимон. Тој ги избркал Персијанците од хеленските територии. Подоцна, заедно
со генералот Аристид, Кимон тргнал во поход за ослободување на хеленските
градови во Мала Азија, кои тогаш се наоѓале под персиска власт. Во
поморската битка што се одиграла во 466 година пред Христа, Кимон успеал да
ги порази Персијанците при што заробил двесте нивни бродови. Персијанците
доживеале пораз и на копно. Но, подоцна Кимон бил отстранет од војската
затоа што учествувал во внатрешните судири помеѓу Грците. Подоцна бил
рехабилитиран. Починал околу 450 година пред Христа.
Во Биографијата на Кимон многу е малку пишувано за Македонија. Меѓутоа,
оваа биографија е многу важна од еден друг аспект за денешново истражување
на идентитетот на античките Македонци, на кој ќе се задржиме во продолжение.
Но, пред тоа да кажеме нешто за спомнувањето на Македонија во
Биографијата за Кимон, напишана од Плутарх. Овде нашата земја (како држава)
е спомната само еднаш и тоа во контекст на воените успеси на Кимон. Откако
ги избркал Персијанците од Тракија и од хеленските територии, Плутарх пишува
дека патот на Кимон сега бил отворен и кон Македонија (во смисла на нејзино
потчинување и ставање под влијание на Атина). На чело на Македонија во тоа
време бил Александар Први. Атињаните се надевале дека Кимон ќе ја стави под
нивна доминација и оваа природно богата земја, но тоа не се случило. Од
нејасни причини Кимон не ја освоил Македонија, која и натаму останала
независна држава. Овој гест на Кимон бил дочекан со негодување од страна на
Атињаните, кои подоцна, откако Кимон паднал во политичка немилост, го
обвиниле дека примил мито од македонскиот крал и дека затоа не ја освоил
Македонија.
Доколку ова е вистина (за што има индиции, во недостиг на други
посериозни толкувања на ваквиот гест на Кимон кон Македонија), тогаш ова е
уште еден доказ за мудрата политика на македонскиот крал Александар Први,
кој својата слаба држава успеал да ја одржи како независна во тие несигурни
и бурни времиња на меѓусебна војна помеѓу моќните Атина и Персија.
Потсетуваме дека за да ја одржи, тогаш слабата, Македонија како држава,
Александар тајно преговарал и со Персија и со Атина. Овде, пак, гледаме дека
не се воздржувал ни мито да употреби само за да ја задржи независноста на
Македонија. Можеби некој денес ќе му забележи на Александар Први за неговата
навидум "понижувачка" улога (кога, така речено, им се "молел" и на Персија и
на Атина), но тој направил огромна работа - ја зачувал македонската држава
за идните генерации! Подоцна истата таа држава станала светска велесила,
која воено ги поразила и Персија и Атина. Доколку Македонија ја снемало како
држава уште во времето на Александар Први, тогаш не верувам дека сега некој
би го споменувал ова име во светот (освен можеби историчарите). Но, тој
сепак ја зачувал Македонија. Тој бил свесен дека со сила не може да се
спротивстави ни на Персија, ни на Атина, кои можеле за кратко време да ја
потчинат Македонија и да ја избришат како држава. Затоа нему му останала
само мудрата политика и надежта дека еден ден следните генерации Македонци
ќе успеат полека да ја зајакнат оваа држава (што, впрочем и се случило со
Филип и Александар Трети Македонски).
Мислам дека денешнава состојба во Македонија во многу потсетува на
Македонија од времето на Александар Први и дека нашиве денешни политичари
треба да го имаат предвид искуството на овој македонски крал.
ГРЦИТЕ СЕ СПРОТИВСТАВУВААТ НА МАКЕДОНЦИТЕ
А сега да се вратиме на она што го најавивме, а тоа е фактот што во
Биографијата на Кимон е спомнат еден интересен податок, кој индиректно ги
поткпрепува податоците за етничките разлики помеѓу Македонците и Грците. За
да го објасниме ова подобро ќе се потсетиме на еден значан настан што се
случил за време на освојувачкиот поход на Александар Македонски. Притоа
прилично ќе се оддалечиме од нашава основна тема, на која потоа пак ќе се
навратиме.
Познато е дека по расчистувањето на односите со грчките градови на
територијата на денешна Грција, Александар Македонски навлегол во Азија, т.е.
на територијата на тогашна Персија. На тогашниот западен брег на Персија (денешниот
западен брег на Турција што излегува на Егејско Море), тогаш имало поголем
број градови населени со Грци, кои биле окупирани од Персија. Бидејќи
населението во овие градови било грчко, кога Александар навлегол во Персија,
ова население требало да го дочека како свој ослободител од персиското
ропство. Дури и самиот Александар верувал дека Грците од овие градови ќе се
радуваат на неговото доаѓање, затоа што не само што ќе ги ослободи од
Персија, туку и ќе им го врати "хеленскиот дух" и повторно ќе ги спои со
преостанатите грчки градови, од кои, насилно биле одделени. Но, не само што
не се случило тоа, туку и се случило сосема спротивното. Грчките градови во
Мала Азија го дочекале Александар како нов поробител поради што му се
спротивставиле со сите свои сили! Најжесток отпор на Македонците им пружил
градот Милет. За карактерот на овој град, за неговото спротивставување на
Македонците и за вчудовиденоста на Александар Македонски од ваквата постапка
на Грците од Милет, познатиот историчар Артур Вајгал пишува:
"Милет бил еден од главните центри на јонските Грци, неговата
цивилизација била грчка, неговиот заповедник бил Грк од Грција. Оваа личност
во првиот момент покажала желба да се спогоди со Александар, но подоцна,
решила да му остане лојална на својот вазален господар Дариј, а било
очигледно дека и граѓаните на Милет повеќе сакаат мирно персиско вазалство
отколку сојуз со своите грчки земјаци преку Егејот. Тие немале желба да
добијат таканаречена слобода" ("Александар Македонски", Скопје, 1992,
стр. 182).
Настаните во продолжение зборуваат дека Грците од Милет пружиле жесток
отпор на Македонците, но на крајот нивниот град паднал. Во врска со ова
Вајгал пишува:
"Имало очајничка борба, но на крајот градот бил заземен, а
бранителите, кои им предизвикале прилични загуби на Македонците, биле лудо
убивани".
Но, Милет не бил единствениот малоазиски грчки град што им дал отпор на
Македонците. Ист таков отпор дал и грчкиот малоазиски град Халикарнас.
Главен бранител на овој град бил грчкиот војсководец Мемнон, кој претходно
се борел против Александар Македонски и во битката кај реката Граник, на
страната на Персија. Мемнон дури испратил и писмо до Дарие, велејќи му дека
ќе остане до смрт верен на Персија, а воедно примил и тајна помош од Атина.
Но, по жестока борба, Македонците го освоиле и овој град, а Мемнон избегал,
но подоцна умрел во Метилена од болест. Неговата жена Барсина подоцна му
станала жена на Александар Македонски.
Ваков бил и случајот и со грчкиот град Соли, кој се наоѓал на Родос. И
Грците од овој град не сакале ни да слушнат за Александар, а камо ли да го
пречекаат овој туѓинец како свој ослободител. Поради тоа, откако влегол во
овој град, Александар им наметнал на граѓаните тешки давачки.
Поради сето ова се поставува прашањето: доколку Македонците биле Грци,
зошто тогаш грчките градови и население, кои биле поробени од Персија, им
пружале толку голем отпор на Македонците? Нели би требало тие да се радуваат
на своето ослободување? Да речеме дека до некаде бил оправдан отпорот на
грчките градови-држави на територијата на денешна Грција против Македонија.
Атина, Теба, Спарта и другите, сепак, имале некаква своја самостојност, која
им била одземена од Македонците, но како да се објасни отпорот против
Македонците од страна на грчките градови и население од Мала Азија, кои се
наоѓале под персиска власт? Овие Грци својата радост кон туѓите Македонци ја
искажале со жесток отпор против нив, поради што и мнозина од нив платиле со
животите.
Подоцна Александар добил и други докази дека Атињаните тајно соработувале
со Персијанците против него. По неговото освојување на Дамаск биле
пронајдени многу писма кои сведочеле за предавството на мнозина Атињани.
Неговиот сон дека Грците ќе го дочекаат како ослободител од Персија пукнал
како меур од сапуница. Артур Вајгал (цит. дело, стр. 216), во врска со ова
пишува.
"Александар престанал да се однесува како грчки ослободител и ја
презел поумната улога на македонски освојувач".
Од Дамаск била донесена голема преписка и некои писма го откриле
предавството на многу Атињани и други Грци, кои се допишувале со Дарие. Но,
Александар во ова време веќе бил целосно свесен за фактот дека сегрчката
природа на неговиот воен поход, во која толку многу верувал во почетокот, е
илузија и затоа ваквите откритија многу не го повредиле или вчудовиделе,
како што тоа му се случило претходно.
Затоа Вајгал заклучува дека азискиот поход на Александар бил (цитат): "македонска
авантура во која Грција имала сиромашен придонес" (цит. дело, стр. 171).
Значи, историските податоци ни зборуваат дека Грците од Мала Азија, кои
се наоѓале под персиска власт жестоко се спротивставиле на Македонците, кои
дошле да ги "ослободуваат".
(Продолжува)