а подготовките на бунтот на Лав
Торник пишува и византискиот писател Михаил Аталаит, кој вели: "Но, еден
пролетен ден, додека тој бил стратег на Метилена (во Ерменија, з.м.)
среде македонската војска, која подготвила бунт, се јавило незадоволство..."
(исто, стр. 161).
Многу важни сведоштва за древната историја и географија на Македонија
наоѓаме и во делата на византискиот император Константин Седми Багренородни
(912 - 959), кој бил современик на последните бугарски владетели Симеон и
Петар. Во своето дело "За темите", овој император ни кажува како била
административно поделена Македонија во минатото - на Прва и на Втора или на
Долна и на Горна. Тој пишува: "Провинцијата Македонија (Втора, з.м.)
е под управа на хегемон и таа има осум градови: Стоби (кај Градско,з.м.),
Аргос (Велешко, з.м.), Евстрајон (Струмичко, з.м.), Пелагонија
(Битола,з.м.), Баргала (Штипско, з.м.), Календиј, Армонија и
Запара (можеби Оризари з.м.)". Ова известување на Константин
Багренородни е многу важно за нас, бидејќи на беспрекорен начин го отфрла
наметнатото туѓо етничко име на нашата земја. Значи, иако во тоа време
северна Македонија била под бугарска власт, тој пак си ја нарекува
Македонија.
НЕПОБИТНИ ДОКАЗИ
Византискиот писател Георги Акрополит (13. век) наведува кои градови ги
уништувал бугарскиот цар Калојан во 1206 - 1207 година. Тој пишува: "Серес
во минатото бил многу голем град, но Бугаринот Јоан (Калојан, з.м.)
го разрушил до темел" ("Бугарската воена уметност за време на
феудализмот", 1958, стр. 414).
Веќе во 14 век, поранешниот византиски император, Македонецот Јован
Кантакузин, опишувајќи ги нападите на бугарскиот цар Михаил Шишман во 1323
година, пишува: "Овде била целата војска од запад - македонската и
тракиската, сите тие кои биле во градовите на исток под власта на Ромеите"
(исто, стр. 428).
Многу често името на Македонија го спомнуваат и западните хроничари, но
за да не го оптоваруваме текстот, овде ќе изложиме само некои од нив.
Алберт Аквински (12 век) во делото "Историја", следејќи го патот на
крстоносецот гроф Вилхем, од Алвон на Јадранското Море, пишува: "Откако
се симнал на копното, тој отишол во градот Солун, кој се наоѓа во областа
Македонија" (ГИБИ, т. 8., стр. 164).
Од истиот период е и таканаречениот "Пегавски летопис", во кој бил
опишана Третата крстоносна војна, на чело со Фридрих Барбароса. Откако
неговите војски поминале преку Ниш и Софија, тие стигнале до "...Филипол,
најголемиот град во Македонија" (исто, стр. 205).
Да спомнеме и дека македонските писатели од тоа време, исто така, знаеле
дека му припаѓаат на народ, кој е различен од соседните Бугари, Грци и Срби.
Така, на пример, нашиот прв печатар, кој во 1560 година отпечатил Псалтир,
за себе напишал: "Јас, Јаков од пределите на Македонија, од местото
наречено Софија." (М. Дринов: "Сочиненија, т. 2, стр. 495). Македонецот
Јаков не ја распространувал својата книга во Бугарија, туку само во
Македонија и затоа во неговиот "Псалтир" од 1570 година, им се обратил на
читателите со зборовите: "Ако некој посака од оваа света книга, сите се
доставени кај Каратрифун во Скопје (исто, стр. 497).
МАКЕДОНСКОТО
САМОСОЗНАНИЕ ВО 19 ВЕК
Македонското самосознание било на високо ниво и во 19 век. Ќе наведеме
неколку примери за ова од првата половина на овој век.
Во 1834 година мелничанецот Димитрија Калампасизи, во Букурешт на грчки
јазик, објавил "Кратка практична аритметика", наменета за класните училишта
во Македонија. Среде многуте претплатници бил запишан и "многу
почитуваниот митрополит на Филипи и Драма и многу уважениот егзарх на
Македонија, господин Герасим". За истата книга, еден од учениците во
Асеновград се претплатил на истата книга под името "Димо Темистоклов,
Македонец".
Во 1844/1845 година, рускиот филолог Виктор Григорович ја обиколил цела
Македонија со цел да пронајде македонски книжевни споменици од Средниот век,
по што, однесол во Русија "два товара ракописни книги". За време на
престојот во Битола преспал кај месниот митрополит. Таму Григорович видел
дека тој митрополит ја носел титулата "Митрополит Пелагониски и егзарх на
горна Македонија".
Две години потоа, во 1847 година, Емануел Васкидович од Мелник, кој го
отворил првото бугарско училиште во 1845 година,во Белград објавил книга за
деца, под наслов "Мала енциклопедија". Предговорот на енциклопедијата тој го
потпишал со: "Емануел Васкидович Македонски". А, колегата на Васкидович, кој
бил роден во градот Дупница, но од родители со потекло од Кочани, своите
книги ги потпишувал со "Христаки Павлович - Македонца".
Уште во времето по 148 година п.н.е. кога Рим, со помош на Грците, ја
завладеал Македонија и таа ја изгубила својата државна самостојност, на
нашата татковина и биле ставани најразлични имиња со единствена идеја -
името Македонија засекогаш да исчезне од историјата.
Уште по нејзиното освојување, Римјаните ја разделиле на четири области,
така што дури ги забраниле и меѓусебните бракови на Македонците од одделни
области. Тоа било направено смислено и со цел - уништување на сите обиди за
воскреснување на македонската држава. Кога се знае дека до тогаш поминале
само два или три века од конечното зацртување на етничките граници на
македонските племиња во една држава, илузиите нашето име да исчезне, на
непријателите им изгледале можни. Уште повеќе, затоа што во средна Струма
живеело сродното племе Меди, а на исток и југо-исток живееле племињата:
Сатри, Беси, Бистони, Крестонци и други. Сето ова ги потхранувало надежите
на непријателите дека со поделби и преименувања ќе можат да го погребат
споменот на нашата прва државност и на нашите први владетели: Каран, Пердика,
Архелај, Филип Втори, Александар Македонски...
За време на римското владеење одделни области од Македонија биле
вклучувани и во новоформирани и новоименувани административни единици, како
што биле: Илирик, Епир, Нов Епир, Дарданија, Тракија и други. Но, целта
сепак не бил постигната. Подоцна, со навлегувањето на Словените, дел од
Македонија бил преименуван како Славинија, а за време на краткото бугарско
владеење во Котокија. Од 970 година, Византија на дел од Македонија и го
наметнува туѓото политичко име "Бугарија", а Турците по 14 век, ја
прекрстуваат во "Румелија". Прекрстувања на делови од Македонија има и во 20
век. Но, сите овие обиди на странците не успеаја да го отргнат споменот кај
народот за својата државност и национално име, затоа што народ и држава, кои
се избрани од Бога - не можат да исчезнат! Така како што не загинаа
египетското, јудејското, сириското и персиското царство, така не можеше да
загине ни македонското царство. И еве, единаесет векови по римската
окупација на Македонија, во 968 година, се роди Втората македонска држава на
цар Давид, Арон, Самуил, Гаврило Радомир и Иван Владислав. Иако постоело
само половина век, во второто македонско царство почнало консолидирањето на
македонскиот народ како нова нација, која потоа минала низ неколку нови
самостојни кнежества, а во средината на 20 век, се воздигна во нов облик на
државен живот.
И, ако некогаш обединувањето на македонските племиња започна од
југо-запад и се прошири кон исток и северо-исток, тоа денес почнува од
северо-запад и оди кон исток и југо-исток. Разликата е само во тоа што во
далечната антика, поодделни македонски племенски кнезови правеле напори да
се спротивстават на обединувањето, а денес, македонскиот народ, со верба во
себе, се бори за своето обединување, бидејќи нам Македонците ни е сосема
јасно дека само обединувањето ќе ни ја донесе онаа политичка, економска и
културна благосостојба, која судбината и ја определила на ветената земја
Македонија.
(Крај)