ИСТОРИЈА

Ѓорѓи Динков - Динката, преродбеник и револуционер, општественик, етнограф, поет, учебникар, публицист, 125 години од смртта

"НИЕ НА ТАТКОВИНАТА И ДОЛЖИМЕ СЕ, А ТАА НАМ НИШТО"

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Ѓорѓи Динката е заслужен за манифестирање на волјата за национално единство. Тој е борец за слобода кој со забележлива енергија целиот свој живот го посветил на национално-ослободителната идеја. Неговата дејност има влијание врз будењето на националниот дух на македонистичкото движење, кое ќе ја започне борбата за отстранување на егзархистичкото влијание и на бугарскиот јазик од училиштата и администрацијата.

Наградувањето што го очекувам поради служењето на мојот народ не може да биде ништо друго, освен моето душевно спокојство, помислата дека сум го исполнил својот долг кон него: Ние на татковината & должиме се, таа нам ништо". Тоа е девизата која го следи цел живот Ѓорѓи Динков - Динката, преродбеник и револуционер, општественик, етнограф, поет, учебникар и публицист.

Роден е во селото Држилово, Воденско, во 1839 година. Се школува во родното место, во Солун, Атина, Цариград, Москва и Смоленск, Русија, каде што се запознава со идеите на Белински, Доброљубов и Чернишевски. Во 1860 година се враќа во Македонија.

"РУСКИ ШПИОН И ПАНСЛАВИСТ"

Поради вербален напад на султанот е обвинет за бунт против османлиската власт и затворен во Видинската тврдина во 1862 година. По 17 месеци поминати во затвор, по застапување на рускиот конзул е ослободен.

Динката, откако се вратил во Солун, ја продолжил борбата против грцизмот со уште поголема енергија. Не поминало долго време, повторно наклеветен од Грците, во 1863 година е затворен, но сега во Цариград.

Но, овде не застанале интригите на Грците против Ѓорѓи Динката. Во тоа предничеа тогашниот конзул во Солун, Атанас Матала, кој во 1863 година запленувајќи писма кои Динката ги испратил до некој поп Теодор, сакал да го обвини пред османлиските власти дека истите биле насочени против нив. Сепак, кога оваа работа била донесена пред судот во Солун, се покажало токму спротивното и тој бил ослободен од обвинението.

Храброста на Динката да им пркоси на клеветите против него одела до таму што по завршувањето на ова немила случка, тој се зафатил да отвори печатница во Солун. Бидејќи финансиски не бил поткрпен, бил одлучен да земе позајмица од 200 турски лири, при тоа давајќи ја куќата под залог додека не ги врати парите.

Во шеесеттите години од 19 век во Солун не постоеле народни училишта, но дејствувала печатницата на Кирјак, чичкото на Ѓорѓи, продолжувајќи ја така традицијата на Теодосија Синаитски. Печатницата, во прво време била грчка, биле печатени книги со грчка азбука како побезбеден начин да се неутрализираат реагирањата на тогашниот грчки владика.

Во печатницата биле отпечатени 12 грчки и една македонска книга. Во истата печатница е отпечатен и турскиот закон за битолските чифлигарски села. Се додека печатницата се водела како грчка, иако во неа се печателе македонски книги со грчка азбука, таа не наидувала на проблеми од страна на тогашните грчки фактори. Но, кога Кирјак се обидел да ја измени основната структура на печатницата, односно да ја претвори во чисто македонска печатница, тој наишол на жесток отпор од страна на посочените црковни кругови, со последица нејзино затворање.

УЧИЛИШТЕ НА МАЈЧИН ЈАЗИК

Ѓорѓи Динков - Динката уште во 1860 година се обидел да основа македонско училиште. Во тоа имал поткрепа од својата помала сестра Славка, која тогаш имала 18 години и завршена грчка гимназија, зборувала, но не знаела да чита македонски. Залагањата дале резултати дури во 1866 година, кога во куќата на неговите родители било отворено училиште.

Ѓорѓи ја научил сестра си на словенска писменост и во училиштето кое било приватно Славка предавала на грчки и на македонски јазик. Училиштето кое започнало само со еден, а првата учебна година ја завршило со три ученички, не ја обесхрабрило Славка да продолжи. Втората учебна година во женското училиште се запишале 13, а на крајот од неа имало само 26 ученици, меѓу кои овојпат имало и машки деца.

За љубовта на семејството Држиловци кон македонскиот јазик говори и претсмртниот час на нивната мајка Велика, кога пред да почине, од Цариград пристигнале книгите за првото училиште.

"Таа ги прегрнала и со солзи во очите од радост, побарала да бидат поставени спроти неа. Кога умрела, очите & биле вперени во книгите, а рацете & прегрнале една од нив".

Успехот на ова училиште е уште позначаен за македонската просвета, ако се имаат предвид тешките услови под кои било отворено и работело. Училиштето го посетувале ученици од сите страни на градот и нивниот број постојано растел, меѓутоа прераната смрт на младата учителка го означила привремениот прекин.

Училиштето повторно се отворило една година подоцна, во септември 1869 година, со свечен водосвет и во присуство на многуброен народ. Бидејќи општината немала своја зграда, училиштето било сместено во куќата на Иван Попов, член на солунската Општина.

По едномесечната агитација од страна на Ѓорѓи Динката кај Македонците во Солун, со договор меѓу ѕидарскиот и шивачкиот еснаф, на 8 февруари 1868 година било свикано народно собрание на кое учествувале претставници од еснафите на сите маала во градот, како и претставниците од други места на Македонија кои тогаш се затекнале во Солун.

Ѓорѓи Динката бил поканет да даде отчет за неговата дотогашна народна дејност. Во говорот тој го поканил својот народ да го поддржи во развојот на македонскиот јазик, како и да си изградат своја црковно-училишна општина. Оваа идеја добила поддршка од 830 граѓани на Солун. Но, меѓусебните несогласувања биле причина новоформираната црковно-училишна оппштина уште истата 1868 година да престане да работи. Нејзиното повторно активирање се споменува следната година.

ПРОСВЕТИТЕЛ И ПРЕРОДБЕНИК

Ѓорѓи Динката развил богата просветителско-преродбенска дејност. Тој бил учител во Прилеп, Битола и во костурското село Загоричани. Иако насекаде наидувал на силен отпор од страна на грчкиот елемент, сепак најсилна реакција почувствувал за време на своето учителствување во Загоричани. Тој со својата сопруга Захарија дошол во селото летото 1866 година. Во него го исфрлил од наставата грчкиот јазик и го вовел мајчиниот.

Тогашниот костурски владика Никифорос, успеал со помош на османлиските власти да го доведе во Костур и тука да го заплашува со драстични мерки ако не го напушти училиштето во Загоричани. Ваквите заканувања имале спротивни ефекти кај Динката, кој веднаш по враќањето во селото создал уште поголемо движење против Патријаршијата. Тој ги учел своите сонародници да се борат за воведување на македонскиот јазик во црквите и во училиштата, како и за еднакви права со другите поданици на султанот.

Како на главно средство во оваа борба, Динката гледал во образованието на својот народ. Неговата револуционерна дејност дала голем придонес во разгорувањето на националната просвета, не само во костурскиот, туку и во леринскиот крај.

Честите прогонства, притисоци и апсења не го скршиле духот на овој наш истакнат нацинален преродбеник. Единствено што им пошло од рака на неговите непријатели било убедувањето на османлиските власти дека во личноста на Ѓорѓи Динката имаат опасен човек, руски шпион чија дејност била опасна за империјата. Грчкиот владика Никофорос на крај успеал во својата намера - Динката бил протеран од Костур.

По овој настан, неговата просветителска дејност била прекината, но затоа тој продолжил да дејствува на друго поле. Патувал низ Македонија, собирал географски и фолклорен материјал, пишувал статии од историјата и географијата на Македонија, проповеди и патриотски песни што сам ги пишувал на солунско-воденскиот говор, наречје што според него е најблиско до црковно-македонскиот јазик. Напишал еден општ преглед за Македонија, со опис на планините, реките, полињата и езерата. Како публицист ја напишал познатата статија "Запознај се себе си". Заедно со чичко му Кирјак собирале народни песни со цел по примерот на Миладиновци да издадат посебен зборник од јужна Македонија. Превел неколку книги од турски на македонски јазик, а пишувал и патриотска поезија.

Под неразјаснети околности во крајна сиромаштија, починал во Атина во 1878 година.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"