ас не осудувам ни еден морал. Јас
само констатирам. И повторно како да сака да се покаже дека злото не ле- жи
во оној кој го прави, туку во оној којшто го согледува и обелоденува.
Бидејќи педесет години владееја медиокритети, ни нивните фаворити не
смеат да бидат подобри и попаметни. Чекале и чекаат време и прилика за да се
прогласат повредени. Кај нас не е на дело политичко-економска криза, но
криза на разумот, единствената криза на која историјата не & простува.
Ако еден човек има право на нешто, а другиот се лути поради тоа право,
тогаш грешката не е во тој што има право, но во оној што не може да се
контролира. Болеста да се одрекувам од своите погледи поради туѓи, јас веќе
ја преболев. Нема повеќе да си играм бесилка со оние кои секогаш предлагаат
тие да донесат јаже, а јас врат.
Само ме мачи една мисла: дали е предавство да го предадеш предавникот? Не
би сакал да пресудувам, но да расудувам. Секогаш на валканиот ќе му речам
дека е валкан. Не ми паѓа на памет да го лажам него, ни другите, ни себе.
По излегувањето на мојот напис во "Македонско сонце" под наслов "Народ на
предавници", доаѓа кај мене очекуваниот "со мувата на капата". Извади од
својот џеб тефтер и пенкало и почна педантно да ги бележи сите мои зборови.
Овој начин на однесување од некаде ми е познат. Се потсетив на една изјава
на еден постар господин: Во Германија ми се роди внук - Адолф. Внукот се
уште не сум го видел, но името од некаде ми е познато.
И мене ова некако ме потсетува на некакваси УДБА или КГБ. Но, набрзо
сфати дека заталкал во матни води, па престана со пишувањето. Конкретните
аргументи потполно го збунија.
Некои не веруваа поради слепото верување во нешто друго. Последните
зборови на мојот господин беа дека ќе ме тужел затоа што ако тоа излегло во
јавноста ќе влијаело негативно на авторитетот на неговите деца!!
Со задоволство би прифатил да одам на суд и да го понесам живиот сведок.
Дури тогаш овие чудаци ќе ја слушнат силата на аргументите. А со какви
аргументи ќе се појави тужителот, односно навредената страна?!
Каква е оваа морална атрофија: заштита и грижа на убијците и нивните
потомства, бесчувствителност за жртвите и нивните потомци.
Ако туѓите солзи се вода - тоа е доказ за суров цинизам и егоизам.
Зошто сум шокиран?! Затоа што верував дека омразата е својствена само за
малите и неразумните, неостварените и бесните, но стварноста ме демантира.
Постојат две потреби за храна: да изедеш нешто затоа што е вкусно, и брзо
да го изедеш затоа што не е вкусно, а мораш да го изедеш. Како лесно да го
одбијам овој понуден пехар со отров, а при тоа да не го повредам давателот?
Како нам никогаш да не можат да ни простат за тоа што тие ни го направија!
Ако не сте можеле да се спротивставите на злото кое го согледувате, тогаш
Вам ви преостанува барем да не преземате чекори за повторно учество во него.
Да сфатиш не значи и да оправдаш. Се обидов да откријам каков човек стои
пред зборовите кои ги изговори, а уште поважно дали тој човек по разговорот
ќе стои и позади зборовите пред кои така лесно стоеше.
Феноменот на омразата е исто толку стар колку и феноменот на љубовта. Но,
омразата не се манифестира така лесно затоа што има една брана, а таа брана
е свеста.
Христијанството не учи дека простувањето е можно само ако е замолено.
Зарем треба ние да купуваме налив пера за писмено да им се извиниме на
тие што ги вознемируваме?
Оние кои се плашат од нас имаат нечиста совест и треба да се плашат од
нас.
Почитувана госпоѓо Ганка Самоиловска - Цветанова, Вие му простивте на
парламентарецот за убиството на Вашиот дедо. Јас им простив за убиството на
мојот татко. И уште илјадници други со својот молк веќе им простија за
направените злодела. Им простивме на другите тоа што себеси никогаш не би си
простиле, и повторно (можеби токму заради тоа простување) не сметаат за
најлоши. Ако сме за нешто најлоши, заради тоа сме навистина најлоши.
За решавање на оваа некогашна трауматична криза постојат два начина: еден
реалистичен, друг фантастичен. Реалистичен е да дојдат суштества од
вселената и да ја средат оваа збрка. Фантастичен е тоа да го направат
надлежните институции.
Евангелието Христово не учи дека треба да ги сакаме своите непријатели.
Љубовта и омразата во исто срце се исклучуваат. И додека омразата не може да
ги сака и пријателите, дотогаш љубовта може да ги жали непријателите.
Љубовта е најуспешно оружје против непријателите.
Човекот суштински не е ни добар ни лош, туку онаков какви што се неговите
постапки.
Со порастот на свеста расте и свеста за гревот.
Кога се прочу гласот дека Чаушеску е мртов, еден средовечен човек во
центарот на Букурешт извика: А кој мене ќе ми ги врати моите 45 години?!
Живеевме со товар во себе и на себе. Не срамеше лажната вистина. Кога ја
дознавме вистината, нив веќе ги нема. Нема кому да му простиме. Нивните
поколенија се најмалку виновни за нивните злодела. Поколенијата на жртвите
го чувствуваат товарот на злосторството секојдневно. Кога за сето ова се
уште владее еден молк, многуте илјади веќе простиле. Но, никогаш не
заборавиле. Парастос на жртвите на комунистичкиот терор ќе биде настан од
првостепено културно значење.
А има ли официјално лице кое за тоа треба да се извини? Немојте да
мислите дека тоа е минато, премногу минато. Тоа е патот кон националното
помирување. Таквото помирување е победа на љубовта над омразата. Тоа е божја
победа.
Ние со нашите поединечни случаи не смееме да ги вознемируваме нашите
читатели.
До денес ниедна влада по осамостојувањето на Р. Македонија не се сети или
не сака да се сети дека и извинувањето е составен дел на политиката.
Големиот човек е голем и кога знае да се извини. Тоа го направи германскиот
канцелар Вили Брант извинувајќи им се на Евреите при посетата на Аушвиц.
Сега ќе речете каква врска има нацизмот со комунизмот?
Старите Грци имаа право: нема зли, има само незнајковци. Тоа не значи
дека се негира злото како инстинкт, пуле, острина на свеста, туку да се суди
на планот на грешките и вистината на оваа перманентна грешка, каква што е
нецелосната вистина. Не сме до тој степен труени од морализам што ако се
читаат сите автори кои ги третираат прашањата за комунизмот и антикомунизмот,
грешката не постои. Но, сепак, тоа е грешка, тоа е злосторство. Во суштина
злосторствата на свеста се пред се слабост на духот. Најужасните
злосторства во историјата се резултат на човековите глупости. Единствената
разлика на комунизмот со нацизмот беше во архаичните методи кои не беа
рационализирани со гасни комори и крематориумски печки.
Црвената империја се распадна.
Во оваа економски саката и морална очајна земја, очекувавме не само
промени на системот, туку и правда, зашто како што тврдеше "белата
пропаганда", на Запад нема демократија без правда.
Најтешко е да се признаат малите гревови, бидејќи за големите гревови е
некој друг виновен.
Додека едни ги засилуваат своите перспективи, другите ја претвораа
надежта во вера.
Не знам како сето ова да го наречам - ликвидации, злосторства, убиства,
геноцид?
Геноцид е исклучиво кога една структура во некој народ го убива другиот
народ без никакви други причини, освен тоа што е тој друг народ. А што е тоа
кога го убиваш својот народ, кога тоа не е друг народ? Оној што не го сака
братот за брат, тој ќе има туѓинец за господар.
Преостанатите од нив живи, колку се уште се ведри, како во ништо да не
учествувале. Како да биле овој половина век колективно отсутни, па еве се
враќаат помудри и посериозни со своите старечки белези.
И денес имаме такви некои мудреци. Колку се значајни некои ситни нешта:
војнику, каде ти е копчето? А тебе генерале каде ти е северо-западна
македонија?!
Ги испраќаме нашите синови - војници на фронт, а тие таму некојси се
договараат како да ја изгубат војната! Зарем нашите деца се само за една
употреба? Само треба да се послужат со нив за остварување на личните
примитивни интереси. Заборавивте или воопшто не знаете дека срамота е да ги
застапувате личните интереси? Вистинскиот христијанин одбива да рече -
јас.
"Луѓе, зошто се срамите? Затоа што војуваме. А зошто војувате? За да
заборавиме да се срамиме".
Македонија е биолошко чудо. А знаете ли за биолошкото чудо на барската
средина - рибата пишкор. Оваа ситна и неугледна риба е неуништлива. Неа и
колку да ја голтаат барските птици и орли, не можат да ја сварат, бидејќи
таа жива излегува низ анусот и се враќа во барата за повторно да биде
проголтана. Бедна и тажна приказна, многувековна, македонска.
Судбино, те следам доброволно - бидејќи ако така не би правел, мораше со
солзи.
Се додека некој од нас својата среќа ја гради на несреќата на другите,
дотогаш ние сме варвари на кои не им е местото во европската заедница.
Ние сме навикнати сите наши долгови скапо да ги плаќаме. Што дека овцата
проповеда вегетаријанство, ако волкот остане со спротивно мислење?!
А некои ми личат на братот на Прометеј - Епиметеј - оној кому отпосле му
текнува.
И јас бев станал леш расфрлан од далгите на комунизмот. Чував нешто во
себе за да не станам уста за нечии уши. Уште во младоста ме бунеа почетните
букви на Тајната Интернационална Терористичка Организација. Жално е што ни
нив ни нас не не убедија во спротивното. И додека по светот гракавме како на
Сталин му рековме - НЕ, во земјата изградивме сталинизам од најцрн тип. И
денес се повторуваат некои чудни болшевички специјалитети: потпишување под
текстот со никој, односно колектив, односно чопор, односно мрак. Најсвеж
пример: школите да се именуваат со бројка. Со еден потег да бришеме историја.
Ако предлагачот од Парламентот толку сака бројки, нека ги предлага барем
бројките на историските личности што ги носеле по затворите од Голи Оток, па
се до Идризово. Ако е морбидно, барем нека биде уште поморбидно.
Слушам понови промени при обраќањата. Што се однесува до мене, сеедно ми
е, но подобро би било како господин, бидејќи и така имам и малку докази за
тоа.
Поединци влегуваат во политиката како што бекрија со валкани чизми
влегува во крчма. Човек станува загрижен кога ќе сфати дека од такви може да
зависи како ќе живееме утре. Трагично е кога државата не е ограничена со
правото, туку со партијата. Сјајот и декаденцијата зависат секогаш од
човековите дела. Големината или падот на човекот зависат секогаш од начинот
на кој е тој воспитан. А мудроста? Со мудроста не може да се урла, да се
повредува. Повредуваме секогаш кога не разбираме.
Префрлање вина на друг е доказ за вина. Злото не е нешто. Тоа е против
нешто. Единствено животот е можен благодарејќи на попуштање и пропусти на
нашата имагинација и нашето паметење.
Оној којшто ќе се избори нешто од ова да заборави, ќе преживее. Никој
нема право да прости во име на мртвите.
Од толку нечовечност - извлеков една поука на човечност, од толку
фантазии научив една лекција на толеранција.
Од толку грешки - усвоив една лекција на постојана интелектуална храброст.
Од толку недоразбирања - ја научив лекцијата на бескрајна почит кон
вистината.