КУЛТУРА

Стојанче Костовски, еден од ретките изработувачи на кавал, зурла, гајда и тапан во Македонија

ИНСТРУМЕНТИТЕ МИ СЕ ЖИВОТНА ПРЕОКУПАЦИЈА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • За да се направи еден народен инструмент, покрај тоа што треба да се има вештина во неговата изработка, треба и одлично да се свири на него. Тие две работи се тесно поврзани и мора добро да функционираат за да се направи одличен инструмент.
  • Македонскиот фолклор е најбогат со ритмови кои многу тешко можат да се научат и да се изведат, особено за оние кои доаѓаат од другите земји.

Стојанче Костовски, кој е вработен во оркестарот на Ансамблот за народни песни и ора "Танец", е и единствениот мајстор кој изработува дувачки и ударни народни инструменти. Уште како дете почнал да се интересира за инструментите, така што прво почнал да свири на кавал, а потоа се јавила желбата и да ги изработува.

Иако во во времето на поранешна Југославија на оваа професија се гледало потценувачки, сепак победила преголемата љубов што ја чувствувал Костовски кон инструментите. Токму таа љубов ги надминала и сите недоразбирања и стравувања иницирани од неговиот татко. Така денес, покрај тоа што е професионален музичар, тој е и врвен мајстор кој ги познава сите тајни за успешна и квалитетна изработка на македонските народни инструменти кои се обележје на една долга и богата традиција.

ЖЕЛБА

Првиот контакт со народните инструменти го имам уште од моето детство затоа што во мојот дом имав можност да видам и да слушнам како мојот татко и мојот дедо свират на неколку инструменти - кавал, тапан, зурла, вели Костовски. Оттогаш се што ќе слушнев да се свири и јас се обидував да го отсвирам, а понатаму се јави и желбата да ги изработувам. Во времето на поранешна Југославија традицијата за свирење на народен инструмент се омаловажуваше. Поради тоа татко ми не ми дозволуваше да свирам затоа што сметаше дека тоа никогаш нема да биде ценето и дека нема иднина. Тој дури и ми пречеше во работата, немав поддршка од никого, така што морав да се кријам. Поради преголемата љубов кон народните инструменти, прво почнав да правам шупелка од бозел. По отслужувањето на воениот рок не се срамев веќе од мојата професија.

Така, во 1982 година Стојанче се вработува во "Танец" како професионален инструменталист, а оттогаш почнал и повеќе да ги изработува инструментите по што тие се најдоа во рацете на бројни иструменталисти од повеќе македонски оркестри и културно уметнички друштва, но и надвор од Македонија по сите континенти.

САМОУК

Семејството на Костовски свирело на народните инструменти, а по кажување на неговиот дедо, прадедото изработувал кавали, но сепак оваа професија не е традиционална во неговиот дом.

Јас сум самоук, а велат дека самоук мајстор е појак од оној којшто има соодветно образование и влијание од семејната традиција, додава Костовски. За да се направи еден народен инструмент, покрај тоа што треба да се има вештина за неговата изработка, треба и оној којшто го изработува одлично да свири на него. Тие две работи се тесно поврзани и мора добро да функционираат за да се направи одличен инструмент. Морам да потенцирам дека сум единствениот досега кој изработува народни инструменти со одреден тоналитет. Порано народните инструменти ги правеа мали, средни и големи, што значи со неодреден тоналитет, додека моите инструменти мораат да штимаат со класичните инструменти (хармоника, кларинет, флејта). Инструментите што јас ги изработувам се направени со штимање кое е исто како и кај инструментите кои се произведени во фабрика.

При секоја изработка на секој следен инструмент Костовски истражува и настојува што е можно повеќе новитети да внесе.

Сум открил некои недостатоци и сум изумил некои нови тајни, така што моите инструменти ги имам подобрено 100 отсто, додава Костовски. Тие се наштимани во одреден тоналитет, имаат јачина, имаат боја, лесно да се свири на нив, лесно да даваат звук. Изработувам кавали од штимови "де", "цис", "це", "ха" и "а", што значи сите се со одреден тоналитет што никој досега не го правел. Почнав да изработувам кавали од мојата 16-та година, но тајно ги работев.

Според Костовски, за да се направи еден инструмент, треба практично и стручно да се познаваат, длабоко да се навлезе во тајните на изработката, да се најде соодветното дрво. Кавалот е 100 отсто рачна изработка и колку повеќе се има вештина во работата, толку кавалот ќе биде подобар. Денес Стојанче е ценет и како музичар и како мајстор.

Јас можам да направам еден инструмент за четири дена, меѓутоа за да се изработи добар инструмент потребно е една недела, објаснува Костовски. Единствен сум кој на специјален начин ги "варам" инструментите, а при тоа применувам и една моја иновација која е многу важна за да има добар звук инструментот. Не сум јас единствениот, постојат и други луѓе кои изработуваат кавали. Не сакам да ги омаловажувам, но луѓето кои купуваат од таму се жалат дека тој инструмент не само што не свири, туку воопшто не дава никаков звук. Некои пак изработуваат инструменти од алиминиум. Искрено да ви кажам таквите инструменти не се вистински. Само дрвениот инструмент може да извади квалитетен звук. Но, за нивната и за мојата работа нека кажат другите.

ИЗРАБОТКА

Како што вели Костовски, самата конструкција на дрвото, порите, го изобличуваат звукот на повисок или понизок, а исто така многу важно е и тоа дека народниот инструмент не се изработува шаблонски. Кавалот го изработува од дрвото јасен, но може и од друг вид дрво. Гајдата ја прави од дрвото зеленика и од јагнешка или јарешка кожа. Исто така, изработува и зурли од повеќе видови дрва: од јасен, јавор, модра слива, крушка.

Изработувам и дудуци, шупелки, а имам и еден иновиран инструмент кавал-дудук кој е наменет за оние кои имаат желба да свират на кавал, а не може веднаш да извадат тон. Овој инструмент го овозможува тоа, вели Костовски. Нив ги изработувам исклучиво со рачен алат кој самиот сум го направил, сам сум го иновирал. Инаку, иновација ми се и кавалите со "а штим", "бе штим" и "де штим". Сега имам како резерва поголеми количини на материјал за изработка на инструменти, така што не треба да се грижам за следните 30 години.

Луѓето се уште се интересираат за народните инструменти, така што константно доаѓаат кај Костовски со цел да купат за да научат да свират или пак од желба да го имаат дома како сувенир. Меѓутоа, во Македонија нема ниту една продавница за вакви инструменти и тоа е голем хендикеп, затоа што доаѓаат луѓе од други земји, се заинтересирани да купат народен инструмент, но нема од каде.

Тие мораат да дојдат кај мене дома затоа што нема продавница во која можат да купат еден народен инструмент, објаснува Костовски. Во Македонија најмногу ми бараат кавали, но и зурли и гајди.

Секако дека доколку се појави некоја личност која сака да ме наследи и доколку проценам дека има дарба сето тоа да го постигне, ќе му стојам на располагање за да му ја пренесам мојата тајна на изработка на добри инструменти, додава Костовски. Кај младите има интерес да научат да свират на еден од народните инструменти и инсистираат јас да ги учам. Иако немам многу време за да ги подучувам, сепак настојувам барем да ги внесам во основните тајни на музицирањето.

За Стојанче Костовски, поточно за неговата вештина на изработка на инструменти, има снимено документарен филм во продукција на "Трето уво" насловен како "Кавал". Овој филм беше прикажан на "Експо 2000" во Хановер, а исто така беше претставен и на другите светски фестивали и освојувал високи награди.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"