КУЛТУРА

Во Свети Николе се одржа Фестивалот на изворен фолклор "Тодорица 2003"

ЗЛАТНИТЕ ФОЛКЛОРНИ ТОДОРИЧКИ ВРЕМИЊА

Пишува: Методи МАНЕВ

  • Учествуваа 12 фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва, а "Гран при" му беше доделена на домаќинот, Фолклорниот ансамбл "Јанко Глигоров.
  • Дефилето одржано во двата натпреварувачки дена беше вистински празник за очите и подвижна изложба на најпрефинетиот македонски духовен производ - изворниот фолклор.

Минатиот викенд (14 и 15 март) во Свети Николе по трет пат се одржа Фестивалот на изворен фолклор "Тодорица" на кој зедоа учество 12 фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија. Поради познатите настани во Република Србија не дојде долго најавуваното и со возбуда очекуваното КУД "Моравац" од Општината Ќиќевац, со што требаше да се обнови старото побратимство помеѓу овие два града. Иако тоа отсуство предизвика извесна резигнација кај домаќините, сепак Фестивалот го задржа својот имиџ на успешно организирана манифестација која полека си го изборува местото на културната мапа во Македонија. Таквата констатација не ја нарушија ниту проблемите што ги предизвика студеното и влажно време, па така првиот ден групите настапуваа на отворена сцена, а утредента во салата на Домот на културата "Крсте Мисирков".

Оганизатори на Фестивалот беа Локалната самоуправа и Домот на културата "Крсте Мисирков", а под директен патронат на градоначалникот на Свети Николе, господинот Јордан Ѓорчев.

СЛУЧУВАЊА

Одржувањето на Фестивалот за време на Тодорица, односно Тодорова сабота, се темели на богатата фолклорна традиција во овој крај, конкретно сврзана со овој празник. Со Фестивалот, всушност, се возобновија позаборавените фолклорни и други традиции сврзани со Тодорица, а истовремено тоа беше и смотра на актуелните случувања во негувањето и презентацијата на изворниот фолклор во Македонија. Фестивалот го следеше и заменик-министерот за култура, госпоѓа Мелпомени Корнети.

Фестивалот "Тодорица" во Свети Николе прераснува во вистинско движење кое, освен што директно вклучи над 400 директни учесници, анимираше и илјадници луѓе од соседните населени места и градови, вклучувајќи го и Скопје, да дојдат во Свети Николе, за да ги проследат богатите културни и други содржини што се случуваа. По многу години во Свети Николе повторно гостуваа музички групи - банди кои по светиниколските улици, градскиот пазар, кафеани и платоа ги забавуваа присутните со што ги вратија и спомените на светиниколчани за "златните фолклорни тодорички времиња" од пред 20 и повеќе години. Истовремено, вклучувањето во програмата на Фестивалот и на содржини кои се случуваа во црковниот храм "Свети Николај" во Свети Николе само ја потенцираше длабоката внатрешна врска помеѓу македонската православна црква и тодоричката традиција во Свети Николе. И на крајот, дефилето одржано во двата натпреварувачки дена, беше вистински празник за очите и подвижна изложба на најпрефинетиот македонски духовен производ - изворниот фолклор.

НАГРАДИ

Фестивалот имаше натпреварувачки карактер и според стручното жири "Гран при" наградата им припадна на домаќините - Фолклорниот ансамбл "Јанко Глигоров" кој работи во состав на Домот на културата "Крсте Мисирков". Втората награда ја поделија КУД "Гоце Делчев" од Битола и КУД "Карпош" од Крива Паланка, а третата им припадна на Фолклорниот ансамбл "Китка" од Истибања и КУД "Панче Пешев" од Куманово. Најсупешен инструменталист беше Панче Колев од Свети Николе, најдобар соло - пејач од "Плетенка" од Ново Село, Струмица, а од изворните оркестри најуспешни беа КУД "Љупчо Сантов" од Оризари, Кочани и КУД "Панче Пешев" од Куманово.

Во рамките на Фестивалот беше отворена и изложба на народни ракотворби што ја реализираше Организизацијата на жени "Овчеполка", а исто така се одржа и традиционалниот Тодорички панаѓур.

"Тодорица" финансиски го помогнаа Фондацијата "Конрад Аденауер" и Министерството за култура, како и повеќе претпријатија од Свети Николе.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"