Бугарски поход кон Голо Брдо?!

Државната агенција на Бугарите во странство со седиште во Софија организирала тркалезна маса "Бугарите во Албанија" на која главна тема биле "проблемите на бугарското малцинство во Албанија и подобрувањето на нивниот животен стандард". Експертот Јордан Колев, покрај тоа што истакнал дека етничките Бугари од Албанија престојуваат во Македонија и Грција како градежни работници поради гола егзистенција, додал и дека "многу општини од реонот Голо Брдо населени претежно со Бугари сакале да се побратимат со бугарски општини".

Европарламентот против FYROM

Британката Сара Лудфорд во Европскиот парламент не ја прифатила референцата FYROM како име за нашата држава и во името на групата на европските либерали и демократи, потенцирала дека преговорите за името треба конечно да завршат.

Јоргос Папандреу, министер за надворешни работи на Грција, пред Европарламентот рекол дека "никој не е задоволен од деноминацијата Поранешна Југословенска Република Македонија". Тој се согласил дека е потребно проблемот со името на Македонија да се реши што е можно побрзо, подвлекувајќи дека Грција е подготвена да ги продолжи преговорите кои се уште се во тек во ОН.

Грција не ја ратификува Спогодбата

Пораката на Хавиер Солана е дека Македонија треба да ги забрза активностите и да ја натера Грција да ја ратификува Спогодбата за стабилизација и асоцијација за еден месец, а не за неколку месеци како што изјавил грчкиот министер за надворешни работи од друга страна. Според грчки дипломатски извори во Атина, засега нема информации за ратификување и дека таму главно се зборува за "спроведување" кое во моментов се смета за поважно. Грчките дипломати не можат да објаснат како може да се спроведе, иако не е ратификувана.

Македонија присвоила 720 косовски хектари?!

Жителите на косовското село Дебалде кое се наоѓа на границата со нашата земја тврдат дека Македонија присвоила 720 хектари косовска територија, а не 500 како што било соопштено. Хамди Хасани, жител на селото, вели дека општинскиот администратор на УНМИК, Хамид Елеси, му понудил карта на која се гледало дека македонската граница е навлезена во селото. Администраторот на УНМИК негира дека предал некаква нова карта и не се согласува со кажувањата на дебалчани.

Дијалог меѓу "безбедносните заедници"

Во Скопје беа презентирани резултатите од регионалниот Проект "Ескада" насловен како "Безбедност и одбрана во Југоисточна Европа". Целта на "Ескада" е да помогне во промовирањето конструктивен дијалог меѓу "безбедносните заедници". При оваа средба државниот секретар во Министерството за одбрана, Љупчо Поповски, истакнал дека "ќе ја зајакнеме меѓународната соработка за спречување на шверцот со оружје, дрога и луѓе".

Проектот е реализиран од Центарот за европски безбедносни студии од Гронинген, Холандија, во соработка со Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје.

Српската полиција ги апси атентаторите

Српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ беше погребан на 14 март во Алејата на великаните на гробиштата во Белград со највисоки државни почести.

Српската полиција ја продолжува акцијата за пронаоѓање на атентаторите. Обвинети се челниците на Земунски клан - Душан Спасојевиќ - Шиптар, Милорад Луковиќ - Легија и Дејан Миленковиќ - Багзи. Полицијата го уапси Млаѓан Мичиќ - Пацов, а приведени се уште стотици осомничени лица, меѓу кои е и познатата фолк-пејачка Светлана Ражњатовиќ - Цеца.

Гран при за "Парите се отепувачка"

Битолскиот народен театар ја доби наградата "Гран при" на белградскиот Меѓународен фестивал "Славија 2003". Претставата која им ја донесе наградата е "Парите се отепувачка" од Ристо Крле, а режисер на истата е Љупчо Георгиевски.

Годишно Собрание на Македонците од Егеј

На 26 март во 10 часот во Културно-информативниот центар во Скопје, Салон 19,19, Форумот за човекови права на Македонците од егејскиот дел на Македонија ќе го одржи своето годишно изборно Собрание.

На него ќе стане збор за досегашната работа и за финансовото работење на Форумот. Потоа ќе се води дискусија по двете точки - разрешување на досегашното претседателство на Форумот и избор на ново, но ќе бидат доделени и Благодарници на активисти и донатори на Форумот. Присутните ќе бидат информирани и за отворената фондација за изградби на МПЦ и културни домови во Егејскиот дел на Македонија. Ќе бидат промовирани книгите "Село Чефлиџик во Егејска Македонија" и "Непрежален роден крај" од авторите: Никола Балканов и Ангел Балкански, а промотори ќе бидат д-р Новица Велјаноски и Мишо Китановски.

Форумот ги поканува сите заинтересирани да присуствуваат на годишното изборно Собрание.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"