Димитров ќе преговара за името
Македонскиот амбасадор во САД, Никола Димитров, ќе биде нов специјален
претставник на државава во натамошните разговори со Грција за разликите
околу името, кои се одржуваат под покровителство на Обединетите нации. Како
што информираа од Кабинетот на шефот на државата, тој став е усогласен во
консултациите меѓу претседателот Борис Трајковски и Владата.
Ахмети не доби виза за САД
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, иако го предал пасошот во американската
Амбасада во Скопје, не добил виза за САД каде што требаше да учествува на
конференцијата на 19 март во Вашингтон, пишува "Факти".
Портпаролката на ДУИ, Ермира Мехмети, потврди дека Ахети не добил виза
поради нормалната процедура во Амбасадата. Според неа, посетата се очекува
да биде реализирана идниот месец.
Судот не плаќа за Љуботен
Резултатите од експертизата врз телата на десеттемина ексхумирани од
гробиштата кај Љуботен, што ја направија вешти лица од Институтот за судска
медицина во Скопје, иако од поодамна се готови, нема да им се достават на
судот и на истражните органи, се до оној момент додека Судот во согласност
со ценовникот на жиро-сметката на Институтот не го уплати бараниот износ.
Иако се тврди дека некој сака да ги скрие резултатите за Љуботен, од
Судот велат дека не станува збор за никаква пристрасност, туку единствен
проблем се парите.
Македонија ќе ги наполни државните резерви
Во Министерството за економија на Република Македонија тврдат дека
порастот на цените на нафтата на светските берзи засега нема да предизвика
зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во земјава. Со
интервентниот увоз Македонија ќе обезбеди гориво за три месеци.
Портпаролот Пачемски вели дека интервентниот увоз на 150.000 тони дизел и
моторни бензини се одвива според планираната динамика и наскоро би требало
да се наполнат државните резерви.
Изолација на Трајковски
Кохабитацијата меѓу Претседателот и Владата во моментов не е во криза, но
очигледно е, според многу примери, дека таа почнува да чкрипи,
изјави Владо Поповски, советник на претседателот
Трајковски за правни и безбедносни прашања, во интервју за Радио Слободна
Европа.
Поповски тврди оти "се појавува тенденција за изолирање и маргинализирање
на Претседателот, па дури и кампања на вршење притисок за негово повлекување
од политичките активности, типични за шефот на државата".
Скопје со нова Меѓуградска автобуска станица?
Градските власти по којзнае кој пат најавуваат дека до крајот на годинава
главниот град на државава ќе добие нова Меѓуградска автобуска станица, во
делот под новата Железничката станица. За нејзината изградба градските
власти зборуваат веќе 7 - 8 години, а и градоначалникот Ристо Пенов ја
ветува во двата мандати.
Матевски предложен за нобеловец
Матеја Матевски, поет и академик, е предложен за Нобеловата награда за
литература. Матевски е претседател на МАНУ, а предлогот за неговата
кандидатура е од двете Одделенија: за лингвистика и литература и за уметност.
"Електро - Скопје" незаконски одзема струјомери
Народниот правобранител тврди дека "Електро - Скопје" нема законско право
да им ги одзема струјомерите на потрошувачите што имаат поголеми долгови. За
одземено броило, од приватно лице "Електро - Скопје", како што тврди
Народниот правобранител, може да заработи тужба, а на потрошувачот ќе му
биде исплатена оштета за одземеното броило.
Животот се враќа во Старавина
Во селото Будимирци, Општина Старавина, се роди уште едно бебе.
Семејството на Доне и Петра Пејовски, добија второ дете - синот Пеце.
Неговото раѓање, како што вели Јован Босеовски, активист во Општината
Старавина, им дава надеж дека и натаму ќе расте бројот на жителите во овој
крај, кој во минатиот половина век беше уништен од миграциониот бран.
Мобимак - линија за донации
Дванаесетгодишниот Трајче Митев од Пробиштип боледува од апластична
анемија, така што му е неопходна итна операција за пресадување на коскена
срж која треба да биде извршена во Загреб на клиниката "Ребро". Со цел да му
помогнеме сите заедно, "Мобимак" отвори посебна линија: 070/143 - 143 на кој
со самото јавување се префрлаат 100 денари на сметката на Трајче Митев.
Поединечните донации на пост-пеид корисниците ќе им бидат наплатени во
вкупната сума на сметката за март, а на при-пеид корисниците ќе им бидат
минусирани веднаш од износот на нивната сметка.
|