ЕКОНОМИЈА

Маскарада на релација Сојуз на синдикати – Влада

ПРОТЕСТОТ Е СЛАМКА ЗА СПАС НА МУРАТОВСКИ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Вработените од фирмите загубари останаа на цедило. Сами ќе излезат на улица во знак на револт оти нивната економска положба е лоша и неизвесна. Меѓутоа, тие на калдрмата се наоѓаат од многу порано, со месеци, па дури и со години ништо не работат. Социјално не се згрижени, не примаат плата, не земаат сини здравствени картони.
  • По потпишувањето на Социјалниот договор со Владата, спласна ентузијазмот и притисокот на Синдикатот. Честите преговори во четири очи меѓу Муратовски и Црвенковски, го намалија угледот на синдикалниот лидер. Овој начин на комуницирање меѓу лидерот и Премиерот, отвора простор за манипулација и шпекулации.

Синдикалното членство на Сојузот на синдикатите на Македонија покажа колку е разединето и уништено. Тиквата не пукна во оној момент кога загубарите од нивните колеги побараа поддршка за најавениот генерален штрајк на 19 март, туку во оној миг кога членството се стопи во синдикалното сивило и полтронството што во последниве десетина години го негуваа лидерите на работничкото движење во Македонија.

Работниците ја загубија битката со власта и сфатија дека се минорни во однос на процесите што се одвиваа во оваа деценија. Тие, впрочем, ниту еднаш не биле некој битен фактор кој ќе го спречи грабежот на македонското стопанство. Всушност, приватизацијата одамна ги одмина работниците, а Синдикатот ги премолчи овие мошне дискутабилни работи. Затоа сегашнава ситуација на вработените од 25-те загубари е крајно лоша и неповолна, а таа уште се продлабочува. Но, тоа ги чека сите работници, вклучувајќи ја и државната администрација која дури сега ќе ги почувствува економските закони на пазарното стопанство. Во овој дел државата дури сега ќе прави драстични резови, а тие сигурно ќе се одразат врз положбата на работниците кои се избезумени, затекнати и загубени во просторот и времето што ги притиска.

АЛТЕРНАТИВА

Вработените од фирмите загубари останаа на цедило. Сами излегоа на улица во знак на револт оти нивната економска положба е лоша и неизвесна. Меѓутоа, тие на калдрмата се наоѓаат од многу порано, бидејќи со месеци, па дури и со години ништо не работат. Социјално не се згрижени, не примаат плата, не земаат сини здравствени картони. Едноставно, се наоѓаат во небрано, затоа што не е решен статусот на нивните претпријатија. Оттаму нивното барање за генерален штрајк само беше потврда за лошата економска ситуација и на се поголемите кастрења во однос на работничките права. Тие во последниве неколку години навистина се намалени, а постои тенденција работничките права да се скусат до она ниво што нема да претставуваат товар на Буџетот на Република Македонија.

Меѓутоа, битката е загубена поради инертноста на лидерите и отсутноста за солидираност меѓу работниците. Оваа слабост се покажа и при последните преговори меѓу Владата и најбројниот синдикат - ССМ.

На последниот состанок меѓу Владата и Синдикатот, не се испеглаа досегашните недоразбирања околу донесувањето закон за загубарите. Според претседателот на ССМ, Ванчо Муратовски, Синдикатот и овој пат наиде на ѕид кај Владата во однос на прашањето на законот за загубарите.

Но, тоа не значи дека проблемот е затворен. Уште ќе се притиска за наоѓање решение за загубарите, потенцираше Муратовски, свесен за својата намалена популарност кај работниците и синдикалното членство.

На седницата беше предложено алтернативно решение - исплата на 24 испратнини, средства со кои загубарите би можеле да почнат сопствен бизнис.

Министерот за финансии, Петар Гошев, главниот преговарач во конфликтот, по состанокот изјави дека социјалните проблеми на загубарите не може да се решаваат парцијално со донесување посебен закон од неколку причини. Пред се, затоа што таквиот законски проект би бил неуставен, а со него се привилегира одредена група граѓани. Гошев потенцираше дека ваквиот закон се коси со погледите на ММФ и е спротивен на склучениот аранжман со оваа меѓународна финансиска организација.

Загубарите не може да се решат со специјален закон. Тоа би донело поголема штета отколку корист за системот. Владата овој проблем ќе го затвори преку мерките за поттикнување на вработеноста. Доколку би се задоволиле сите социјални барања, тогаш стапката на ДДВ треба да изнесува 40 проценти, изјави Гошев бранејќи го гледиштето на Владата.

Инаку, како што нагласи министерот Гошев, со мерките за растоварување на давачките, стопанството годинава ќе се растовари за повеќе од 100 милиони евра, што ќе биде поттик на работодавците за ангажирање нови работници.

НЕЗАДОВОЛСТВО

Позицијата на Сојузот на синдикатите на Македонија никогаш не била на толку ниско ниво како што тоа деновиве се чувствува. Овој надолен тренд е последица на неспособноста и неснаодливоста на досегашните лидери - Светозар Василевски, Живко Толевски и неговиот наследник, контроверзниот Ванчо Муратовски, кој ветуваше жешка пролет, но очигледно од жестината и акциите за подобрување, односно враќање на работничкте права, нема ништо ново. Се останува по старо. Општ хаос и нараснати тензии.

По потпишувањето на Социјалниот договор со Владата, спласна ентузијазмот и притисокот на Синдикатот. Честите преговори во четири очи меѓу Муратовски и Црвенковски, го намалија угледот на синдикалниот лидер. Овој начин на комуницирање меѓу лидерот и Премиерот, отвора простор за манипулација и шпекулации. Но, работниците не се незадоволни само од него, туку и од другите синдикални повереници кои се заседнаа во удобните фотелји, а ниту малку не мрднаа со малиот прст да му удоволат на членството на Сојузот на синдикатите на Македонија. Затоа повеќемина од работниците сметаат дека ова е само фешта, или таен договор меѓу Муратовски и премиерот Црвенковски, кој успеа да го амортизира незадоволството на синдикалците и да го разедини членството во однос на начинот и патот преку кој ќе се турка сопствената позиција.

Меѓутоа, повеќемина добри познавачи на приликите во синдикалното здружување оценуваат дека, всушност, во Република Македонија нема вистински партнер кој ќе застане зад вработените. Тие се изневерени, бидејќи пропаѓа најголемиот синдикат - ССМ, а се повеќе се осипува и членството. Формулата што ја нудеше Муратовски за спас на Синдикатот во битката со неговиот претходник, Живко Толевски, се распадна, бидејќи конечно сфатија дека нивниот лидер ја продолжува старата игра што традиционално ја спроведуваа првите луѓе на ССМ. Довербата кон Ванчо Муратовски, кој истовремено ја задржа претседателската функција на УПОЗ, се топи. Расте незадоволството меѓу членките, а се позвучни се најавите и барањата за свикување на вонреден конгрес на кој ќе се бара сменување на лидерот на најстарата синдикална организација во Македонија. Неговото јалово владение покажа дека амбициите беа камуфлажа за додворувањето кон власта и политичката олигархија која пак мудро го избра Муратовски за свој играч, бидејќи не ја заборавија неговата кандидатура за амбасадорската трка за привлечната фотелја во Сараево. Тој не ја порекнува некогашната скриена амбиција, но сепак таа на Муратовски му стои како "дамаклов меч" во кариерата и е првата гаранција за власта да може да го стави во скут да мјаука и да не дига џева. Затоа резултатите што ги направи за 360 - те дена се мали и немерливи, а тие се голема хипотека за работничкото незадоволство што секојдневно се зголемува.

Во овој момент тој бара сламка за спас, а всушност протестот и не е некоја сигурна гаранција за премостување на незадоволството што тлее и се шири меѓу членките на Синдикатот. Протестот може да се претвори во маскарада од која ќе произлезе тоталниот синдикален дебакл.

Досега неколкуте бледи копии на традиционалното организирање на членството не покажаа резултати, туку уште повеќе ја продлабочија разликата во ставовите меѓу синдикалното поверенство. Впрочем, ниту еднаш солидарноста меѓу членките не профункционирала и затоа се загубени многу значајни моменти од транзицијата на државата и промашената приватизација која не донесе позитивни ефекти врз животот на граѓаните и на работниците. Денес близу 360.000 невработени се наоѓаат на улица, а уште илијадници се социјален товар на Република Македонија. Тоа е последица на уништеното стопанство и уништената економија, но и одговор на инертноста на Синдикатот кој ги преспа овие години. Таквата слаба крвна слика не може да се подобри со склучување на некакви веќе видени договори, кои ниту еднаш не профункционирале во стварноста, туку со континуиран притисок и различни форми на искажување на непослушност кон институциите на државата.

Затоа, трпеливоста на синдикалното членство на ССМ е дојдена при крај, а оттаму нема враќање, освен што се нужни промени. Но, какви? Патот што го избра Муратовски не е доволна гаранција дека ќе може да ја преживее оваа или другата пролет на фотелјата на ССМ. Затоа, да потсетиме дека и самиот тој рече дека нему ќе му треба само еден мандат за да се видат промените, а како што се одвиваат настаните, промени воопшто нема. Времето си врви, карваните си врват, а кучињата само лаат! 


Жешка пролет!?

Позицијата на Сојузот на синдикатите на Македонија никогаш не била толку на ниско ниво како што тоа деновиве се чувствува. Овој надолен тренд е последица на неспособноста и неснаодливоста на досегашните лидери - Светозар Василевски, Живко Толевски и неговиот наследник, контроверзниот Ванчо Муратовски, кој ветуваше жешка пролет, но очигледно од жестината и акциите за подобрување, односно враќање на работничкте права, нема ништо ново. Се останува по старо. Општ хаос и нараснати тензии.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"