"акумулаторот" ми е празен доаѓам во Македонија "да го наполнам". Во
мојата родна земја доаѓам колку што можам почесто, бидејќи носталгијата за
родната грутка е голема, вели Илија Ѓорески, охриѓанец, кој долги години
живее и работи во Германија. Станува збор за човек - хуманист кој на свој
начин се обидува да & помогне на својата татковина.
Војната која & се случи на Македонија во 2001 година, за нас Македонците
во Германија беше еден голем проблем. Се обидовме да помогнеме колку што
можевме, иако таа помош не беше доволна, вели Ѓорески.
Кога се одржуваше панихида за загинатите бранители од конфликтот во 2001
година во Македонија, во храмот "Свети Климент Охридски", Ѓорески бил
задолжен за распределбата на скромни парични средства кои неколку македонски
црковни општини од Германија ги собрале за семејствата на загинатите
македонски бранители. Македонците во Германија имале сосема малку информации
за она што се случувало во 2001 година во Македонија. Се информирале од
македонскиот печат кој во Германија е многу оскуден.
Германските медиуми, како што објаснува Ѓорески, известувале повеќе за
Палестина и за Израел, отколку за Македонија. Тие презентираат малку
информации за оваа држава. Понекогаш има репортажи, но тие се ретки. Ако
станува збор за настани поврзани со германските војници во Македонија или
пак ако германски министер дошол во Македонија, тогаш пошироко се известува.
Ние не ја играме таа улога во светот, вели Ѓорески, како што во
Македонија си ја замислуваме.
ЦРКОВНИ ОПШТИНИ
Не можам да ви кажам точно колку Македонци живеат во Германија, вели
господинот Ѓорески, затоа што многу Македонци се уште не се
изјасниле како Македонци. Некои се сметаат за Југословени, а некои
имаат земено германско државјанство. Сепак, се претпоставува дека
нивната бројка е околу 40.000.
Македонците немаат речиси никакви шанси да учествуваат во германската
власт затоа што претежно немааат германско државјанство. Тие имаат
дополнителна настава на македонски јазик, но не сакаде. Конкретно таква
настава има во Дортмун и во градот Уна, во близина на Дортмун, каде што
живее Ѓорески.
Пред распаѓањето на поранешна Југославија, Македонците и сите народи на
оваа поранешна држава се собирале во југословенските клубови. Но, по
распадот, југословенските клубови или се распаднале, или се преименувале со
македонски имиња. Сепак, како што потенцира Ѓорески, клубовите не ја играат
истата улога како црковните општини. Во почетокот црковните општини не
можеле да се организираат затоа што српската црква ги задоволувала потребите
на сите православни верници, а и југословенските конзулати биле против.
Македонската православна црква не била многу заангажирана за Европа затоа
што сметала дека Македонците од Германија ќе се вратат за кратко време.
Со текот на времето почнаа да никнат црковните општини. Една од нив,
појаснува Ѓорески, е нашата црковна општина во Дортмун "Св. Кирил и
Методиј". Таа се формираше некаде во 1990 година и постои околу 10 години.
Освен неделните служби, ние скоро секој месец имаме црковни свечености и
прослави, со или без музика, во зависност од тоа за каков празник станува
збор.
Долго време Македонците од овој крај имале проблем поради тоа што
црковните служби ги вршеле во германски цркви и Македонците морале да се
придржуваат кон времето кое им било дадено за богослужба. Поради тоа
Македонците минатата година решиле да соберат средства за да изградат
македонска црква.
Повеќе од половина од средствата се собрани, а со божбја помош,
објаснува Ѓорески, се надеваме дека ќе ги исплатиме и другите средства.
Црквата е во рамките на Црковната општина "Св. Кирил и Методиј". Сега ни е
потребен иконостас. Црковниот живот кај нас функционира добро. Имаме
свештеник од Скопје, прота Ацо Стојковски.
Црквите и клубовите ги обединуваат Македонците, иако некогаш има и некои
вонредни состаноци кои ги организира Заедницата на клубови и црковни општини
во Германија.
РАЗОЧАРАНОСТ
Македонците во Германија се едноставно разочарани од политиката и на
претходната и на актуелната владејачка гарнитура.
Македонците во Германија очекуваа промени од ВМРО-ДПМНЕ. За жал, тие
промени не беа такви какви што очекувавме, отидоа во негативна насока.
И сега Коалиција меѓу СДСМ и ДУИ е голема грешка. Во сите државни
институции влегоа луѓе кои беа терористи. Рамковниот договор и амнестијата
за нас Македонците во Германија се катастрофа. Воведувањето на албанскиот
јазик во Парламентот е грешка. Македонија е како некое експериментално
глувче, потенцира Ѓорески и додава дека тоа е голем удар за
Македонците во Германија и воопшто во светот. На тој начин Македонија
се откажа од нас.
Господинот Ѓорески се согласува со констатациите дека ниту оваа, ниту
претходната власт не ја водат Македонија во вистинска насока.
Ние не смеевме да дозволиме да ни го земат знамето и да преговараме за
името. Тоа е срамно. Нема логика некој да ми кажува како да се викам,
потенцира овој Македонец кој работи во Германија.
За Ѓорески амбасадорот на Македонија во НАТО, Никола Димитров, не е
најсоодветната личност која би требало да преговара за името, иако не треба
воопшто да се преговара.
Но, народот ги виде и едните и другите и пак им ја даде довербата. Јас,
вели Ѓорески, би рекол "каков народ - таква држава". Македонија
има луѓе кои ќе & го покажат вистинскиот пат, но досега не им е дадена
можност. Тука би можеле да се вклучат и Македонците од дијаспората, да &
помогнат не само финансиски, туку и политички. Македонија може да биде
Швајцарија на Балканот.
Кога станува збор за она што ни го сервира Западот, односно дека треба да
се откажеме од националното и да се навикнеме на мултиетничноста, Ѓорески
вели дека националностите не се спомнати во Преамбулата на германскиот Устав.
Тоа е Устав на германскиот народ и сите други малцинства треба да се
приспособуваат на германскиот јазик и на германскиот начин на живот.
Иако има некакви најави за пролетна офанзива во Р. Македонија, Илија
Ѓорески вели дека слуша такви информации, но се надева оти нема да има,
бидејќи и Европа и светот дознаа кои се Албанците. Тој е оптимист и вели
дека Македонија еден ден ќе ја видиме во Европската унија.
Македонија е древно име и Македонците нема да дозволат да ја нема. Јас
мислам дека и Европа нема да дозволи тоа да се случи. Не е во интерес на
Европа на Балканот да има постојано проблеми, додава Ѓорески.
Овој Македонец вели дека позната му е идејата на Албанците за "Голема
Албанија", но смета дека таа идеја нема да успее.
Не е ниту во интерес на Европа да се создаваат големи држави. И
самата Европа тоа нема да го дозволи. А на таквата идеја ќе се спротивстават
и други држави. На тој начин Балканот ќе биде постојано жариште.
Албанците се добро воооружани за разлика од Македонците кои го залажуваат
народот дека се до "заби" вооружени, иако ние знаеме дека не е така. Но,
нема да ја имаат подршката од Западот, не ќе имаат шанса да ги остварат
своите цели. Во Македонија голема грешка е враќањето на луѓето во кризните
региони. Таму теророт и понатаму продолжува, иако не во тие размери.
Иако не верувам дека ќе има офанзива, стабилноста на државата треба да се
зајакне, објаснува Ѓорески.
Во врска со прашањето дали нашата држава треба или не треба да ја поддржи
воената интервенција во Ирак, господинот Ѓорески вели дека Америка си работи
за свои интереси. Таа не е зависна од нас, од неколкуте македонски војници
кои би биле испратени во таа воена мисија.
Иако, објаснува Ѓорески, Македонија се надева дека ќе добие
нешто за возврат, не верувам дека ќе ја добиеме поддршката од Америка, а
може да ја изгубиме Европа.
Животот на Македонците во Германија станува се потежок. Како и во другите
земји, така и во Германија има голема безработица.
Кога некому, вели Илија Ѓорески, треба да му се даде отказ,
странците се први на удар, а последни кога треба да се вработат. Дури и
Турците имаат предност пред Македонците во вработувањето. Ние сме секаде
последни. Не сме ниту во Европската унија, ниту во НАТО. Тешко е и со давање
визи, дури и свој човек не можеш да си донесеш. Многу Македонци мислеле да
се вратат во Македонија, да инвестираат, но поради тоа што ситуацијата не е
добра, не ни помислуваат. Носталгијата на Македонците во Германија за
својата родна земја е голема. Нивните семејства се во Германија, но тие
секогаш ќе копнеат по своите родни огништа во Македонија, објаснува
Ѓорески.
Тој ќе продолжи со хуманитарната помош за Македонија, а последната помош
била апарати за Центарот за дијализа во Струга. Станува збор за апарати
добиени од германски установи, а Македонците од Оснабруг, Дортмунд, Келн, и
лично господинот Ѓорески, помогнале околу нивниот транспорт во Македонија.