ПОЛИТИКА

ЕГЕЈ: Петрос Василијадис, член на "Виножито", претставник на Домот на македонската култура во Лерин и поборник за правата на Македонците во Грција

ИМЕТО МАКЕДОНИЈА ПОСТОЕЛО И ЌЕ ПОСТОИ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • На Грција & пречи името Македонија, затоа што во Грција живеат Македонци кои се чувствуваат како Македонци, а не како Грци.
  • Изненадувачки е што многу млади луѓе од македонско потекло во Грција сакаат да го изучуваат македонскиот јазик и македонското писмо. Тие се засегнати за актуелизација на македонското прашање и за поголеми права на Македонците.
  • Грците не прават екстремни притисоци врз личностите кои се борат за македонското прашање, но психолошки, по пат на уцени, се заплашуваат Македонците кои се чувствуваат и кои се однесуваат како Македонци.

Грчката Влада и грчкото општество не признаваат други народи кои живеат во Грција. Тоа е познат проблем. За сите овие години ние Македонците не сме признати како народ, вели Петрос Василијадис, Македонец од Грција. Македонците од Република Грција, особено партијата "Виножито", ги прават сите напори за остварување на своите права, особено за примена на својот мајчин јазик. Нашиот јужен сосед како да е алергичен на своите граѓани од македонска националност и борбата за поголеми човекови права се уште претставува табу тема за една држава која веќе долго време е во рамките на Европската унија.

На културната манифестација Дионисови чествувања "Мину Угриновска" во организација на театарот "Скрб и утеха" која по десетти пат се одржа во Скопје присуствуваше и Петрос Василијадис, како претставник на Домот на македонската култура од Лерин и член на "Виножито". Од Грција гостин беше и Никос Сакалариу кој, иако не го зборуваше течно македонскиот јазик, импозантна е неговата желба да го научи македонскиот јазик, како и да научи да чита и да пишува на кирилица.

Во моментов партијата "Виножито" е единствената партија која се грижи за правата на Македонците. Како најголем се наметнува проблемот околу употребата, изучувањето на македонскиот јазик. Нашата цел е македонскиот јазик да стане дел од образовниот систем. Јазикот да се изучува во основното образование, да има катедра на македонски јазик и слично, вели Василијадис.

Според Василијадис, не е мал бројот на оние кои се чувствуваат како Македонци, но и на оние кои од страв не го искажуваат или го прикриваат својот идентитет. Голем е бројот и на оние Македонци кои се жртви на политиката од минатото и до ден денес им е забранет влезот во државата кај што им се корените, што според него претставува апсурд во денешниов свет.

За оваа година една од нашите зацртани цели е и враќањето на политички емигранти кои живеат во РМ, но ги има и низ целиот свет. Договорено е тие да дојдат во месец јули оваа година како гости на "Винижито", но и како гости на други организации кои се борат за човековите права. Сметаме дека дојде време кога луѓето треба слободно да доаѓаат кога сакаат. Овој проблем е наметнат по Граѓанската војна во Грција. На некои луѓе, Македонци, им беше забранет влез во Грција. Мислам дека е време овие работи да бидат надминати, констатира членот на "Виножито".

УЦЕНИ

Сепак, Грција не се однесува екстремно кон луѓето коишто се залагаат за поголеми права, туку според нашиот соговорник тоа го прави на дискретен начин, по пат на уцени, таму кај што е најболно.

Грчката Влада и држава не признава други народи кои живеат во Р. Грција. Таков е и случајот со Македонците во Грција. Луѓето кои се борат за признавање на својот национален идентитет се заплашуваат на еден психолошки начин. Во време на невработеност во Грција, на Македонците им се вели наместо да бараат поголеми права, треба да бараат вработување и слично, вели Василијадис.

Во Грција, покрај македонски, има многу луѓе кои зборуваат влашки, албански и други јазици. Оваа година за првпат успеавме да организираме конференција од отворен тип во Солун со гости поканети од европските земји кои ја следат проблематиката на мултиетничноста и употребата на јазикот на народите. Јазикот - македонски и неговата поширока примена, како и културните особености, се на прво место на активностите на Македонците во Грција, ни кажа Василијадис.

ПРЕЧКИ

На Грција & пречи името Македонија, затоа што во Грција живеат Македонци кои се чувствуваат како Македонци, а не како Грци. На Грција & е мачно да го признае македонското малцинство во Грција и Македонија како држава затоа што во неа живеат многу националности. Арнаутите, Власите, Турците и други имаат слични проблеми како Македонците. Кога на македонското малцинство во Грција би му се дале одредени права, истите ќе ги бараат и преостанатите малцинства. Сметам дека Грција не би требало да се плаши од мултинационалноста, бидејќи таа претставува богатство за една држава. Таа треба да се угледа на примерот на американското општество, но и на другите европски земји, вели нашиот соговорник.

За тоа кога и како Македонија ќе го надмине спорот околу името кој со години го води со Грција, Петрос Василијадис смета дека тоа е проблем на политичарите.

Името Македонија постоело и ќе постои. Според политичките аргументи, факт е дека моментно Грција е помека, нејзиниот политички настап се разликува од оној пред неколку години. Грција си ја има Македонија како провинција во рамките на својата држава. Од друга страна Грција не може да & пречи на една друга држава да се нарекува така како што сака, коментира членот на "Виножито". На граѓаните треба да им се даде правото да се однесуваат така како што се чувствуваат, дециден е тој и додава дека сепак досега не може да се знае точната бројка на Македонци кои живеат во Грција, оти на пописите нема графа за национална определба.

Според него Грција се плаши од пописите со национална определба, односно на граѓаните им е скратено правото да се искажат како што се чувствуваат. Покрај другото, како проблем со кој често се соочуваат поборниците за правата на Македонците, во прв ред партијата "Виножито", се финансиите. Засега тие имаат само своја просторија и весник кој излегува еднаш месечно. Во план е да профункционира и радио на кое би се говорело на македонски јазик. Благодарение на интернетот, тие комуницираат со Македонците од целиот свет.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"