ПОЛИТИКА

Кој го турка светот во реална, целосна и скорешна катастрофа (3)

"МУСЛИМАНСКО БРАТСТВО" - ИДЕОЛОшКА ОСНОВА НА ЏИХАДОТ!

Пишува: Иван БАБАНОВСКИ

  • Исламот се користи како најсилно оружје за промовирање на Саудиска Арабија за лидер во арапскиот свет, врз што особено работи американската дипломатија и тајните служби на чело со ЦИА.
  • Од 30 март до први април 1995 година во Картум под раководство на Тураби била одржана "Народна исламска и арапска конференција" на која доминантно место имало донесувањето на Платформата за заеднички настап во решавањето на малцинските проблеми на Муслиманите во Европа, посебно на Балканот.

Француските служби ги надополнија вкупните сознанија на ЦИА за активностите на извозот на исламската револуција во светот што се организираат, планираат и спроведуваат под директни инструкции на највисокото државно раководство на Иран и во истите целосно се вклучени сите државни институции - хуманитарни, културни, спортски организации, групи и движења. Така, министерствата за култура и информации и за религија се задолжени да обезбедуваат и дистрибуираат пропагандна литература, да организираат симпозиуми и семинари, верска обука во Иран и во странство, да стипендираат студенти и други лица за образување во нивните институции, целосно подредени на шеријатското право.

Министерството за надворешни работи чии дипломатско-конзуларни, културни, економски и воени претставници во светот, имаат основна задача во земјите во кои престојуваат да пронаоѓаат и придобиваат приврзаници за иранскиот модел на државното уредување сходно на Исламот.

Министерствата за култура, информации и религија целосно соработуваат со Министерството за безбедност и разузнување, посебно преку "Иранската револуционерна гарда" и "Корпусот за стража на иранската револуција - КСИР". Најчесто преку своите активисти делуваат во северен Ирак, Либан, Авганистан, Пакистан, Босна, Косово, Македонија, Бугарија, Чеченија и други кавкаски републики.

Во седиштето на КСИР во Кердеж и во центрите во Техеран, Захеран и Хамадан, постојано се организираат обука и специјални курсеви за диверзантско-терористички акции, падобранска обука, обука за пилотирање, обука за подготвување и употреба на експлозиви и слично.

Теолошкиот центар во Хомс подготвува пропагандисти на исламот кои треба да ги оправдаат злоделата на муџахедините и припадниците на Џихадот, но и да регрутираат нови доброволци за исламски терористи - самоубијци.

За координирање на терористичките активности во Иран бил основан "Комитет за проблемите на исламските движења за ослободување" во чиј Виш совет влегуваат лидерите на повеќе исламски земји како што се Хасан Тураби од Судан, Рашид Гануш од Тунис, истакнати исламисти од Египет, Јордан, Сирија.

ГЕНЕРАТОРОТ НА ИСЛАМСКОТО ЛУДИЛО

И Саудиска Арабија, како самопрогласена исламска држава, монархистичка, со легитимност на исламската религија операционализирана во Куранот и шеријатот и како "чувар" на исламските светилишта Мека и Медина, има доминантна улога врз продорот и ширењето на муслиманскиот фундаментализам и зацврстување на влијанието на исламската религија и култура во светот.

Исламот се користи како најсилно оружје за промовирање на Саудиска Арабија за лидер во Арапскиот свет, врз што особено работи американската дипломатија и тајните служби на чело со ЦИА. За нив, Риад е виза до евтините нафтени извори, во конзервативниот дел на арапските држави, а тие, за Саудиската кралска куќа, гаранција пред сите опозициони сили, кои бараат демократизација на односите во оваа пустинско арапско кралство.

Вашингтон, прогласувајќи го Арапскиот Полуостров за "американска безбедносна зона", има неколку воени бази и повеќе десетици илјади војници вооружени со стотици воздухоплови, неколку тешки крстарици, разурнувачи, подморници со нуклеарни боеви глави, носачи на авиони кои се тука во Медитеранот и Персискиот Залив заради логистичка поддршка на демократијата во Саудиска Арабија.

Вистината би гласела: Огромната воена армада на САД ги обезбедува неоимперијалистичките цели на американските мултинационални и транснационални компании во нафтената индустрија, авио-индустријата, телекомуникациите и оружјето. ВИК ги поставува послушните политичари, тие поставуваат дипломати со поданички менталитет, а овие се поврзуваат со локалните корумпирани политичари со кои управуваат мафијашките кланови во сферите на организираниот меѓународен криминал. Во така поставена пирамида на односи, националните држави и нивниот суверенитет, не претставуват ништо. Се е подредено на САД, која преку воената асоцијација - НАТО успева да го стави под контрола најопасниот партнер - конкурент, Европската унија.

ИНТЕРЕСИТЕ НА САД!

Се додека Европа претставува полигон за пласирање на англосаксонско американскиот проект за меѓусебните односи во политичкиот, економскиот и воениот простор, без изградена стратегија кон сојузникот од преку Атлантикот, европската индустрија ќе биде елиминирана од сите простори каде се превасходни "безбедносните интереси на САД".

Кога не би преовладувале десните сили, во безбедносно-разузнувачките служби на Франција, вкупните политички, економски и воени интереси на Париз би биле секогаш пред истите на Вашингтон. Но, песот секогаш лае за оној што го храни!

И така, американските "пријателски" служби ги потиснуваат француските и на оние простори кои за Франција претставуваат "битен безбедносен интерес". Американските интереси во исламските земји се петрол доларите, а на французите, покрај профитот, витални интереси се покривање на безбедносно интересни, често радикални и опасни, припадници на муслиманскиот фундаментализам, кои дејствуваат од територијата на Франција.

Француските контраразузнувачки служби ќе ги информираат политичките корисници на нивните сознанија дека Саудиска Арабија зелените петрол-долари ги користи за основање, организирање и финансирање на повеќе меѓународни исламски организации, групи, движења и разни фондови наменети за промоција на исламот и влијание врз истите. Постои и одлука, на званичните државни органи, за спонзорирање во форма на Закат, на екстремните и терористички исламски организации. Најекстремни саудиски дисидентски групи секако се: Комитетот за одбрана на законските права, предводена од Мухамед Ал Масари; Исламското реформистичко движење за Арапскиот Полуостров, со Саед Факих; Сунитското "Исламско будење" и шиитската "Хезболах Ал Хијаз".

Меѓународните екстремни терористички организации своето присуство за време на одржувањето на аџилакот во Саудиска Арабија, го користат за придобивање на приврзаници, врбување на агентура од сите земји, подготвување на агитатори на исламот, со што го шират својот простор за дејствување.

Меѓу два до два и половина милиони аџии, за време на Хаџот, свое поле за дејствување изградиле и големите разузнувачки служби и заедници. На прво место се ЦИА, ИЗРС, Иранската разузнувачка и контраразузнувачка служба, Сириската РС, француските и англиските тајни служби. Германските шпиони секогаш добро котирале во арапскиот свет, денес силни позиции имаат во Дамаск. Сириските специјални служби ги организирале и обучувале елитните разузнавачи на Абвер и Хитлеровите тајни служби, кои по Втората светска војна избегале и нашле засолниште во Дамаск. Разузнувачката и другите безбедносни и тајни служби на Садам Хусеин, обучувани и опремувани од ЦИА и Пентагон во времето на медениот месец помеѓу САД и Ирак, навистина се најсериозна закана за империјалните амбиции на Бушовците, но и за безбедноста на граѓаните на Америка. ЦИА знае дека Садам Хусеин не може воено да го загрози Вашингтон, меѓутоа разузнувачите што ги обучуваше ДИА успеале да ја обезбедат формулата за производство на хартија за печатење на долари, па во една прилика Садам се заканил дека од доларот ќе направи пезос. И навистина повеќе милијарди долари по Заливската војна почнаа да циркулираат во светот како оригиналните банкноти на САД. Од тие долари се офајдија и некои новокомпонирани богаташи и на просторите на Република Македонија.

"МУСЛИМАНСКА ИНТЕРНАЦИОНАЛА"

Судан претставува посебно уредена исламска држава во која вкупните односи почиваат врз шеријатот и чија основна определба е извоз на муслиманскиот фундаментализам, поддршка на секаков вид меѓународен екстремен и радикален ислам, организации, движења и групи што практикуваат Џихад. Определени се за рушење на прозападно ориентирани влади, на Блискиот Исток и Северна Африка, со цел воспоставување на строго централизирани исламски режими. Директивите доаѓаат од "Националниот исламски фронт" на чело со Хасан Тураби кој дава целосна поддршка на радикалните исламисти - логистика, а камповите за обука на суданската народна милиција им се ставаат на располагање.

Хасан Тураби, како еден од најавторитетните духовни лидери на транснационалните екстремни и терористички исламски организации, настојува да ги обедини во една "Муслиманска интернационала".

Во јануари 1995 година, по иницијатива на Техеран, во Картум била одржана средба на лидерите на "Исламскиот џихад" и "Гамаал Ал Исламија" на која биле определени членовите кои раководат со обуката за ракување со лесно вооружување во логорите во Судан и Јемен.

Претставник на "Гамаал Ал Исламија" бил Талат Фуад Касим, еден од духовните лидери на оваа организација, за нас познат како учесник во војната во Босна. Касим бил приведен од страна на ХИС (хрватска воена разузнувачка служба), а членовите на "Гамаал Ал Исламија" од Босна во знак на одмазда, организирале терористичка акција со автомобил-бомба во Волујско крај Ријека, на 20.10. 1995 година, при што едно лице загинало, а 29 биле потешко ранети.

Од 30 март до први април 1995 година во Картум, под раководство на Тураби, била одржана "Народна исламска и арапска конференција" на која доминантно место имало донесувањето на Платформата за заеднички настап во решавањето на малцинските проблеми на Муслиманите во Европа, посебно на Балканот. Учествувале преставници на "Гамаал Ал Исламија", "Хезболах", "Исламски Џихад", "Хамас" и други организации при што посебно било изразено несогласувањето во врска со прашањата сврзани за спроведувањето на мировниот процес помеѓу Палестина и Израел, во режија на Бил Клинтон, претседателот на САД.

На оваа конференција присуствувале или биле повикани и одделни верски претставници од Албанија, Босна, Косово и Македонија. Посебен белег & дало присуството на главниот организатор на Муслиманите во Европа - Ел Фатих Али Хасанин. Овој податок укажува дека Тураби има влијание врз активностите на "Агенцијата за помош на третиот свет" и "Исламскиот совет за Источна Европа" чиј директор е Ел Фатих. Преку овие хуманитарни организации се врши експорт на муслиманскиот фундаментализам, се обезбедува легенда за шпионска дејност на повеќе шпионски организации, па и американските, а воедно битно се влијае врз дејности на одделни невладини, каритативни организации и хуманитарни исламски организации кои делуваат со свои претставништва на Балканот, пред се во Албанија, Хрватска, Босна, Бугарија, Косово, Македонија. Само да ги споменам "ИДО", "Муафак", "Исламска организација за помош (ИСРА)", "Исламски светски комитет", "Ел Харамеин", "Исламски совет" и некои други, за кои Вашингтон даде одобрение да се стават, "под истрага" поради спонзорирање на исламските екстремисти.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"