ело гори, баба се чешла", или
подобро речено - додека државава ни ја тресат постојани "инциденти", место
да рас- чистиме во сопствениот дом, ние се перчиме и ќе бистриме политика
дури во Ирак! Наместо да се погрижиме за оние коишто ја дестабилизираат
државава и прогласуваат слободни територии, некои актуелни политичари не
прават слепи и не убедуваат дека во државава се е под контрола. Бомбите "кашикари"
скоро станаа наше секојдневие. Додека двоглавиот орел продолжува да кружи
над Калето во Слупчане, како што пред две години го надлетуваше и Тетовското
Кале, упорно не убедуваат дека слободната територија на АНА во
Кумановско-липковскиот регион е измислица и дека безбедносната состојба е "поволна".
Почнувајќи од трагедијата во селото Сопот, Кумановско, кога џип на НАТО
налета на поставена мина и кога двајца војници на НАТО од полскиот
контингент загинаа, а тројца цивили беа повредени, од кои подоцна Крунислав
Кипријанов, едниот од повредените, им подлегна на повредите, во
Кумановско-липковскиот регион врие од бомби. Диверзантските активности не
запираат тука, туку си имаат свое продолжение. Омилена мета на "терористите"
им стана и железничката пруга Скопје - Табановце , како и каменувањето на
патничките возови што сообраќаат на оваа релација. Оваа недела на
железничката пруга Скопје - Белград, на два километри по рампата кај село
Речица, во близина на граничниот премин Табановце, експлодирала мина додека
поминувал возот број 29 кој редовно сообраќа на релацијата Скопје -
Табановце. Експлозивот детонирал под локомотивата на железничката
композиција и за среќа немало повредени. Местото на експлозијата е недалеку
од селото Ваксинце во Кумановско-липковскиот регион.
Само за потсетување - и минатата недела на пругата Куманово - Скопје кај
селото Черкезе, непознати насилници го каменувале возот кој сообраќал на
релацијата Скопје - Табановце. При тоа биле искршени прозорските стакла на
еден од вагоните, а повредени патници нема.
Македонската полиција, и покрај тоа што ги демантираше информациите за
присуство на вооружени групи во тој реон, тогаш, како што објавија некои
медиуми, таму биле распоредени десетина борбени транспортери.
БОМБИ
Во непосредна близина на наплатната рампа Романовце, на автопатот кај
Куманово, на 15 март биле пронајдени две золји. Оружјето било оставено на
тревата меѓу двата браника. "Золјите" ги пронашле двајца Роми кои
пребарувале по ѓубриштето. Потоа оружјето го ставиле во вреќа и го однеле во
полиција. Мешана полициска патрола на 16 март пронашла две рачни бомби "кашикари"
покрај патот кон кумановското село Матејче, кај месноста Монополски Штали.
Ако се сумираат податоците за инцидентите, за само една недела во
кумановскиот регион биле "регистрирани" пет бомби "кашикари" од кои една
екслодирала во дворот на синдикалецот Свето Петрушевски. Преостанатите
четири биле откриени од минувачи, и тоа во селото Доброшане, на патот
Куманово - Свети Николе, во селото Карабичане, во близина на местото каде
што неодамна налета на поставена мина возило на НАТО.
Како доблест на терористите се и кражбите на гориво и неговото складирање
за потребите на евентуалната пролетна офанзива. Непознати крадци од
Липковско, со неколку камиони - цистерни и канистри натоварени во автомобили,
ги преполовиле резервите на гориво што биле складирани во резервоарите на "Макпетрол"
во кумановското село Ваксинце. При кражбата, поради неправилен транспорт на
нафта, во едно од комбињата избувнал пожар во кој изгореници добиле три лица.
За настанот била известена и кумановската полиција
која извршила увид во складиштето на "Макпетрол".
Терористите ги користат сите видови превозни средства за пренос на
оружјето. Доказ за тоа е инцидентот кога возач на трактор се обидел да
пренесе бомби. Полициска патрола од селото Матејче, минатиот викенд
забележала трактор кој без запалени светла и без регистерски ознаки се
движел по патот меѓу кумановските села Отља и Ропаљце. Со цел да се изврши
проверка, патролата се упатила кон тракторот на кој била закачена и приколка.
Но, кога возачот на тракторот ја забележал полицијата, свртел по едно од
тесните споредни патчиња и се упатил кон селото Лопате. Кога патролата се
приближила, полицајците забележале како од тракторот паднале две рачни бомби
"кашикари". Епилогот гласи вака: засега не е познато каков товар носел
тракторот, а полицијата трага по возачот.
Загрижувачка е состојбата и во тетовскиот регион, каде што исто така
зачестија експлозиите на бомби. Непознати напаѓачи фрлиле рачни бомби "кашикари"
во дворовите на две куќи на Македонци на улицата "Гоце Делчев", во старата
тетовска населба Колтук којашто е населена само со Македонци. Во детонациите
нема повредени лица, а била предизвикана само материјална штета. Од
експлозиите биле оштетени калдрмата, околните куќи и неколку автомобили. Од
експлозијата, исто така, беше разнишана и тезата за таканаречената поволност
на безбедносната состојба во државава.
Во тетовскиот регион продолжуваат и пљачкосувањата. Криминални банди
извршиле нови ограбувања на куќи на Македонци во тетовското планинско село
Брезно. Според информациите кои проструија во јавноста, неколку куќи биле
демолирани - биле скршени и вратите и прозорците. Криминалните банди
ограбиле техничка стока и апарати за домаќинство, електрични шпорети,
бојлери, па дури и машини за перење. Како што веќе преминува во навика, за
ваквите настани "МВР трага по сторителите" кои, по навика, се непознати!
Освен во кризните региони, терористичко-криминалните банди оперираат и во
Скопско и не ги бираат жртвите. Како што соопштува Министерството за
внатрешни работи, дваесетгодишниот Бурхан Јунузи, со шест куршуми од пиштол
со пригушувач бил брутално убиен во својот автомобил, пред влезот на
семејната куќа во скопската населба "Чаир".
КОЛЕКТИВНА МЕМОРИЈА
Сите овие инциденти потсетуваат на веќе видени нешта од немилата 2001
година. Искуството не научи дека многу настани не беа само случајни.
Нека имаат предвид тие што затвораат дека ова ќе го продолжиме се додека
не се реализираат нашите идеали, порачаа околу две илјади митингаши на
12 март оваа година од Плоштадот во Тетово, во организација на поранешни
припадници на ОНА, а со цел ослободување на Кренар Османи, како случајно, на
годишнината од случувањата на Тетовското Кале во 2001 година. Како за
потсетување за она што се случуваше пред две години, говорат и делата на
неколку припадници на ОНА на кои сега им се суди за воено злосторство против
цивилно население. Тие го грабнале Ерол Исљами и го одвеле во селото Пирок,
во штабот на ОНА. Таму Исљами пет дена бил крвнички тепан и присилуван да
признае дека соработувал со македонските полицајци. Во текот на мачењето во
штабот на ОНА била донесена и неговата мајка пред која Исљами бил тепан со
дршка од ножот. Денес истите тие "борци за човекови права" знаеја да
побараат од Плоштадот во Тетово "ослободување на политичките затвореници од
затворите на славомакедонците".
Терористите се дрзнаа да градат и споменици на поранешните "учки".
Ќе се гради меморијален комплекс во чест на загинатите припадници на ОНА.
Сега се изработува елаборат на тој проект, изјави Хазби Лика, поранешен
командант на 112 - бригада на ОНА, "Мјудин Алиу", од тетовскиот регион, а
сегашен пратеник на ДУИ, при полагањето цвеќе на гробовите на загинатите
соборци во Тетово.
Викендов, пак, била откриена уште една спомен-плоча на загинат припадник
на ОНА во тетовското село Вејце. Во Тетовско спомен-обележја на загинати
припадници на ОНА веќе има во дворот на ОУ "Кирил Пејчиновиќ" во Теарце, во
селото Гајре, пред тетовскиот нелегален универзитет, како и во други
населени места во регионот.
ПРАШАЊЕ
Албанската опозиција ја нападна постигнатата спогодба меѓу владејачките
коалициони партнери, со која етничките Албанци во Македонија добиваат пасоши
со насловна страница и на албански јазик, а ДУИ дава гаранции за границите,
знамето и името на држава. Според ДПА, ПДП и НДП, ДУИ нема мандат да дава
такви гаранции. Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), чиј лидер е косовскиот
претседател Ибрахим Ругова, го отфрли делот од договорот што го склучија
партнерите во Владата на Македонија, а се однесува на непроменливост на
границите меѓу нашата земја и провинцијата Косово.
Границата со провинцијата Косово е затворено прашање, изјави
премиерот Бранко Црвенковски, кој нагласи дека нема да има нејзино менување.
Според него, тоа е цврст став на СДСМ, ДУИ и ЛДП, партнерите во Владата,
кој е содржан и во неодамнешната потпишана спогодба.
Спогодбата го изразува ставот на владините партнери и ние не го правевме
од аспект дали некој од надвор ќе ја признае. Границата меѓу Македонија и
провинцијата Косово е верификувана и таа има и легалитет и легитимитет. За
нас е битно што коалиционите партнери во Владата цврсто стојат зад
територијалниот интегритет на Република Македонија и неменување на границите
во регионот. Тоа е силна политичка позиција со која се затвора прашањето на
границата, потенцираше премиерот Црвенковски, кој притоа заборави дека,
сепак, на овие простори егзистира и АНА која повикува на мобилизација со
цел, како што велат, "да ги обединат териториите на Балканот во кои живеат
Албанците и на тој начин да ги остварат своите вековни стремежи за 'Голема
Албанија'".
Од друга страна, додека во државава наголемо се зборува за собирање на
малото и лесно оружје, во рамките на една регионална соработка за
разоружување, оружјето на големо ѕвечка во поранешната "оаза на мирот"!