вие денови се изначитав "анализи"
за за атентатот врз српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ... Непромислените
атентатори заборавија дека Премиерот го сместија во историјата на
најистурената позиција! А, не можев пак да се изначудам кога во понеделникот
Бранко Црвенковски го прашаа дали се плаши од - атентат?
Во стилот на Ричард Никсон, Бранко како да им кажа на сите што се прават
дека не знаат, оти во "кујната е секогаш жешко", па ако некому не му се
допаѓа, нека "изволи" нека си оди!
Од темата атентат најмногу што ме интересира и ден денес е - кој беше тој
"јунак" што го запали фитилот да го прати во галеријата на бесмртните Киро
Глигоров, "али беше Македонец, али не беше"?
Уште кога го убија на скалите од Сенатот, Цезар како да најави со онаа
позната реченица: "Зарем и ти сине Бруте", дека светот ќе го потпалуваат
пироманите од најблиското опкружување, нешто слично како предавниците од
археографијата за Исус и Јуда.
И така, со атентати или без низ, светот таков каков што е, продолжува да
постои, ниту совршен, ниту безгрешен, но во едно цврсто решен - да има што
помалку несреќи од типот на Хирошима, или од онаа катаклизма наречена Ирак,
која не знам, можеби сепак ќе се случи, оти текстов го пишувам 48 часови,
пред истекот на - исходот... А, животот е преубав. Никому не му се умира,
уште помалку му се гине во атентати, несреќи, и војни!
Педагошката препорака на Батлер до Борис Трајковски: "... Тоа писмо не
праќај го во Вашингтон", ме потсети на Макаренко, како да му се напише писмо
на лавот, да не р'жи кога ќе руча"!?
Циле е бескрајно умен политико-зоолог. Во "предвечерието на Третата
светска војна" неговите од ДА ги задолжи да спроведат крводарителна акција...
Крв никогаш нема доволно. Ќе се најде. Таа не е "брашно на заем", луѓето да
се "продаваат и купуваат". Глава боли од конфузијата што сами си ја
создадовме: се е на наша страна, а ние сами против себе. Кога и кој друг
претседател на САД ќе ни напише писмо какво што испрати деновиве Буш; Кога
друг пат ако не сега во април, ќе дојдат евросилите да не "бранат" од
албанските шарпланински терористички неранимајковци; Кој друг ако не Алити
против Ахмети... И така во недоглед, се додека на видикот не се покаже
суровата и грда стварност, дека ние сепак живееме во едно гето, во кое
според Душан Петревски производството ни паѓа, според Јово Манасиевски
сиромаштијата ни расте, според Хари Костов државава ни се "митоизира", а
според мене Македонија самата себе на квадрат се - минимизира.
Погледнете само кој во весниците пишуваат колумни: Фрчко, Ѓорѓи, Љубчо,
Тито... Се некои манускриптори, кои меѓу себе се натпреваруваат како да & се
допаднат што повеќе на науката, политиката, државата. Отидоа новинарите во
архива, за спомен дека некогаш овде сепак имало професионалци кои пишувале
за да живеат, а не (у)живале за да пишуваат!
Не знам кој беше оној градоначалник на една селска општина во Кумановско,
на кого "пред носот" на едно брдо "некој(и)" му закачил(е) албанско знаме,
Европа да го види. И знамето ич не е мудрост, мудрост е одговорот на
селскиот градоначалник, на прашањето "Кој ќе го симне?". Тој што го -
поставил!
Ќе му текне ли на Пенов ваква латинско-албанска сентенца, ако "учителот"
на ОНА, командантот М'суси го праша оти пак македонско знаме нема на Водно!?
Еднаш еден стар ме лечеше од изгорено. Ми даде лек за "скокање до небо".
Аман, му реков, ме - изгоре... Немај гајле, ми вели. Изгорено со изгорено се
лечи, лута трева на лута рана!
Му простив. Стар е, си реков... Подетинува!