КОМЕНТАР

Македонски плурализам

МАШКОСТ НА ПОГРЕШНО МЕСТО

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Најголемиот испит и најсериозниот тест за нашиот надворешен рејтинг секако ќе го имаме околу ирачката криза и степенот со кој ние ќе бидеме инволвирани во овој хаос.
  • Зошто Трајковски не сакаше и се плашеше да биде воинствен таму каде што најмногу требаше, во Тетовско и Кумановско, таму да ја покаже својата машкост за да ја елиминира опасноста врз сопствената држава?

Дефинитивно е јасно дека Македонија се повеќе не умее да плива во меѓународните дипломатски води. Ако за многумина иску-ството и резултатите доаѓаат со годините и поминатиот стаж, тоа за нашата политичка фела не важи. Очигледно е дека многу поголема зрелост во преземањето на постапките покажувавме на стартот од нашата сувереност и независност кога времето беше многу турбулентно, кога секој непромислен чекор можеше да биде кобен по македонскиот опстој. Во тоа време можеби имавме и државници, политичари со поинаков морал и етика на професионално однесување. Таква квалификација денес не можеме да му придадеме на ниту еден македонски дипломат, овде во институциите на системот и надвор меѓу амбасадорскиот ешалон. Дека е тоа така можеме да согледаме низ многу конкретни примери, случувања и настани кои во секој поглед имаа и имаат контрапродуктивен ефект во корелациите со глобално светско општество.

Падот во квалитетот на македонската дипломатија не е новост во секојдневното политичко дејствување. Нејзиниот професионализам бележи негативно салдо речиси пет години наназад во секој елемент од рамките во кои таа се движи. Несоодветниот стручен кадар, ниското ниво на компетентност и преголемата доза на влијание на партиските структури се само дел од недостатоците кои придонесоа меѓународното општество да гледа со поинакви очи кон нас или, поинаку кажано, тоа се показателите кои значително ни го намалија угледот и значењето во поширокото светско опкружување. Уште еднаш би го повторил ставот на шефицата на дипломатијата, Илинка Митрева, во вид на залагање дека неизбежно треба да се направи чекор напред кон професионализација на надворешната политика. Сето тоа во практиката би значело стопирање на досегашните процеси кои доведоа до разводнување на есенцијалните вредности на нашиот однос кон надворешниот свет и поинаков пристап кон суштинските партнери и сојузници од меѓународната заедница.

Со навлегувањето во втората половина од петтиот месец на владеењето на новите македонски власти не можат да се увидат вредностите кои овој состав на македонската дипломатија ги има изградено врз основа на проектот за ревидирање на досегашниот дипломатски курс. За да не остане само напаѓање и давање критика без соодветни факти и аргументи, добро е да се направи анализа која би понудила реална слика за нашето постигнување во регионот.

ПОПРАВЕН ИСПИТ!

Кризата во која западна надворешната политика на Македонија станува уште подлабока со контрадикторната улога на шефот на државата, Борис Трајковски, кој на своја рака презема активности кои во актуелниот миг не се совпаѓаат со националната стратегија на државата. Оттука може да се воочи раслојување на правецот по кој би требало да се движи нашиот однос кон странскиот фактор. Влеговме во фазата на двовластие во дипломатијата, во нееднаков и различен пристап кон истородните проблеми од национално и државно значење. Расчекорот кој е се поприсутен во односите на релација шеф на државата - Министерство за надворешни работи и, пред се, шеф на држава - Собрание не може, а да не донесе негативни консеквенци во релацијата на Македонија кон организациите во Брисел. Членството во ЕУ и Северноатлантската алијанса како последна станица од нашето меѓународно патешествие не може да се реализира на начин и со методи кои се практикуваат во моментов од задолжените ресори. Имено, неповолната позиција кон една од тие организации паралелно повлекува и негативен статус кон другата како мрежно поврзани структури со слични критериуми на однесување. Оттука, неконсолидираниот став меѓу Претседателот и дипломатијата од една, и Претседателот и Парламентот од друга страна, може само да ја влоши и онака незавидната позиција во која моментно се наоѓа Република Македонија. Најголемиот испит и најсериозниот тест за нашиот надворешен рејтинг секако ќе го имаме околу ирачката криза и степенот со кој ние ќе бидеме инволвирани во овој хаос. По ова прашање македонската дипломатија можно е да претрпи сериозни удари со тешки последици по стабилноста и интегрирањето во европското семејство на народите. И тука позицијата на двата фактора кои имаат надлежност во надворешната политика имаат сосема поинаков став и пристап кон расчистување на предизвикот.

Помошта која се бара од нашава земја во справувањето со Садамовата опасност има две лица и опачини. Прво, чест е и предизвик, земја како Македонија да биде повикана да учестува во операција од светско значење со средства кои, се разбира, & стојат на располагање. Но, другото лице од горчливиот колач има сосема поинакви страни кои во ниту еден случај нема да бидат исплатливи за времето кое следува. Најтешката последица која можеме да ја почувстуваме од нашата авантура на Средниот Исток е извесното долгорочно пролонгирање на интеграцијата за полноправно членство во ЕУ, во телото каде својот глас и влијание го нема САД, а го имаат Франција и Германија кои ни влепија сериозна шлаканица за првиот излет на нашиот "воинствен" Претседател. Владата по ова прашање имаше поумерен и порезервиран став, но со тенденција и тој да попушти.

Ироничната забелешка на екс-парламентарниот спикер и актуелен прв либерал, Стојан Андов, дека "не можеш со еден да бидеш верен, а со друг да ашикуваш", алудирајќи на бракот со Европа и швалерацијата со Америка, е повеќе од реална. Пребрзото истрчување на советничкиот тим на претседателот Трајковски пребрзо не одведе во амбис и сега тешко се враќа назад. Преобемните отстапки во вид на ветувања што Трајковски од поодамна & ги дал на американската администрација ја доведе новопоставената власт на Црвенковски пред свршен чин. Сега како што одат работите не преостанува ништо друго освен да се игра по шупелката на Претседателот, затоа што секое застранување од патот по кој се тргнало би значело несериозно однесување на една земја која се обидува подолго време да се наметне како рамноправен и респектабилен партнер во меѓународните односи. Дали тоа значи дека гарнитурата на Црвенковски е немоќна да го ревидира и да го неутрализира ставот на Претседателот кој по сите начела излегува од рамките на уставните надлежности и овластувања?

ПРЕТСЕДАТЕЛЕ, ШТО ПРАВИШ!?

Единствената политичка личност која ги активира безбедносните механизми од напливот на воинствена страст на Претседателот и неговите налогодавци за заштита од таквото непринципиелно однесување е првиот човек на парламентарниот дом, Никола Поповски, кој неколкупати и на јавноста и на Претседателот им стави до знаење кој одлучува по тие прашања. Јасно е дека не држат вода никакви ветувања од човекот кој се повеќе се обидува на мала врата насила да го воведе претседателскиот систем по урнекот на американскиот. Ако некој се обидува преку шпионските мрежи и индивидуални типови да го растури државното институционално уредување на една земја и ако за тоа постојат веродостојни показатели, во тој случај експресно треба да се реагира и да се искинат конците кои ја управуваат марионетската кукла на македонскиот политички театар. Секое пасивно однесување и избегнување на судирот кој неминовно мора да се случи, од страна на власта ќе значи само соучесништво во матната игра во која се впушта првиот Македонец со последица - дегредирање на постоечкото уставно уредување.

Ставот на Митрева дека треба да се поведе вистинска дипломатија со поголем професионализам, остана само став, а во реалноста се случува нешто сосема друго: Таа е немоќна да го скроти довчерашниот граѓанин, па забрзано го следи по патеката по која тој со атлетски чекори трча. Не сакајќи да ги согледаат негативните ефекти од целиот процес во кој се впуштаме, тие се обидуваат да ни прикажат една пооптимистичка слика за тоа што Македонија ќе добие доколку и таа учествува во нападот врз силите на Садам, па списокот е следен: поддршка од САД за уставното име на Република Македонија во меѓународната комуникација; компензација од 300 милиони долари долг од Ирак кон македонските градежни фирми од изминатите години, како и учество на 15.000 градежни работници од Македонија во поствоената обнова на ирачката држава.

И сето тоа е во ред доколку Американците си опстојат на ставот дека овие наши барања ќе ги реализираат од кои би имале голема полза. Но, искуството од минатото не поучило да не веруваме многу во ветувања, особено кога тие доаѓаат од редот на хегемонистите и жедните за туѓа пот и туѓа крв. Авантурата во која власта и Претседателот ги туркаат македонските граѓани кои пак над 80 отсто покажаа дека се против напад врз Ирак, може да не отпише од вистинската и потребната иднина. Имено, се поизвесно е дека САД ќе го нападне Ирак без мандат и без согласност од Советот за безбедност на ООН, што би значело класична агресија надвор од сите меѓународно-правни норми. Со тоа Македонија самата ќе ја прекрши Повелбата на ООН и би станала агресор од најлош тип, слично на сојузниците на Хитлер од Втората светска војна. Ја познаваат ли Трајковски и Црвенковски таа страна од замислените "придобивки"?

Второ, и обајцата треба да ги имаат предвид фактите дека сопствената среќа не се гради врз туѓата несреќа. Нам навистина ни е потребно уставното име, нам навистина ни требаат парите од ирачкиот долг кон нас, нам навистина ни треба економско закрепнување, но не на ваков начин. Да газиме врз крвта на другите народи за да се збогатиме себеси. Тоа е надвор од секоја морална вредност. Тоа е рамно на фашизам и нацизам. Трајковски му е верен на Бога, па оттука ме чуди што ретерира во својата религија. И она што е најинтересно - да се одлучи дали Македонија со жива сила би учествувала во операцијата против Ирак. Се погласна е најавата дека би го следеле примерот на Хрватска и Албанија кои на Американците им дадоа се што можеше да им се даде во оваа кампања само за да добијат членство во НАТО. Оттука реално е да се даде согласност за испраќање на 30 до 70 македонски војници во составот на американските единици. Трајковски и Црвенковски на ваков начин се обидуваат да ја покажат својата машкост, со воинственоста надвор од своите граници. Зошто Трајковски не сакаше и се плашеше да биде воинствен таму каде што најмногу требаше, во Тетовско и во Кумановско, таму да ја покаже својата машкост за да ја елиминира опасноста врз сопствената држава? Зошто сега истиот тој наш Претседател се бори против туѓите терористи и егзекутори на меѓународното право, а домашните ги ресоцијализира и ги седна во удобните фотелји? Тоа не е доблест за водач на една нација, таквите не заслужуваат да бидат на пиедесталот. И сличните како него.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"