Америка се заблагодари за поддршката

Американскиот претседател Џорџ Буш му испрати писмо на Црвенковски во кое се заблагодарува за поддршката на македонската Влада во глобалната борба против тероризмот.

"Ви честитам Вам и на претседателот Трајковски за вашата визија и за принципиелното водство" истакнува Буш, додавајќи дека иако Македонија ги надмина предизвиците за мирот и стабилноста преку одлучна посветеност на имплементација на Рамковниот договор, земјата "им се придружи на државите истомисленици во борбата против растечките предизвици со кои се соочува светот во овој век".

Македонците да го напуштат Ирак

Следејќи го развојот на настаните во блискоисточниот регион, Министерството за надворешни работи на Р. Македонија им препорачува на граѓаните на државава, кои по различна основа се наоѓаат во Ирак или во земјите во неговото непосредно соседство, а чие присуство не е неопходно, веднаш да ги напуштат.

Македонски војници во постконфликтен Ирак

Република Македонија ќе учествува во втората постконфликтна фаза во Ирак, во рамките на антитерористичката коалиција. За постконфликтно ангажирање во Ирак веќе имало пријавено стотина доброволци од единиците "Скорпиони", "Волци" и "Рисови", пишува "Дневник".

Бучковски во Вашингтон

Министерот за одбрана на Република Македонија, Владо Бучковски, за време на престојот во Вашингтон, оствари средба со државниот секретар за одбрана на Соединетите Американски Држави, Доналд Рамсфелд.

На разговорите, како што соопшти Министерството за одбрана на РМ, бил потврден заедничкиот интерес за зајакнување на билатералната и воено-техничка соработка меѓу двете земји и промовирање на меѓународен мир, безбедност и стабилност. Бучковски во Белата Куќа во Вашингтон имал разговори и со директорот на Советот за национална безбедност, Лиза Тепер. На средбата станало збор за регионалната соработка на нашата земја, подготовките за членство на нашата земја во НАТО, како и за партиципацијата на Република Македонија во коалцијата за борба против тероризмот и против употребата на оружје за масовно уништување.

Европските војници ќе пристигнат во земјава

Првата воена мисија на Европската унија во Македонија и формално ќе биде одобрена во текот на сесијата на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел. ЕУ војниците до крајот на месецов и официјално ќе пристигнат во Македонија.

Пасошот во собраниска процедура

Владата го утврди Предлог - законот за изменување на Законот за патни исправи. Со измена на член 28 од овој Закон обрасците и на патните исправи и на визите ќе се печатат на македонски јазик и неговото кирилично писмо со превод на англиски и француски јазик, додека за граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, на нивно лично барање, образецот на пасошот и на патниот лист се печати на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот. Постигнатиот договор меѓу СДСМ, ЛДП и ДУИ наиде на негодување од страна на ДПА, пред се од Илјаз Халими, а неприфатлива беше и за Рафиз Алити, потпретседател на ДУИ. Иван Стоиљковиќ, лидер на Демократската партија на Србите, истакна дека и Србите сакаат пасош на српски јазик.

ДУИ бара легализирање на парауниверзитетот

Партијата на Ахмети и структурите на тетовскиот парауниверзитет најавуваат образовна офанзива, објави "Утрински весник". Имено, лидерот на ДУИ со ректорот на непризнатиот универзитет, Неџбедин Беадини, потпишале договор за легализирање на универзитетот. Тие ќе бараат и финансиска поддршка од меѓународната заедница, како и поддршка од македонската Влада.

Смртоносна пневмонија во светот

Смртоносната пневмонија од која во азиските земји починаа десетина луѓе, а околу 400 се заразени, најверојатно ја предизвикува некој вирус - мутант, тврдат македонските епидемиолози, отфрлајќи ги претпоставките на странските експерти дека станува збор за биотероризам.

Ги известивме авиокомпаниите веднаш да пријават кај нас ако забележат патник со симптоми на болеста. Се преземаат превентивни мерки, но се уште не знаеме дали ќе бидеме засилени со лекарски екипи, вели Миле Зечевиќ, заменик - директор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги по информацијата дека авионот во кој била болната Словенка лета и кон Скопје.

Рударите ќе го поплават "Злетово"

Триесетина рудари задолжени за одржување на опремата и на јамите во Рудникот за олово и цинк "Злетово" во Пробиштип започнаа да штрајкуваат 513 метри под земја. Тие бараат од Владата да го исполни ветувањето што им го дала пред три месеци за исплата на четирите заостанати плати, а во случај тоа да не биде остварено, окната и опремата ќе бидат поплавени, што би значело и крај за рудникот.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"