КОМЕНТАР

Сито и Решето

BABY ДИПЛОМАТИЈА

Од Редакцијата

Македонската дипломатија се дави во жив песок. Таа одамна го допира дното, но никако да пронајде сили за да го спречи пропаѓањето на угледот на Република Македонија. Со години дипломатијата е прибежиште на промашени и сомнителни типови (затвореници) кои буквално беа протерувани од земјава само да не им прават проблеми на уште "повулгарните" големци (политичари) во државава.

Досега се згрозувавме од смешните и недолични испади на т.н. амбасадори во Женева, во Берлин или Њујорк, но од сега верувале или не, ќе градиме меѓународна дипломатска градинка. Негативен пример што не може да се забележи никаде во светот. Многу наши "бебиња" кои уште не беа политички проодени, беа испратени да го учат префинетиот речник на "Ист Ривер". И како такви, неизживеани, нестручни, неиспилени, ја утнаа националната надворешна политика.

Затоа долго време сме во нокдаун кој пред се е производ на домашните политичари кои со своите подмолни потези и дворските сплетки и сопки ги замрсија конците во дипломатијата. Во неа не се знае кој пие, а кој јаде. Но, затоа пак се знае чија фамилија е во Москва и во Вашингтон. Таквата ступидност, или ујдурма, не ја паметат, а ниту ја познаваат ни најсиромашните африкански земји. Затоа Македонија од плиткоумноста на квазилидерите трпи големи и непроценливи штети.

ДИЛЕТАНТИ

Жално е да се гледа ова што се случува со македонската надворешна политика, но тоа е голата вистина од која нема бегање. Постојат многубројни аргументи дека одредени политичари во Македонија направија вистинска, односно намерна папазјанија од дипломатијата. Но, сепак, загрижува фактот што токму тие, најголемите виновници, аргати на туѓите интереси, се уште се моќни. Длабоко се инволвирани во системот на државата и роварат против долгорочните интереси и цели на Република Македонија.

Затоа не може да им се застане на патот на дилетантите кои умеат да го искористат и добро да го наплатат својот дипломатски излет. Нивните хирови и основните непознавања од куртоазноста на однесувањето, скапо ја чинат нашата земја. Се одолговлекува проблемот со Грција, се прават амбасади, забави што се плаќаат од и онака скудниот денар на осиромашениот македонски народ.

Ако се проанализира сегашнава ситуација, таа е навистина многу лоша. Но, ќе биде уште полоша, бидејќи продолжуваат да се прават истите грешки во чекори. Не може Македонија во Соединетите Американски Држави да ја претставува личност која нема безмалку никакво дипломатско искуство, а притоа да му се даваат и одврзани раце и многу одговорна задача да биде специјален пратеник на нашата држава, да координира со преговорите околу проблемот со Република Грција. Тоа е преседан над преседаните. Или намера грешка само да се остранат непријателите и дома да се смират страстите.

ДОЛЖНИЦИ

Дипломатијата не смее да е попатна станица за поткусурување на нечии интереси. Таа треба да биде сериозна работа којашто ќе се негува со усул и прецизни долгорочни насоки. Но, токму на овој план се прават основните грешки кои се повторуваат и ја потресуваат македонската надворешна политика. И во најавата на новата листа на амбасадорските имиња се повторува истата песна. Испегланите наследници се притаени, веќе издувани политичари, чии имиња се поврзуваат со многубројни афери или негативни настани во Македонија. Некои се бивши функционери, други притаени благородници на "филствата", а трети се амнестирани злосторници на човековите права и слободи.

Зарем нашата држава треба да ја претставуваат личности кои имаат црни дамки во својата политичка кариера? Не! Но, сепак, креаторите на македонската дипломатија не можат да се ослободат од старата навика, бидејќи им се должници на новопечените амбасадори. Што се крие зад тој нивен нов "дил" никој не знае, освен што може да се претпоставува. Но, таа не води кон заклучок кој не мириса на добро. Нешто се прави за да се прикрие или затаи. Затоа сме затечени. И никој не ни е виновен, а впрочем кој досега видел, пронашол, или уапсил виновници за курцшлусот во дипломатијата. За жал, апсаната ни е празна. За оваа лоша ситуација сите сме виновни што се мајтапат со државноста, но зошто дозволуваме и понатаму да си играат врз нашиот грб. Нели ја научивме лекцијата од минатото!?

ОБЕЛЕЖАНИ

Дипломатскиот јавашлук мора да се заузди. Но, ако продолжиме со овој тренд да се меркаме, онака под око, и да ги испраќаме "замрсулените" во дипломатијата, тогаш да не си играме држава. Оваа, наша мала и напатена Република Македонија, памети многу такви потези. И затоа едвај преживеа. Кој знае дали ќе умее да се извлече од оваа глупост на домашната политика?

Во овој случај многу е неблагодарно преку овој ноторен исчекор да се кутнува на земи противникот, бидејќи со државноста и со името нема играње. Ако некој некому му пречи и сака да го намести, за тоа постојат методи и начини во т.н. демократска пресметка.

Затоа Република Македонија можеби наликува на "Дивиот Запад", но од тоа може да извлече поука. Во оваа пат-позиција нема победници, туку само губитници. И оние што се наименуваат за амбасадори и оние што ќе се вратат во земјава ќе бидат засекогаш обележани. Во кариерата ќе ги следат црните петна на македонската надворешна политика. Затоа, не еднаш, туку повеќе пати народот потенцирал дека на лагите кратки им се нозете, но уште пократко ќе траат изнудените дипломатски потези. Тие нудат привремен мир. Се што ќе следи е последица на слабата ориентација во светот. Без компас не може да се плови во овие исклучително бурни времиња кои се полни со тензии, војни и тектонски поместувања кај светските велесили.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"