СПОРТ

Се распаѓа ли гордоста на битолчани?!

"ПЕЛИСТЕР" ВО ГОЛЕМА КРИЗА

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Резултатите што досега ги постигнуваше "Пелистер" се далеку под очекувањата и предвидувањата на сите спортски љубители во Македонија.
  • Моментално состојбата врие. Чкембарите, популарните навивачи на "Пелистер", се заканија дека ќе направат се сопствениците да не се појават на Тумбе Кафе.

Фудбалска Битола е во паника. "Пелистер", клубот кој од секогаш беше гордост на градот под Тумбе Кафе, сега се наоѓа во тешка криза. За да биде иронијата поголема, мора да се истакне дека некогашниот македонски претставник во силната југословенска лига сега е во состојба на потпросечна македонска лига. Ситуацијата е алармантна и, што е уште пострашно, не само што излезот не се гледа, ами работите се повеќе се комплицираат.

Екипата на "Пелистер" беше достоен репрезент на македонскиот фудбал на поранешните југословенски фудбалски простори, а по осамостојувањето на Македонија и формирањето на Македонската лига, овој фудбалски клуб отсекогаш беше доведуван во комбинација како една од најсериозните екипи за освојување на шампионската титула. Но, очигледно е дека резултатите што досега ги постигнуваше "Пелистер", се далеку под очекувањата и предвидувањата на сите спортски љубители во Македонија.

ПРОБЛЕМИ

Кога сите очекуваа дека битолскиот Клуб со својот неоспорен квалитет и добра организација ќе придонесе за развојот и подемот на македонскиот фудбал, во зародиш се појавија проблеми кои никој не ги очекуваше. Тие доведоа до тоа "Пелистер" да отпадне од Македонската лига!

Првите знаци на сериозна криза се појавија минатата сезона кога во "Пелистер" се случи штрајк на првата екипа заради неисплатени плати и премии. Контрареакцијата на тогашната Управа водена од Горан Невеноски, тогашен актуелен пратеник, беше во најблага смисла кажано, непродуктивна и избрзана. Имено, тогашната Управа не реагираше соодветно и ги игнорираше барањата на првотимците, а на натпреварите ги носеше младинците. Таквата политика доведе до кулминација на превирањата и беше барано итно Собрание на кое би се решиле сите проблеми и би се одбрала Управа која би била достојна да ја води екипата на ранг на реномето кое го заслужува. Тогаш една од варијантите беше екипата да ја преземе Митко Стојкоски, што беше и желбата на играчите и на навивачите, затоа што се сметаше дека со неговото искуство може да се излезе од кризата. Но, Митко Стојкоски не ја презеде екипата, затоа што не беше испочитуван условот кој беше поставен - да се знае точната состојба на побарувањата и долгувањата во екипата. Очигледно, некому не му одговараше тоа и Митко Стојкоски, нашиот прославен фудбалер кој на "Пелистер" му го донесе досега единствениот трофеј, Купот на Македонија, не го презеде управувањето со Клубот. Клубот го презедоа Милан и Васко Тодоровски кои ветија дека ќе го вратат реномето на Клубот и дека ќе направат се "Пелистер" да се бори за излез во Европа.

КУЛМИНАЦИЈА

И кога се мислеше дека работите во "Пелистер" ќе се доведат до некаков ред, кризата доживеа кулминација. Новите луѓе сакаа да покажат цврста рака и веднаш се заканија дека, доколку некој не работи во Клубот, нема ни да биде платен. Тоа значеше дека штрајкот на првотимците ќе продолжи, а со тоа и "Пелистер" ќе паѓа се повеќе и повеќе на табелата. Дури се случи и најлошото - овој македонски фудбалски клуб се доведе во ситуација да се бори за опстанок.

Комбинаториките со тренерите, односно поставувањето на еден тренер за пет дена, па негово бркање, па поставување на нов тренер за наредните пет дена, и враќање на претходниот со таен договор, само дотурија масло на и онака вжештената атмосфера.

Моментално состојбата врие. Чкембарите, популарните навивачи на "Пелистер", се заканија дека ќе направат се сопствениците да не се појават на Тумбе Кафе. Исто така, пуштија апел до битолчани да се самоорганизираат и да му помогнат на Клубот. Првотимците не играат на прволигашките натпревари, а Клубот е на работ на распаѓање ако не се преземат итни и радикални мерки.

РАСПЛЕТ

Излезот од ситуацијата моментално не се гледа и е многу далечен. Треба да се направи се за да не се дозволи Битола да се срами, туку да се гордее затоа што тој град одсекогаш давал најголем број на репрезентативци и играчи кои оставале силен печат во македонскиот фудбал. Не смее да се занемари дека школата на битолски "Пелистер" е најдобрата школа во Македонија. Излезот треба да се гледа во тоа што во Клубот ќе дојдат луѓе кои го сакаат фудбалот и кои ќе направат се за да го спасат "Пелистер". Тоа може да се направи само се макотрпна работа на сите во Клубот и на сите кои имаат некаква врска со него. Исто така, треба и градот да застане зад Клубот, зашто би било навистина жално доколку се дозволи една Битола да има второлигаш.

Се надеваме дека страстите ќе се смират и дека "Пелистер" конечно ќе излезе од кризата и повторно ќе биде оној стариот кој секаде уживал почит и секаде бил пречекуван со голем респект.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"