ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

ШЕСТАТА ЗАПОВЕД

Подготвила: Милева ЛАЗОВА

Шестата заповед е: "Не убивај". Оваа заповед го забранува убиството и самоубиството, односно одземањето на душата на ближниот и себеси.

Постојат два вида на убиство: телесно и душевно. Телесно убиство е одземањето некому телесен живот, или тепањето и ранувањето кое подоцна ќе донесе смрт, како и суровото однесување кое огорчува и го скратува животот. Исто така, како убиство се смета и лекомисленото изложување на опасности, неумереноста во јадењето, пиењето и гозбите - нешта кои го уништуваат нашето здравје.

Душевно убиство е лошиот пример и соблазната, односно намерното намамување на ближниот на грев, или навредувањето преку непристојни зборови и дела и нешто што донесува и доведува до смрт на душата.

Не се виновни за убиство оние што бранејќи си го животот, имотот и честа, направиле некое зло, или пак дури и ги убиле напаѓачите. Исто така, не се виновни ниту војниците кои ги убиваат непријателите во одбрана на својата татковина.

Убиството е најголемиот грев што може некој да му го направи на ближниот и самиот себеси, бидејќи секое зло што можеме да му го направиме некому или на самиот себеси, можно е да се поправи, но животот, кој всушност е најскапото добро на човекот, невозможно е да му го повратиме на оној што сме го зеле од него.


ПОКАЈАНИЕ

Покајанието е Света Тајна при која христијанинот добива простување на гревовивте, исповедани пред духовникот.

Оваа Света Тајна Спасителот ја основал, велејќи им на светите апостоли: "Примете Дух Свети! На оние на кои ќе им ги простите гревовите - ќе им се простат, а на оние кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат".

Недолжна е потребата оној што се кае да чувствува жал поради направените гревови, цврсто да одлучи повеќе да не греши, да си ги исповеда гревовите пред духовник и доследно да го исполни зададениот му канон. Само на овој начин Светата Тајна ќе даде плод во неговата душа.

Канонот, укорување или епитимија е духовен лек што духовникот го дава за да го чува од гревови и да го држи на вистинскиот пат оној што се кае. Постот, молитвата и милостината се најсоодветниот и најполезниот канон, та затоа духовникот обично него го задава. Христијанинот е должен со светост да го исполни зададениот канон на исповедувањето, а ако може и многу повеќе од тоа - со сите сили да се труди од својата душа да ја искорени навиката да греши. Во спротивно, Тајната Покајание нема да му биде од полза.

("Вероучението на православниот христијанин")


Духовни искри

Секој од нас го сака доброто, а сепак го правиме она што не е добро.

****

Човековото неверие и неговата гордост се причина за нашето оддалечување од Бога и за паѓањето во гревови.

****

Многумина ја прифаќаат верата, но не живеат според неа. Тие немаат жива вера. Нивната вера не се преточува во нивниот секојдневен живот.

****

Демоните се паднати ангели. Бог и нив ги создал добри. Тие доброволно станале противници Божји и Негови непријатели.

****

Човечката душа е скапоцен бисер за кој и најголемите напори и саможртви не се достатно големи.

 

(Од Блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Михаил)


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"