ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Акатист на Пресвета Богородица - прв и втор дел

"РАДУЈ СЕ, ТИ СИ ПЛОД БЕСМРТЕН!"

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Од небесните сфери слета Архангел Гаврил, застана пред Дева Марија, откривајќи го планот Божји предвечен и воскликнувајќи и рече: "Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе! Благословена си Ти меѓу жените!".
  • Затоа Светата Црква го посвети овој свечен празник на Онаа која Го роди Создателот и Спасителот на светот, Онаа Која спречи светот да пропадне во гревовен потоп.

Со глас восхитувачки, Пресвета Дево, Богоневесто, Владичице, Тебе Ти пееме, Севоспеана: "Тебе, Богородице, поборнице - војвотко, ние Твоите слуги, откако се избавивме од зло, Ти пееме победна и благодарствена песна. Ти имаш непобедлива сила, ослободи не од секакви опасности, за да Ти пееме: Радуј се, Невесто неневесна!".

Акатистот на Пресвета Богородица е Божествен и сечесен празник со кој се прославува Пресвета Богородица и од неа родениот Бог. Зборот "Акатист" значи непоседувана (се мисли за Мајката Божја). Зборот "акростихни" означува химна во чест на Богородица испеана во 626 година, во времето на царот Хераклие, по повод ослободувањето на Цариград, постигнато со нејзина помош. Акатистот се состои од четири дела и секогаш се одржува во петок. Оваа година ќе се одржи на 14.03, 21.03, 28.03, 4.04 и на 11.04, по нов календар.

СЛУГИНКА ГОСПОДОВА

Од сите девојки на светот, Бог ја избра Пречиста Дева Марија да го роди Божјиот Син. Затоа во првиот дел на Акатистот е наречена "утроба на божественото овоплотување". Се воспева нешто што се случило во градот Назарет, нешто неизмерно важно за Неа и за светот. Од небесните сфери слета Архангел Гаврил, застана пред Дева Марија, откривајќи го планот Божји предвечен и воскликнувајќи и рече: "Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе! Благословена си Ти меѓу жените!". Ја известил дека ќе зачне во утробата и ќе роди Син, и ќе Го нарече со името Исус и Таа ќе биде почеток на Христовите чуда, тајница на неискажливата Светлина, Ѕвезда што го навестува Сонцето. Пресвета Дева, знаејќи дека е Пречиста, смело му вели дека неговите чудни зборови тешко може да ги прими Нејзината душа. Премудрата Дева сака да го разбере недостижното за човечкиот разум и извикува: "Кажи ми како е можно да се роди Син од чиста утроба?... Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?... Јас сласт не познав ... непорочна сум, како тогаш дете ќе родам?". Архангелот & објаснува дека Светиот Дух ќе слегне на Неа и силата на Севишниот ќе ја осени: "па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји". Марија дава согласност: "Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои!". Таа го прими во својата утроба, бессемено зачна и го роди Синот Божји кој стана Син човечки (Богочовек). Таа ги поврза небесниот и земниот свет. Затоа Богородица ја воспеваме како лествица небесна по која Бог слезе, мост по кој поминуваат луѓето од земјата на небото, чудо преславно за ангелите, најстрашен пораз на демоните, царски престол.

ЧИСТИТЕЛКА НА ЦЕЛИОТ СВЕТ

Откога го примила во својата утроба Бога, Дева отишла кај нејзината роднина Елисавета (мајката на Св. Јован Крстител). Само што го слушнала нејзиниот поздрав, Младенецот Јован заиграл во нејзината утроба. Сеќавајќи се на таа незаборавна средба, кога Елисавета исполнета со Свет Дух вели дека кај неа дошла мајката на Господ, со песни ја величаме Богородица како пријатно молитвено кадило, чистителка на целиот свет, Божјо благоволение кон смртните, смелост на смртните кон Бога, подготвителка на пристаништето за душите која прави да цути рајот на убавините: "Радуј се, Ти си плод бесмртен! Радуј се, Ти Го роди Човекољубецот, радуј се, Ти Го роди Сејачот на нашиот живот!... Радуј се, Невесто неневесна!". За време на Богослужбата се спомнува и стариот праведен Јосиф, на кого Ангел Господов го извести дека зачнатото во Дева Марија е од Светиот Дух.

Во вториот дел на Акатистот се воспеваат и пастирите кои слушајќи од ангелите за Христовото раѓање, отишле кај Него и со радост го воспевале Христовото доаѓање во тело на земјта. Се говори и за мудреците кои водени од Ѕвездата, стигнале кај Младенецот Христос - Небесниот Цар, му се поклониле, го дарувале и станале проповедници на Бога. Се слави и Св. Симеон Богопримец, кој пред заминување од земниот свет, го позна совршениот Бог.

Само за момент да се пренесеме на Голгота и да ја гледаме со ужас крвавата жртва на Крстот (на 33 годишниот Бог), која е пренесена за нашите гревови и нашето спасение и да соучествуваме со Неговиот и Мајчината неискажлива болка. Затоа Светата Црква го посвети овој свечен празник на Онаа која Го роди Создателот и Спасителот на светот, Онаа Која спречи светот да пропадне во гревовен потоп, Онаа Која го води светот од смрт во живот и Која со своите благословени и невини очи го гледаше својот Син како крвари и како на Крстот ги прострел своите пречисти невини раце, за растурените чеда Божји да ги собере во едно, сите да ги повика во соединение на љубов, вера и мир во светот.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"