СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПРЕОСТАНАТИТЕ ДЕЛА НА ДРЕВНИОТ ГРЧКИ ИСТОРИЧАР ПЛУТАРХ (1)

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • И во Биографијата за атинскиот генерал Аристид, Плутарх повторно ги одделува Македонците од Грците!
  • Во Биографијата за Гај Јулие Цезар, Плутарх ја спомнува и египетската кралица од македонско потекло Клеопатра Седма!

Досега наведовме податоци за спомнувањето на Македонците во неколку дела (биографии) напишани во првиот век по Христа од страна на древниот грчки историчар Плутарх.

Освен во набројаниве, Македонците останале овековечени и во други негови дела. Во продолжение ќе спомнеме некои од овие податоци.

БИОГРАФИЈАТА НА АРИСТИД

Биографијата на атинскиот генерал Аристид, Плутарх се смета дека исто така ја напишал околу 75 година по Христа. Аристид се родил околу 530 година пред Христа, а починал бо 468 година пред Христа. Тој бил познат атински говорник и генерал. Се прочул по тоа што учествувал во битката кај Маратон (490 година пред Христа), во која Атињаните ги поразиле Персијанците на чело со Дарие Први. Подоцна Аристид влегол во конфликт со грчкиот генерал и говорник Темистокле, поради што бил испратен во прогонство. Но, откако Персијанците повторно ја нападнале Атина (овојпат на чело со персискиот владетел Ксеркс Први), Аристид бил повикан да се врати во војската. Во 479 година пред Христа тој ја предводел Атинската војска против Персијанците во битката кај Платеја, која Атињаните ја добиле. До крајот на животот Аристид живеел како угледна личност во Атина.

Што се однесува до спомнувањето на Македонците во неговата биографија напишана од Плутарх, конкретно овде е спомнат македонскиот крал Александар Први (498 - 452 пред Христа), кој дошол на таен состанок со Аристид, ноќта пред битката кај Платеја за да им ги открие на Атињаните плановите на Персијанците. Ова е позната епизода од постарата историја на Македонија. Имено, Александар Први, за време на персиско-грчкиот судир водел вешта неутрална политика за да ја заштити својата слаба држава од овие два моќни фактори. Сепак, ноќта пред битката кај Платеја, тој поминал на страната на Атина. Овој настан Плутарх го опишува со зборовите:

"Околу полноќ, еден коњаник влегол во грчкиот камп и откако бил забележан, побарал да разговара со Аристид Атињанецот. Откако бргу се сретнале, странецот рекол: "Јас сум Александар, кралот на Македонците и овде дојдов со добра волја наспроти најголемата опасност на светот...".

Во продолжение Плутарх пишува дека Александар му кажал на Аристид дека утредента треба да бидат нападнати од Персијанците, откривајќи му ги плановите на Персијанците. Во продолжение Плутарх пишува дека Александар ова им го кажал на Грците во најголема доверба и на крајот заклучил дека (цитат): "доколку Грците ја добијат битката, ниту еден од нив не треба да ги заборават добрата волја и љубезноста што ги направи Александар за нив".

Во продолжение Плутарх пишува:

"По ова, кралот на Македонците одјава назад, а Аристид појде во шаторот на Павсанија и му кажа да ги повика преостанатите команданти, на кои им издаде наредба за подготовки за битката".

Мислам дека не е потребна којзнае каква анализа на овие извадоци од Плутарх за да се сфати дека и овде тој (козјнае по кој пат во своите дела) јасно ги издвојува Македонците како засебен народ од Грците. Овде тој јасно пишува дека Александар Први, самиот себе си се претставил како "крал на Македонците", додека од страна на Грците биле сметан како "странец", кој упаднал во нивниот камп за да им помогне. Подоцна, пред да замине, "кралот на Македонците" им рекол на Грците дека, доколку победат, не смеат да ја заборават неговата добра волја и помош.

Настаните во продолжение покажале дека Грците (благодарение на информациите од Александар Први), сепак ја добиле битката кај Платеја и ги поразиле Персијанците. Потоа дошло до приближување на Александар Први со Грците, т.е. до форсирање на неговата хеленофилска политика во Македонија.

Некои историчари (како, на пример, Абел) сметаат дека Александар Први Македонски бил убиен од страна на повидни Македонци, токму поради својата хеленофилска политика, која според нив, претставувала опасност за Македонија.

Во Биографијата за Аристид Плутарх го споменува и Македонецот Кратер, кој запишал податоци околу смртта на Аристид. Практично, Кратер е уште еден Македонец од времето на антиката, кој се занимавал со пишување, а чии дела денес не останале зачувани во оригинал.

БИОГРАФИЈАТА НА ЦЕЗАР

Плутарх ја спомнал Македонија (како римска провинција) и во биографијата за Гај Јулие Цезар, за која исто така се смета дека ја напишал во 75 година пред Христа.

Гај Јулие Цезар се родил во 100 година пред Христа. Уште како млад се спротивставил на диктаторот Сула поради што го напуштил Рим. Извесно време престојувал на островот Родос, каде ја изучувал реториката, по што се стекнал со говорна способност. По падот на Сула, заедно со Помпеј и Крас, Јулие Цезар бил член на Првиот триумвират. Цезар бил познат по тоа што ги поддржувал гладијаторските борби. Неколку години Јулие Цезар војувал против околните племиња на Хелветите и Германите, а го задушил и востанието на Галите. Подоцна, по смртта на Крас, дошло до распад на триумвиратот и до војна помеѓу Цезар и Помпеј. По поразот, Помпеј заминал за Египет, каде бил убиен. И самиот Јулие Цезар дошол во Египет, каде се запознал со Македонката Клеопатра, која ја поставил за кралица на Египет. Од нивната врска им се родил син. Подоцна се вратил во Рим, каде го зацврстил авторитарниот режим. Спровел реформи во системот за даноци и во други области од економскиот живот, а познати се неговите реформи и во календарот (Јулијанскиот календар). Начинот на кој Цезар владеел му донел многу непријатели, кои се плашеле од неговата апсолутна моќ. Тој се смета за основач на римскиот империјален систем. Поради сето тоа, против него бил скован заговор и Јулие Цезар бил убиен од атентат во 44 година пред Христа. Додека влегувал во сенатот, група сенатори го нападнале и го убиле. Главни организатори на овој заговор биле неговите блиски соработници Брут и Касиј, кои и самите учествувале во атентатот. Јулие Цезар сигурно дека е најпознатиот римски владеетел на сите времиња. Мнозина денес го споредуваат со Александар Македонски, имајќи ги предвид неговите воени успеси. Гај Јулие Цезар престојувал и во Македонија, каде ја извојувал победата над римскиот генерал Помпеј. Во овој контекст е спомната Македонија и во Биографијата на Цезар напишана од Плутарх.

Во ова дело спомната е и египетската кралица од македонско потекло Клеопатра Седма која, како што е познато, била во љубовна врска со Цезар. Но, таа овде е спомната само посредно, а не како во Биографијата за Марко Антоние. Овде само е спомнато дека Јулие Цезар бил опседнат од Клеопатра. Накратко е опишана и нивната прва средба, на која Клеопатра успеала да го шармира славниот римски војсководец. Запишано е и тоа дека Цезар ја поставил Клеопатра за кралица на Египет, откако таа претходно се наоѓала во немилост. Секако дека е спомнато и детето што се родило од нивната меѓусебна врска, кое (според Плутарх) било наречено Цезарион токму од страна на жителите на Александрија.

БИОГРАФИЈАТА НА МАРКУС ФУРИУС КАМИЛУС

Македонците се спомнати и во Биографијата на римскиот говорник и војник Маркус Фуриус Камилус (Marcus Furius Camillus), кој живеел некаде од околу 445 година пред Христа, па се до 365 година пред Христа. За време на Римската република Камилус бил неколку пати назначуван за воен трибун, а во 403 година станал диктатор. Тогаш војувал против етрурските градови. Подоцна бил сменет и испратен во прогонство. Во тоа време Галите го запалиле Рим, по што Камилус бил повторно повикан да го брани градот. Според едно предание тој се вратил, собрал војска и ги избркал Галите од Рим. Потоа Камилус ја реорганизирал римската војска и вовел реформи. Истовремено подигнал утврдувања околу Рим. Во негово време Рим ги проширил своите владеења во централниот дел на денешна Италија.

Што се однесува до спомнувањето на Македонците во неговата Биографија од Плутарх, тоа овде е посредно направено. Имено, Камилус немал директни допири со Македонците затоа што Рим во тоа време бил речиси безначајна држава во однос на Македонија. Конкретно, Плутарх прави преглед на неколку позначајни историски битки до древнината, па прави свои опсервации околу тоа која битка во кој месец се одиграла. Така Плутарх утврдува дека месецот Метагитнион им бил несреќен на Грците, затоа што во тој месец доживеале порази во разни времиња. Во врска со ова Плутарх пишува:

"Од друга страна, месецот Метагитнион, што во Беотија се нарекува Панемус, не беше многу среќен за Грците, затоа што во неговиот седми ден тие беа поразени од Антипатер во битката кај Кранон, а пред тоа кај Херонеја беа поразени и од Филип".

И овде гледаме дека јасно се издвоени Македонците од Грците. Многу е важно тоа што Плутарх овде пишува дека кај Херонеја Филип им нанесол пораз на Грците (а не на Атињаните и сл.), што значи дека Плутарх и овде прави јасна разлика помеѓу Македонците и Грците.

Инаку, во Биографијата на Камилус, спомната е и битката кај Граник во која војската на Александар Македонски му нанела тежок пораз на персискиот цар Дарие.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"