ИСТОРИЈА

Бугарските шпекулации со политичкото име на дел од македонскиот народ во средновековието (4)

ПРЕД ФАКТИТЕ И БОГОВИТЕ МОЛЧАТ!

Пишува: Сариса ПАРАОС

  • Во времето на бугарското владеење, северна Македонија си имала свое географско и етничко име, сосема различно од она на Бугарија и Бугарите.
  • Во "Месецословот", пишуван во времето на Василиј Втори, каде што се собрани поголемиот дел од житијата на македонските свештено-маченици, пишува дека: "...четириесетте девици-маченици биле од Адрианопол во Македонија".

Јасно разграничување на двата народа - Македонци и Бугари и на двете земји - Македонија и Бугарија, имаме и во параграфот 17 од Пространото Климентово житие. Овде читаме: "Климент бил испратен за учител во Кутмичевица и била издадена наредба до сите жители на оваа земја да го примаат светителот со почит...".

До сега не е откриен оригиналот на Климентовото житие и не се знае дали токму вака се изразил хагиографот, нарекувајќи ја својата татковина како "оваа земја" или пак можеби стоело "Котокија" или "Славинија", кое Теофилакт тенденциозно го заменил со "оваа земја". Важно, и овде гледаме дека северна Македонија се споменува одделно од Бугарија, не само како земја, туку и од аспект на етничката припадност на нејзиниот народ.

Во делото на Црноризец Храбар "За буквите", современикот на Климентовиот хагиограф, оди уште подалеку и тој воопшто не ги ниту споменува Бугарија и Бугарите, туку зборува само за словенски народ, словенска писменост, словенски книги и словенски писатели. Одвај кон крајот од делото, Црноризец Храбар соопштува дека Кирил и Методија ја создале втората македонска писменост "во времето на грчкиот цар Михаил и Борис, бугарскиот кнез, и Растица, моравскиот кнез... во годината 863".

НЕПОБИТНИ ДОКАЗИ

Сите досега изнесени податоци потврдуваат дека на Македонците од западна Македонија во 970 година, надворешни сили (Византија, рускиот кнез Свјатослав и бугарскиот сојузник од запад - Унгарците), но и внатрешната состојба му наложиле на кнез (цар) Давид, доброволно или не, да ги прифати условите на Византија, неговата држава да го добие политичкото име - "Бугарија", а со самото тоа и народот да го добие името - "Бугари".

Досега не е откриен официјален документ кој ќе ни ја покаже оваа мерка, која му била наложена на кнез (цар) Давид, но дека таков документ постоел и дека бил познат во Византија, ни докажуваат овде изнесените податоци. Но, освен нив, науката располага со "Историја" од византискиот писател Михаил Аталијат, кој во описот на востанието на Петар Делјан во 1041 година, ја споменува политичката зделка од 970 година, па вели:

"А Мизите, на кои им било ставено името 'Бугари', како сопствено име, кренале бунт..." (ГИБИ, т. VI, стр. 160).

Нема потреба да го коментираме ова сведоштво на Аталијат, затоа што тој јасно сведочи дека на западна Македонија и на Македонците им било дадено ново име, кое го заменило нивното сопствено етничко име. Можеби само треба да објасниме зошто Аталијат ги нарекува востаниците "Мизи", а не "Бугари". Тоа ни го објаснуваат други византиски дела, од кои се гледа дека од втората половина на XI век, западна Македонија и навистина била нарекувана како "Нова Мизија". Еве извадок од спомените на Никифор Вриениј, кој се однесува на походот на Никифор III Вотанијат од 1078 година. Никифор Вриениј пишува:

"Кога поминал Волерон (низ југоисточна Македонија, з.м.), Комнин стигнал до (реката) Стримон и откако ја преминал, поминал низ теснецот помеѓу Струмица и таканаречената планина Мавар (Скопска Црна Гора, з.м.), по што пристигнал во едно село, расположено на некоја река, која на месниот јазик се нарекувала 'Вардариј'. Вардариј извира од планината на Нова Мизија и минува низ Скопје..." (ГИБИ, т. VI, стр. 120. Подвлекувањето е мое, з.м.).

Друг византиски историчар - Јован Кинам во својата "Историја", во врска со војната на империјата против навлезените од северозапад Унгарци, во 1152 година, го посочува местото на битката како "Мизиска Хераклеја", т.е. Битола (исто, стр. 241).

Посочениве извори недвосмислено докажуваат дека во времето на бугарското владеење, северна Македонија си имала свое географско и етничко име, сосема различно од она на Бугарија и Бугарите. И, одвај во 970 година, при потпишувањето на договорот за признавање на Втората македонска држава, Византија му наметнала на кнез Давид ново, политичко, име на нашата земја и народ, кое денес се користи за најдолни шпекулации како од "специјалисти", така и од наши заблудени "патриоти".

МАКЕДОНЦИТЕ НЕ ГО ЗАБОРАВААТ СВОЕТО ИМЕ

Наспроти обидите од надворешните сили да ни се замени етничкото име со политичко, сепак гледаме дека успех не е постигнат. Причини за ова има неколку. Некои од нив се:

1. На прво место несомнено е причината дека Македонецот никогаш не ја заборавил својата древна слава. Имињата на двата најголеми македонски цареви Филип Втори и Александар Македонски, пренесувани низ вековите, стигнале и до нас. Овде секако се и урнатините на старите македонски престолнини Едеса (Воден) и Пела; потоа надгробните споменици, расеани речиси низ цела Македонија - сето тоа постојано го потхранувало споменот по минатото и жедта за ново воскресение на нашиот народ.

2. Значителен дел од нашата татковина, уште од крајот на 8. век, го востановил своето етничко име. Тоа е територијата на источна Македонија, која ги опфаќала следниве граници: на север стигнувала до падините на Стара Планина. На југ, по течението на р. Марица, стигнувала до Егејското Море. На запад стигнувала до околината на Солун. Оваа територија од крајот на 8. век била организирана како одделна административна тема во Византија, која го носела името Македонија. Ова име останало до крајот на византиското владеење.

3. Византија продолжувала да ги собира своите војски на етнички принцип. Така, во оваа империја, постоеле: "тракиска војска", "македонска војска", "словенска војска" итн. Овие војски биле обучувани и командувани главно од команданти Македонци, кои стекнале слава како најдобри полководци, додека нивната војска се сметала како најдобра во битките.

4. Своја заслуга имаат и македонските писатели. Како прва земја во Европа, која го прифатила христијанството, Македонија дала многу маченици во негова слава. Споменот на овие маченици бил овековечен во т.н. "житија". Во овие житија, писателите ја спомнувале својата татковина и, што е уште поважно, секогаш ја разграничувале од соседните земји и народи.

5. Се разбира дека овде се и западните хроничари кои честопати го спомнувале нашето етничко име.

Со посебна популарност биле користени и четирите книги за солунскиот чудотворец Свети Димитрија. Во нив среќаваме многу детали од политичкиот и општествено-стопанскиот живот на Македонија во Средниот век. Во "Месецословот", пишуван во времето на Василиј Втори, каде што се собрани поголемиот дел од житијата на македонските свештено-маченици, пишува дека: "...четириесетте девици-маченици биле од Адрианопол во Македонија" (ГИБИ, т. 6, стр. 48).

Од посебно значење биле и многуте географски патеписи, кои ја користеле старомакедонската топонимија. Така, на пример, Михаил Псел раскажува за востанието на Македонците во 1057 година, на чие чело бил Лав Торник. Псел, како современик на Торник, соопштува дека Македонците си биле живи и здрави и во 11. век. Тој пишува: "Тогаш околу престолнината имаше многу Македонци, главно такви, кои од памтивека живееја во Адрианопол" (исто, стр. 102). Овде Псел открива и дел од моралните квалитети на Македонците, па пишува: "Повеќето Македонци се луѓе, полни со надменост и смелост..." (исто, стр. 105).

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"