ИСТОРИЈА

Димитар Василев - Македонски, учебникар, учител, журналист, правник и општественик - 105 години од смртта

ЕДИНСТВО НА СИТЕ МАКЕДОНЦИ

Пишува: Анита ДИМОВА

  • "Имајќи ја како цел автономијата на земјата, ќе им се одземе најсилното орудие на пропагандистите, ќе се уништи внатрешниот антагонизам и ќе се обединат сите онеправдани од сегашното тамошно управување. Така во самата Македонија денешниот режим ќе сретне силен отпор… ќе ги спечалиме симпатиите на сите и возможно е една автономија на Македонија да се добие... која ќе послужи за реализирање на одамна мечтаената балканска конфедерација. Значи, ако мислиме да се бориме за слободата на нас Македонците во нашата татковина, треба да се поставиме како Македонци. Да го постигнеме единството на сите што имаат потреба да живеат слободно и мирно во Македонија".

По првите пројави на Кирил Пејчиновиќ и Теодосиј Синаитски, во втората половина на 19 век дојде до засилување на преродбенското движење. Плејада културно-национални дејци го покренаа прашањето за обновување на Охридската архиепископија, за воведување на старомакедонскиот јазик во црквите и во училиштата, со што создадоа погодна клима за вооружена борба за политичко ослободување и државно конституирање на Македонија. Во тоа предничеа учителите. Тие, покрај педагошката дејност во училиштата, имаа благотворна улога и врз националната преродба на возрасните. За потребите на своите сотатковинци издаваа и учебници.

ЛИЧНОСТА КОЈА...

...токму на овој план има постигнато значајни остварување, а се уште не е доволно позната на пошироката македонска јавност е Димитар Василев - Македонски. Животот и делото на овој национален деец предизвикува внимание за првпат во нашата наука кај Блаже Конески во 1949 година. Подоцна и други автори дадоа значаен прилог при расветлувањето на животописот на Димитар Василев, но секако, најголеми резултати во оваа насока постигна академик Блаже Ристовски.

Приказната за Димитар Василев - Македонски започнува во село Емборе, Кајларско, во југозападниот дел на тогашна Македонија. Се до денес, поради недостиг на конкретни документи не е утврдена годината, а воопшто нема податоци ниту за датумот на раѓање. Кога станува збор за образованието и за учебникарската дејност на Димитар Македонски, работите стојат нешто поинаку.

По завршувањето на основното грчко училиште во селото, на 17-годишна возраст, отишол кај татка си кој бил на печалба во Цариград и го продолжил школувањето во грчкото Големо народно училиште, а потоа и во еден приватен грчко-француски лицеј. Подоцна учи и во Бугарското училиште при цариградската црква "Св. Стефан". Така, покрај македонскиот, турскиот и грчкиот, постепено го совладувал и францускиот, италијанскиот, германскиот и бугарскиот јазик, а подоцна и рускиот и англискиот.

Знаењето на повеќе јазици му овозможува на Димитар Василев појасно да дефинира многу форми, присутни во народниот македонски говор. И не само тоа, преку компарација да даде објаснение за користените македонски зборови и дијалектни изрази наспроти употребуваните форми на други јазици.

Во првата половина на мај 1867 година во Царгирад се појавува првиот учебник "Буквар за употребување во македонските училишта", како заедничко издание на Димитар В. Македонски и охриѓанецот Димитар Христо Узунов.

Иако го плаќа данокот на заедничката македонско-бугарска борба за отфрлање на грчката јазична и духовна доминација, Димитар Македонски прави и видлива дистинкција меѓу двата народа. Тоа, особено, се гледа од содржината на неговата втора книга: "Свештена историја за малите Македончиња".

Примерот што Димитар Македонски го даде со издавањето на своите учебници, одигра позитивна улога и отвори нова страница во македонското преродбенско движење, бидејќи сите овие учебници се појавуваат непосредно пред серијата учебници "на македонско наречје" од Кузман Шапкарев и цела деценија пред оние на Венјамин Мачуковски и Ѓорѓија Пулевски. Меѓутоа, не задоцнија и отворените напади од претставниците на бугарската црковно-просветна пропаганда.

ПОКРАЈ УЧЕБНИКАРСТВОТО...

... Димитар Василев работи и како учител. Тој откако не се успеа да се обнови Охридската архиепископија, по формирањето на Бугарската егзархија во 1870 година, се заложи за рамноправно учество на Македонците во црковно-народниот собир на единствената словенска православна црква во европска Турција.

Димитар Македонски, забележлива активност развива и во организирањето на македонската имиграција во Бугарија. Тој во повеќе редакторски статии во весникот "Македонија" мошне јасно во национално-политичка смисла, укажува и препорачува како може и треба да се реши македонскиот проблем. Така во статијата "Мислење за решавање на македонското прашање" објавена на 19 август 1889 година, предлага: "Македонската емиграција барем привремено треба да ја напушти својата досегашна политика: таа треба да се постави во борбата врз чисто македонска почва и потоа може да оди успешно напред со своите стремежи. Македонските друштва и организации треба да се титулираат исклучиво како македонски, без додавката: бугаро-, романо-, србо-, или елино-. Ние и другпат имаме речено - не е време ние Македонците да изјавуваме желба за наше присоединување при некоја држава, бидејќи во таков случај ќе се исползуваат соседите, Македонија ќе биде раскината".

Во поглед на самостојноста на македонската ослободителна борба, Димитар Василев во истата статија под псевдонимот Македонец, пишува:

"Но сега, по нашето расцепување, во нашата Македонија тукуречи не се гледа таква борба. По се изгледа, сите и ни го откажуваат правото на таква борба, стремејќи се очигледно да не завладеат. Дури мнозина и од слободните Бугари, макар и без основа, гледаат со една чудна недоверба врз една посамостојна борба од страна на Македонците. Се гледа дека сите му го откажуваат правото на Македонецот да се бори за олеснување на сопствениот живот.

Сите само една и иста песна пеат: 'Да ги ослободиме нашите браќа', но да им помогнат на своите браќа да си се ослободат за себе си никој не сака...".

Македонското прашање и во текот на 1890/91 не се симнува од страниците на весникот "Македонија". Основната причина беа нападите од провладиниот софиски весник "Свобода". Во одговор на пропагандистичките ставови на овој весник, "Македонија" под редакторство на Димитар Василев, возвраќа: "Макар и со претпоставка, ние повеќе се надеваме дека постојаните прашања во Европа, меѓу кои се наоѓа и нашето - македонското прашање, ќе се решат мирно од страна на големите сили. Во секој случај при нашите денешни несреќи, при нашето молчење, тоа ќе биде решено во полза на онаа страна што ќе умее повеќе да вика. Следствено, интересите на Македонија, интресите на самите Македонци нема да бидат земени предвид и се ќе се реши на наша штета. Нашето општо постоење во иднина бара од нас едно општо дејствување. Имајќи го предвид тоа, не треба да стоиме со скрстени раце, туку треба машки да се фатиме за работа...".

Кон половината на 1887 година Македонски станува редактор на егзархискиот орган "Новини" во Цариград. Поради пишувањето на весникот во врска со Виничката афера, весникот привремено е забранет, а поради една негова уводна статија во врска со таа афера во в. "Новина" од 6 февруари 1898 година, на 20 февруари човек на Македонската револуционерна организација влегува во станот на редакторот Д.В. Македонски и го застрелува. Убиец е еден цариградски подавач на зеленчук од ресенското село Дупени, Ефтим Димитров - Гештанов, во тоа време вратар на бугарската болница во Цариград.

Димитар Македонски оставил само еден син - Александар кој како соработник на весникот "Македонија", починал во почетокот на декември 1919 година, а само по дваесетина дена починала и мајка му Донка Македонска.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"