Судбината на македонското ткиво!
(Ако до вчера се прашувавме "што сме добиле од Македонија", прашањето на
денешниот ден е:“што сме направиле ние за неа”!)
Расфрлани од Драч до Варна (не станува збор за некакви територијални
претензии, туку само согледување на вистината. А вистината - барем за оние
кои се во душевна состојба да ја прифатат како вистина - вели: во Албанија и
Бугарија има многу повеќе Македонци, отколку на целата територија на етничка
Македонија. Тоа се потомци на македонските страдалници: печалбарите и
бегалците, со сила избркани од родните огништа!), Македонците ја трпат од
другите наметнатата судбина. Шетајќи низ овие простори, ќе најдеме секакви
човечки души: некои со пламен во очите говорат за своите македонски корени,
без да ја знаат вистината за Македонија и Македонците, други ќе ви прозборат
на најчистиот македонски лерински говор, колку да ви кажат, дека не се
Македонци...
Кои се Македонците: оние што зборуваат на македонски јазик и велат дека
не се Македонци; или, можеби, оние кои велат дека се Македонци, а одвај
знаат македонски збор да прозборат!? Најверојатно, сите тие се Македонци кои
загубиле дел од своето македонско битие: некој го загубил јазикот, друг
сознанието за својата припадност, а трет го загубил споменот за прадедовците
свои.
Веќе сум рекол и пак ќе речам кој не сака со нас, слободен е да си оди
кога сака каде што наумил. Подобро да си оди сега, наместо да остане меѓу
нас, прикриен, за утре, во некој суден час, да ни го забие ножот, од туѓинец
даден, во грбот наш. Нека си одат, да знаеме кои сме, колку сме! И место
солзи жалосни, по отпадниците од родот наш, да им подадеме рака на братство
и пријателство, разбирање и љубов на оние со сила одвоени, на оние кои
сакаат да бидат со нас. Да им подадеме рака на таквите, со голи раце, без
нож во ракавот свој.
Соседни или подалечни, враговите го поделија родот наш, го истераа од
огништата родни. Му го крадат името, јазикот, минатото... Преку горчливата
сегашност му ја затемнуваат иднината. Ќе дозволиме ли нашите потомци да
останат безимени бездомници!? Ќе ги лишиме ли децата од спомените наши (какви
ќе бидат, дали воопшто ќе бидат, зависи од нас)!?
Во некој утрешен ден, нашите деца, како ние до вчера, ќе се прашуваат:
што сум добил од Македонија!? Одговорот можеме да им го дадеме уште сега:
ништо повеќе - ништо помалку од она што Македонија го добила од нас. Затоа,
да ја направиме Македонија онаква каква што нашите деца би сакале да ја
видат: горда, силна и богата земја, полна со радост и среќа. Да го направиме
народот македонски какви што сакаме да бидеме сите ние: горди и самоуверени
Македонци, човечки души исполнети со радост и среќа. И нека се што сме
направиле биде за доброто на нашите деца!
Ако вчерашниот беше ден на зборовите, нека денешниот биде ден на делата!
Мишо Јузмески
Дипломатите против својата земја
(Отворено до учесниците во македонската дипломатија)
Македонски дипломати! Големо е прашањето дали постојат, штом толку порази
на својот грб почувствуваа македонските граѓани. Досега се што се случи во
тој поглед, секоја позначајна работа која е направена за опстанокот и
просперитетот на нашата држава, заврши со невиден пораз.
Се запрашал ли некој како се чувствува нашиот народ и колку жестоко
згазнаа врз неговото достоинство со своето неодговорно одлучување. Некои од
нив можеби ќе напишат мемоари во кои ќе му се извинат на народот, но каква
корист од тоа. Неправдите не се забораваат!
Нивната "дипломатска работа" со сигурност ќе биде пример во сите училишта
каде што ќе се изучува дипломатијата: "Што не треба да прават дипломатите
против својата земја".
Одговорот зошто така се однесуваа нашите дипломати, најдобро ќе ни го
дадат бројните неправилности во нивното работење. Нека се запрашаат колку
знаат за сопствениот народ и држава, штом толку лесно ја распродаваат. Тие
наместо да бидат адвокати и да ја бранат државата, потпишуваа се и сешто, не
знаејќи дека со тоа се осакатуваат самите, но и своите потомци. Ваквите луѓе
како ништо да не научиле од зборот дипломатија!
Но, најновиот испит кој треба да го положи македонската дипломатија е
спорот со името, кој Грција го форсира за конечна пресметка со Македонија,
иако таа никогаш нема да запре. Таа денес се наоѓа во најмоќната позиција од
нејзиното постоење. Тоа се придобивките од правилната дипломатија! Грција
денес е претседавач со Европската унија и сите нејзини постапки се од
витално значење за нашата земја. Сите стројници кои ќе ни доаѓаат и ќе не
тераат да побрзаме, бидејќи само еден чекор не дели од Европа, ќе бидат
казна за нашата несовесна дипломатија. Тоа е сон кој македонскиот граѓанин
уште долго време ќе го сонува.
Во политиката нема милост. Послабиот и поглупавиот секогаш ќе си биде
насамарен. Во периодот кој претстои, нашите дипломати ќе го полагаат испитот
на зрелоста и одговорноста. Дали ќе бидат доблесни да останат имуни пред
искушението, допрва ќе видиме. Нека не забораваат дека од нивното работење
зависи судбината на Македонија и на нејзините граѓани. За секој проблем
постои решение. Тоа е основно правило во дипломатијата. Наведнати глави не &
се потребни на Македонија!
Стефан Боцески, Прилеп
Кој ќе преговара за името?
Од медиумите читаме дека Никола Димитров, амбасадорот на Македонија во
Вашингтон, "ќе биде преговарач со Грците за спорот околу името". Јас лично,
а верувам и многумина други, имам сериозни резерви, да не речам сум
категорично против таквиот евентуален избор. Зошто? Па, затоа што младиот
Димитров не размислува како Македонец! Минатата година во јуни, во Детроит
каде што беше во посета на покана од едно од здруженијата на Македонците (а
всушност излезе нешто друго), амбасадорот Димитров во текот на своето
излагање "сосема случајно" ја "вметна" бројката од 1,4 милиони Македонци "на
Балканот". Како може воопшто да му се случи такво нешто, ако не е од порано
индоктриниран да шири таква пропаганда, или ако не е со такво убедување
самиот?
Од осамостојувањето, една Влада "се откажа од македонското малцинство во
Грција", а другата "од постоење на македонско малцинство во Бугарија"! Е,
сега се навистина на своето и тоа е објаснувањето зошто тој Димитров им "делеше"
таква бројка на присутните 60-тина Македонци, меѓу кои за негова несреќа
беше и авторот на овие редови со својата филмска екипа и камери, па го
забележа овој историски "напад врз Македонците на Балканот".
Јас реагирав бурно на неговите зборови, но тој дури и ја бранеше таа
бројка "оти била според пописот...". Каков попис на Балканот? Нејсе, вели
нашиот народ.
За да биде посфатливо за сите вас и да не мислите дека ова е личен напад
врз младиот Димитров, за кој патем речено имаме барем 2 - 3 часа видео и
фото материјали од различна природа - вклучувајќи ги и неговите средби со
ултранационалистичката албанска емиграција од САД - творец на УЧК што ги
киднапираше и масакрираше и етнички ги чистеше Македонците (и еден мој чичко
е се уште во оние 12 киднапирани за кои никој, се чини, не сака да
разговараме), со МПО - пробугарската организација што го негира постоењето
на Македонците и на македонски јазик..., значи за да биде посфатливо за што
зборувам, јас ви приложувам линк кон видео колаж од материјал што беше
прикажан на ТВ "М" во Охрид на 13 септември 2002 година вечерта во рамките
на предизборната кампања и "моите 40 минути" пред охриѓаните. Сами проценете
што е што на видеото:
http://aamis.com/Video Files/klip PAL POMNI1991-2002.mpg
(Ви напоменуваме дека во линкот има празни места -
space).
д-р Стојадин Б. Наумовски
|