ФОРУМ

СПАС ЗА МАРИОВО!

Ф. Мавревски, Градешница, Старавина - Мариово

Господине Премиер на Р. Македонија!

И Вие гледате дека полека, но сигурно згаснува животот на некогаш полното со живот Мариово. Некогаш, сега полу-живото Мариово, ги хранеше селата од сега плодната Пелагонија, кога таа беше мочуриште. Но, што е тоа е, состојбата е таа. А кој е виновен за тоа?

Не така одамна, вината & ја препишувавме на поранешната заедничка држава, со нејзината индолентна политика, но тоа беше тогаш. Сега имаме сопствена држава, сопствена политика. Но, пак е исто. Зошто е тоа така? Зошто воопшто да не се помислува на тој дел од државата? И тој дел (Мариово) е во состав на нашава Македонија. Зошто да не се создадат барем основни услови за живот таму?

Во битолско Мариово (Општина Старавина), постојат села (Груниште и Брник) каде што струјата се уште не влегла во домовите. Тоа е срамота за една држава. Ќе одиме во Европа, ќе се компјутеризираме, а од друга страна некој во државава со борина го осветлува домот.

Во претходниот мандат инсталиравте водовод во Општина Старавина. Некои го исмејуваа тој ваш чин, но за нас Мариовците тоа беше настан што го одбележа столетието. Токму тој водовод ни даде искра надеж дека, сепак, Мариово не е заборавено од државата, дека Мариово нема да умре. Дека некој мисли и на Мариовците и сака да ја исправи историската грешка, фатална за нас.

Таа надеж беше поткрепена и со фактот дека Вие и Вашата Влада планирате реализација на хидроцентралата "Чебрен". Таа тема долг период егзистираше и се анализираше по домовите и седенките на Мариовци. Во реализацијата на овој Проект се гледаше спасот и оживувањето на Мариово, изградба на асфалтен пат, поврзување со цивилизацијата, наводнување на обработливата површина која повеќе од 30 години никој не се обидел да ја обработува, изградба на одредени производствени капацитети, а со тоа и враќање на младо невработено население кое потекнува од тие простори и, конечно, повторно да се слушне детскиот плач и смеа во тие предели и отворање на руинираните училишта, кои попусто се надеваат дека во нив повторно ќе има живот. Низ призмата на "Чебрен" се гледаше и обновата на прекрасните мариовски обичаи, традиции, мариовските песни и ора и особено зачувување на мариовскиот јазик кој постепено оди во заборав.

Но, со промената на власта, фамозниот "Чебрен" се удави во водите на Црна Река, а со него и сите надежи дека Мариово ќе оживее.

Претходната власт немаше некои ангажмани во Општина Старавина, освен предизборниот асфалтен пат од Градешница до Старавина, за што им сме благодарни.

Меѓутоа, Вие повторно седнавте на кормилото, а ние Мариовците имаме свој придонес за тоа. Надежта за "Чебрен" и за оживувањето на Мариово повторно се роди, но иднината ќе покаже колку е оправдано тоа. Моментално Мариово е олицетворение на пациент приклучен на апарати кои го одржуваат во живот. Лекот за неговото оздравување е во џебот на лекарот (Владата).

Подолг период слушаме за една незавидна ситуација кај нас. По медиумите слушаме и читаме одредени изјави од министерот за локална самоуправа дека постојаните општини ќе ги намалува во однос на бројноста, односно ќе престанеле да живеат општините кои сами без помош на Владата не можат да опстанат. Значи, апсурд. Во ликот на нашиот спасител ние го откривме нашиот егзекутор. За нас Мариовците тоа во превод би значело дека - полесно ќе Ви биде да го исклучите пациентот од апарат и да си го решите проблемот, отколку да му го дадете лекот.

Ве молиме, не дозволувајте си таков луксуз, затоа што во нашата сакана Македонија се уште не е легализирана еутаназијата. Па, доколку го извршите тој чин, следуваат одредени казнени дејствија. Имајте предвид дека ќе го навлечето гневот на Мариовците врз вашиот грб. Не дозволувајте Мариово да умре. Не дозволувајте по Ваша вина некогаш генерациите по нас да расправаат и да спорат за тоа кој живеел некогаш на територијата на Мариово и каде се неговите жители, можеби и тие "испариле" во непознат правец како Античките Македонци?

Нашите познати археолози добро знаат за глинената плоча најдена во с. Градешница со посвета на зетот Пир Македонски, која датира 5. 000 години пред Христа.

Затоа, Ве молам, најдете сили и не дозволувајте уште еднаш да умре Македонија, но овој пат во Мариово. Не & го корнете и овој корен. Обидете се да ја зачувате последната пупка на единствената гранка што му остана на незаштитеното од разни неприлики скоро суво дрво - Мариово. Ве молиме, ние Мариовците, не учествувајте во убиството, учествувајте во спасувањето и оживувањето на нашето жално Мариово. Со опстојувањето на Општина Старавина, минимално ангажирање на Вашата Влада, скромни средства и остварување на одредени предложени проекти и создавање на минимални услови за живот, Мариово ќе живее.

Зошто да ја пропуштите шансата Мариовците да Ви бидат вечно благодарни. Зошто друг да се гордее со тоа.

Веруваме многу во Вас, а Вие повелете, оправдајте го тоа.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"