ФОРУМ

ПОГОЛЕМА ГРИЖА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ИНВАЛИДНИ ЛИЦА

Кирил Тодоровски

(Второ отворено обраќање до Јован Манасиевски, министер за труд и социјална политика на Република Македонија)

Бидејќи 2003 година е прогласена за европска година на лицата со хендикеп, државата треба да му посвети особено внимание на формираниот Посебен фонд за вработување на инвалидни лица. Затоа што впечаток е дека ниту тој функционира, ниту пак инвалидизираните лица го добиваат неопходното внимание

Во јуни 2000 година донесен е Закон за вработување на инвалидни лица. Врз основа на овој Закон, министерот за труд и социјална политика донесе посебен Правилник со кој, во рамките на Заводот за вработување, се формира и Посебен фонд за вработување на инвалидни лица. Со овој Фонд се обезбедуваат значителни финансиски средства за вработување на инвалидните лица.

Средства за оваа намена не беа обезбедени со буџетите на Заводот за вработување на РМ за 2000 и за 2001 година. Со залагање на авторот на текстов и со разбирање на тогашниот министер за финансии, господин Никола Груевски, со ребалансот на Буџетот на Заводот за вработување за 2001 година се обезбедија потребните финансиски средства и од први септември 2001 година започна функционирањето на овој Фонд. Воедно, до средината на 2001 година целосно беше ажурирана евиденцијата за невработените (инвалидни) лица; работодавачите и невработените инвалидни лица беа посебно запознати со нивните права и обврски; беа извршени промени во подзаконскиот акт, односно во Правилникот за Посебниот Фонд за вработување на инвалидни лица и друго.

За кус временски период, посебна Комисија во Заводот за вработување ги систематизираше сите пристигнати, а натрупани барања по овој Фонд; изготви комплетна документација и соодветна процедура; ги инструира работниците во Заводот за вработување за правилна реализација на барањата и друго. По разгледувањето од страна на Управниот одбор, Заводот за вработување веднаш ги исплати сите оправдани барања по сите основи, заклучно со 2001 година. Меѓутоа, сегашната состојба е следнава: Комисијата одамна е расформирана; Од поодамна (најмалку 6 месеци) по барањата не расправал Управниот одбор на Заводот за вработување. Ова значи дека Управниот одбор на Заводот за вработување на РМ до 24 февруари 2003 година не ги разгледал и не дал виза за барањата од Посебниот фонд за вработување на инвалидни лица, а кои се доставени до Заводот за вработување во период од речиси седум месеци наназад, со што овие барања, секако на штета на сите, се уште не се реализирани. Со ова, практично, не се ни извршува законската обврска од страна на Заводот за вработување, за редовно постапување по барањата (рокот е до 60 дена од поднесување на барањето) и за шестмесечно (сумирање и) известување за спроведувањето на Законот до Министерството за труд и социјална политика.

Постојат основани сомневања за разни огромни злоупотреби на Законот, што бара негово итно коренито преиспитување и промена на некои одредби од Законот и од Правилникот, а заради директно насочување на средствата за вработување на инвалидни лица, а не со сирово финансирање на работодавачите повеќекратно во текот на една година, за адаптирање на деловниот простор и купување на скапа опрема (работата е дојдена до таму што, преку медиумите, неодамна е пренесено дека за кражба на околу 900 илјади денари од овој Фонд веќе е затворен Димитрија Савев, раководител на Бирото за вработување во Кочани).

Оттаму сметам дека министерот Манасиевски треба да води грижа за следните нешта: Пред се, дека целта на донесувањето на Законот за вработување на инвалидни лица (беш)е да се обезбедат средства за да се помогне во побрзо разрешување на невработеноста на невработените инвалидни лица. Така е и насловен Законот. Овие средства не се мали и изнесуваат 15 отсто од придонесот за вработување, односно овие средства за 2002 година изнесуваа околу 185 милиони денари. Секаква анализа веднаш ќе покаже дека постојните одредби и ваквата примена на Законот за вработување на инвалидни лица ни оддалеку не ги даваат очекуваните резултати, од следниве причини: 1. Ако средствата по овој основ (185 милиони денари за 2002 година) се поделат со бројот на невработените инвалидни лица (3.257 лица во декември 2001 година), ќе се добие износ од 56.800 денари на годишно ниво (околу 916 евра), или 4.666 денари по невработен на месечно ниво. Ова се инаку средства што државата, односно граѓаните постојано (ќе) ги издвојуваат секоја година за вработување на секое инвалидно лице; 2. А бројот на невработените инвалидни лица во септември 2001 година изнесуваше 3.332 лица, за во декември 2001 година да се намали на 3.257 лица, додека во декември 2002 година овој број изнесуваше 3.035 лица, што значи дека во досегашниот период на функционирање на Законот за вработување на инвалидни лица има намалување за само 297 лица, односно за помалку од 9 отсто.

Почитуван господине Манасиевски, во отсуство на соодветна грижа од надлежните институции, неинсистирање од заинтересираните субјекти за спроведување на Законот, проследено со целосен молк и апстиненција на поголемиот дел од јавните "независни" медиуми, кои се занимаваат само со политички сплетки и на кои им е под честа вистински да се занимаваат со проблемите на граѓаните, на сиромаштијата и на невработеноста, кај мене се јавуваат одредени дилеми по однос на функционирањето на овој Фонд, бидејќи претставниците на ММФ при нивната посета на Република Македонија при крајот на јануари 2003 година бараа да се укине постоењето на овој Фонд, та оттаму сакам јавно да Ви ги поставам неколку прашања. Дали Законот за вработување инвалидни лица е во функција на: Вработување на невработените инвалидни лица; Богатење на работодавачите кои безмилосно ги експлоатираат невработените инвалидни лица, бидејќи инвалидните лица претежно се вработени во производството каде што работат за мизерна плата (7.000 - 8.000 денари) и во многу лоши услови за работа; Зошто се толку малку барањата за вработување на инвалидните лица, а толку се големи повеќекратните исплати во иста година по однос на барањата од исти фирми за: Изградба, доградба и адаптација на деловниот простор; Купување машини и опрема.

Каде се трудовата инспекција, здруженијата на инвалидни лица, Заедницата на заштитни друштва, медиумите, да испитаат и да видат: Што се случува со вработените и со условите за работа, а особено во Заштитните друштва; Зошто на огласите за вработување, од многу Заштитни друштва, не се јавуваат невработените инвалидни лица?; Зошто има толку прекини на работата по барање на инвалидните лица? Дали со овие пари може (или, треба да се настојува) што поскоро да се вработат сите невработени инвалидни лица? Дали не е подобро, до нивното реално вработување, ама баш сите невработени инвалидни лица да си седат дома и да бидат згрижени од државата со по 4.666 денари месечно (солидна социјална помош)? Како мислите да се разреши невработеноста во државава, кога со веќе донесен Закон и со веќе обезбедени огромни финансиски средства за посебна категорија невработени - инвалидни лица, а за која категорија државата обезбедува и многу други бенефиции за нивните работодавачи, некако не се добиваат очекуваните резултати?

Почитуван господине Манасиевски, 2003 година е прогласена и за година на хендикепираните лица. А моторите на бродот - Заводот за вработување (читај: Министерството за труд и социјална политика) се уште се исклучени и тој и натаму плови по инерција, без компас и без навигација. Затоа, повторно Ве повикувам да си понесете ефтин бугарски фенер од Бит-пазар и итно да дојдете, да го посетите Заводот за вработување.

Господ да им е на помош на невработените (инвалидни) лица и на Македонија!

(Авторот е поранешен директор на Заводот за вработување)


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"