|
КУЛТУРА
Јован Павловски, директор на книгоиздателството "Ми - ан"
МАКЕДОНСКИОТ ЧИТАТЕЛ МОРА ДА СИ ЈА ЗНАЕ ИСТОРИЈАТА!
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Иако во последно време "Ми-ан" е ориентирана кон лексикографски и
енциклопедиски изданија, сепак нема да биде запоставена и убавата
македонска литература.
- Во подготовка на "Ми - ан" е третиот том "Настани од Македонија" кој
ги опфаќа државноправните моменти, историските моменти, моменти од
националната историја на Македонецот, па се до значајни настани од
спортскиот живот како што е, на пример, освојувањето на Европскиот куп од
страна на женската ракометна екипа на "Кометал".
М инатата година за издавачката
куќа "Ми - ан" беше мошне успешна. Покрај основните изданија, месечниците "Македонско
време" и "The Macedonian times",
оваа издавачка куќа се ориентира главно на реализирање на издавачки проекти
најтесно поврзани со македонската историја, односно со минатото и со
капитални дела од светската литература од сферата на политикологијата,
социологијата и историјата.
Меѓутоа, она што најмногу го интересира "Ми - ан", поточно директорот
Јован Павловски, познат и како новинар и публицист и неговите соработници, е
обработка на македонската историја. Со таа цел во 2002 го отпечатија првото
лексикографско издание "Личности од Македонија", а веќе во подготовка е и
третиот том насловен како "Настани во Македонија". По третиот том ќе
следуваат првиот и вториот кои ќе го опфатат подалечното минато поврзано со
Македонија.
ЛЕКСИКОГРАФСКИ ТРУД
Во рамките на таа издавачка преориентација, како што споменавме, спаѓа
првото издание на лексикографскиот труд "Личности од Македонија" чии автори
се Петар Карајанов, Христо Андоновски и Јован Павловски.
Со овој труд први го скршивме мразот во однос на лексикографската
издавачка програма на ниво на Македонија, бидејќи "Личности од Македонија" е
прв лексикографски труд кој најдиректно се занимава со историското минато на
Македонија и на Македонците, вели Павловски. Имено, како што и
јавноста беше информирана, тој содржи повеќе од 1.700 биографски единици за
најзначајните личности (не мора да се Македонци) родени на просторот на
Македонија. Во него може да се сретнат Евреи, Бугари, Турци, меѓутоа
личности значајни за овој дел на Балканот кои на некој свој начин се врзани
со историјата на Македонија. Користејќи ја оваа прилика, отидовме и
малку понатаму, почнувајќи од Пајонските кнезови, па заклучно до денешните
литературни автори и денешните финансиски и стопански активисти. Исто
така, направивме и еден преглед за личности значајни за трите дела на
Македонија како една целина, значајни за Пиринскиот, Егејскиот и Вардарскиот
дел. Мислам дека направивме навистина еден пионерски потфат. Поминаа
досега педесет и нешто години, а тоа досега не беше направено.
Длабоко сум убеден дека ќе помине уште долго време, додека некој не седне и
не направи една таква листа на значајни личности од трите дела на Македонија
обединети во една целина. Ова е прва книга, прв труд кој личностите
ги афирмира во рамките на една македонска целина и ова го сметаме за гордост
на издавачката куќа "Ми - ан".
ПОВОД
Тоа беше повод "Ми - ан" повторно да вклучи група на доктори на науки,
академици, истакнати стручни лица од различни области од општествениот живот
за реализирање на еден нов проект. Овој пат станува збор за три тома
насловени како "Настани во Македонија" кои по еден хронолошки ред ќе бидат
подредени и ќе ја даваат историјата на Македонија. Тие нема да бидат
раскажани како лекции, туку ќе бидат исклучиво хронолошки поготвени кои ќе
даваат една прекрасна слика која повеќе ќе се памети и ќе има поударно
едукативно влијание на читателот.
Со група ентузијасти сега работиме на третиот том којшто прв ќе излезе
затоа што во него се собрани настаните коишто се случија во
XX век, а и затоа што се
вклопува во државната програма за одбележување на 100 годишнината од
Илинденското востание, додава
Павловски. Во него ќе бидат застапени настаните почнувајќи од 1 јануари
1903 година, па заклучно со настаните и процесите што се одвиваат денес.
Колку што имам увид, а имам во огромен дел од материјалот што го
подготвуваме, тоа ќе биде еден прекрасен лексикографски труд, една чудесна
хроника на она што се знае и на она што не се знае, а што е значајно и што
се случувало во сите сфери од човековото живеење во овие сто години.
Почнувајќи од државноправни моменти, од историски моменти, моменти од
националната историја на Македонецот, па се до значајни настани од
спортскиот живот како што е, на пример, освојувањето на Европскиот куп од
страна на женската ракометна екипа на "Кометал". Значи, кога ќе го
земе читателот тој таканаречен "Роман за Македонија", за него практично ќе
биде една детална хроника на настаните во Македонија. Тој ќе има убав
преглед на се она што е позначајно почнувајќи од историските дати, па
заклучно до метеоролошките и филателистичките настани, така што ќе може
подетално да се задржи на она што најмногу го интересира.
ЕДУКАЦИЈА
Јован Павловски и неговите соработници кои работат на тие зацртани
проекти сметаат дека македонскиот читател недоволно ја знае сопствената
историја.
Тој знае за многу настани, но знае енциклопедиски, неколку реда, не знае
детали, нема такво популарно издание кое попродлабочено ќе му ги доближи
настаните, објаснува Павловски. Ние имаме таква амбициозна програма
со која ќе го запознаеме читателот преку нашето издание коешто го
подготвуваме. Едноставно, македонскот читател мора да ја знае сопствената
историја за да го брани посигурно сопствениот идентитет и да има легитимитет
пред меѓународната јавност кога ги брани интересите на Македонија и на
Македонецот.
По третиот том ќе следат уште два, поточно првиот во кој ќе бидат
опфатени периодот на Античка Македонија, за Пајонците до доаѓањето на
Словените на Балканскиот Полуостров, а вториот би бил преродбата,
средновековната литература и животот во Македонија до 1903 година. Во овие
три изданија ангажирани се голем број луѓе, било со нивно конкретно авторско
истражување специјално за овие изданија, било со извадоци, позајмени парчиња
од нивните истражувања веќе завршени и објавени во книга. За оваа цел
вклучени се академиците Блаже Ристовски, Гане Тодоровски, Милан Ѓурчинов,
исто така вклучени се огромен број доктори на науки кои се задолжени да
обработуваат одредени области од историјата на Македонија итн., така што
книгите ќе содржат високо стручни текстови.
ДРУГИ ИЗДАНИЈА
Покрај овие проекти, "Ми - ан" предвидува до крајот на годината да
подготви и една мала општа енциклопедија во која ќе се најдат најзначајните
настани во светот, но во голем дел ќе бидат вклучени и енциклопедиски
единици коишто се однесуваат исклучиво на Македонија и нејзините луѓе и
нивните дела.
Се надевам набргу дека ќе излезе од печат "Балкански речник" во
подготовка на Славољуб Маринковиќ кој ќе содржи 2.700 македонски зборови кои
ќе бидат преведени на 13 јазици, девет балкански јазици и четири светски,
вели Павловски. Кога го споменав веќе Славољуб Маринковиќ, да напоменам и
тоа дека од почетокот на оваа година издадовме исто така еден исклучителен
лексикографски труд насловен како "Епоними". Овој труд содржи околу 3.500
епоними (што по кого е наречено) во којшто покрај голем број на светски
епоними вклучени се и околу 300 - 350 македонски епоними со што најдиректно
се афирмирани одредени состојби, процеси и настани во животот на Македонија,
на пример епонимот Браќа Миладиновци каде се вклучени сите оние кои се
добитници на таа награда, епонимот Рациново признание итн. Овој труд има
една поширока документарна вредност. Посочив на неколку
лексикографски изданија. Зошто прво нив ги потенцирам? Тие јасно говорат
дека на најнепосреден начин блиска на книгоиздателството "Ми - ан" е
македонската историја во минатото и македонската историја во подалечното
минато. Сакам да речам дека ние македонската историја не ја делиме на
античка Македонија и на денешна Македонија. Говориме за една целина која се
протега три милениуми.
Практиката за овие 10 - 12 месеци покажа дека енциклопедиските и
лексикографските изданија се многу повеќе прифатени од читателот, отколку
чистата литература од македонските автори. Конкретен пример е "Личности од
Македонија" кој е отпечатен во 1.500 примероци од кои се продадени 950
примероци, иако цената не беше многу ниска. "Ми - ан" сега се ориентира
повеќе кон енциклопедиски и лексикографски изданија, но тоа пак не значи
дека одредени публицистички и значајни остварувања и остварувања од областа
на убавата литература нема да бидат вклучени во издавачката програма на оваа
издавачка куќа.
За неколку дена ќе биде во продажба најновиот роман на Коле Чашуле "Посмртен
живот", како и исклучителната публицистичка студија на Иван Вања Тошевски "Нација
или Нација" во која тој го пренел своето искуство како експерт во ОН за
меѓунационални односи и за човекови права, додава Павловски. Нашата
основна дејност ќе се ориентира кон лексикографски и енциклопедиски изданија,
меѓутоа нема да ги запостави значајните дела од убавата македонска
литература.
|