Бугарија не го регистрира ОМО ИЛИНДЕН

Окружниот суд во Благоевград, Република Бугарија, ја отфрли пријавата за регистрација на ОМО ИЛИНДЕН како Здружение на граѓани со нестопанска цел. Образложението на Судот за оваа одлука е дека дејноста на ова здружение е насочено против суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на нацијата.

Според образложението на Судот, "ОМО ИЛИНДЕН се декларира како наследник и продолжувач на национално-ослободителната борба на македонската нација". Судот понатаму вели дека "се очигледни искривувањата на историските вистини и се игнорира бугарскиот карактер на определени географски реони и се предизвикува очигледно спротивставување на еден дел од населението на друг", а ОМО ИЛИНДЕН тоа го прави со тоа што ќе настојува "да го спречат процесот на асимилација во Пиринска Македонија". Судот смета дека на тој начин се нарушува и територијалниот интегритет на бугарската држава, поради што Уставот ги забранува организациите со таква дејност.

Управниот совет на ОМО ИЛИНДЕН вложи жалба до Апелациониот суд во Софија, од каде, исто така, пристигна потврда на решението на Окружниот суд во Благоевград.

Конференција за борба против тероризмот

На неодамнешната конференцијата посветена на новата војна и конфликтите во 21 век, што ја организираа Европскиот центар за безбедносни студии "Џорџ Маршал" и Министерството за одбрана, земаа учество 50 експерти од земјите членки на НАТО и од Министерството за одбрана. Министерот за одбрана Владо Бучковски нагласи дека Република Македонија е дел од антитерористичката коалиција и ги поддржува напорите на меѓународната заедница за забрана на оружјето за масивно уништување, при што во делот на ова прашање е и ирачкото разорожување.

На Косово има "активни екстремисти"

"На Косово постојат активни екстремисти кои прават обиди да иницираат акти на насилство во реонот на Јужна Србија", изјавил командантот на КФОР, Фабио Мини.

На прес-конференцијата што се одржа непосредно пред церемонијата на примопредавањето на командата на НАТО-штабот во Скопје, Мини го потврдил постоењето на екстремистички групи кои, според него, "се мали и не се групирани", додавајќи дека состојбата на северната македонска граница, во делот кон Косово, е добра.

Македонците со најниски плати на Балканот

Со просечна плата од само 189 евра месечно Македонија е на претпоследно место на списокот на држави од поранешната ју-федерација. Полошо од нас на овој план стои единствено Србија, со просечни примања од 186 евра. Имено, најплатени се Словенците со 630 евра за еден месец, потоа Хрватите со 506 евра, додека во БиХ просечната плата изнесува 202 евра месечно. Причините за ниските инвестиции не треба да се бараат само во цената на работната сила, туку пред се во корупцијата и бирократијата на администрацијата, неефикасноста на судството, политичката несигурност и други фактори.

Политиката и мас-медиумите

Во организација на романското Министерство за јавно информирање и германската фондација "Ханс Зајдл" во Букурешт се одржа Меѓународната конференција на тема "Политиката и мас-медиумите во посткомунистичките демократии". Учесниците на Конференцијата дискутираа за одредбите и правната регулатива во врска со медиумите, слободата на изразувањето, финансиската независност и уредувачката политика на медиумските групи. Во работата на Конференцијата учествуваше и делегација на Република Македонија во која меѓу другите беше и директорот на Агенцијата за информации, Веле Митаноски. Тој истакнал дека Македонија е недоволно застапена во медиумите на земјите учеснички или барем во поголемиот дел од нив.

Македонско - албанска соработка

Албанскиот министерски совет усвои Одлука за ратификација на Договорот меѓу македонската и албанската Влада за соработка во сферата на здравствената заштита и медицината. Договорот е потпишан меѓу претставниците на владите на двете земји во рамките на Пакетот за стабилност на Југоисточна Европа.

"Македонски извор" во Унгарија

Во издание на "Здружението на Егејските Македонци во Унгарија" во Букурешт излезе од печат најновиот број на списанието "Македонски извор". Иако овој број се однесува за минатиот месец (февруари) и иако е само на неколку странички, сепак во него може да се прочитаат интересни написи. Со самата насловна страница на која се ислустрирани фотографии од македонски деца од село Буковик - Преспа, Егејска Македонија, дојдени во Унгарија во далечната 1948 година, се чита тагата и носталгијата за родната Македонија. Следува писмото на "Здружението на Македонците од Егејска Македонија од Битола" упатено до министерот за надворешни работи на Р. Грција, Ѓорѓи Папандреу, во кое имаат заземено критички став кон работата и личноста на грчкиот министер. Во писмото кое е напишано и на грчки јазик освен критиките упатени на негова адреса, тие го "потсетуваат" и на вековните страдања на Македонецот.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"