Британија ќе лобира за Македонија
Македонскиот министер за одбрана, Владо Бучковски, и британскиот секретар
за одбрана, Џефри Хун, во Лондон утврдија среднорочна програма за поддршка
на македонската одбрана, со што Велика Британија ќе биде ментор и лобист за
нашето членство во Алијансата.
Бучковски разговараше и за процесот за спроведувањето на Рамковниот
договор. Заеднички е констатиран успех и прогрес во регионалната соработка и
за иницијативите за засилена гранична безбедност и борба против
организираниот криминал.
ЕУ не е целосна без Балканот
"Европската унија не може да биде целосна без присуство на балканските
земји, а тој став на Македонија го поддржува и Шведска", изјави во Скопје
министерката за надворешни работи, Илинка Митрева, по средбата со шефот на
шведската дипломатија, Ана Линд.
Линд истакна дека Унијата би изгубила од својата целосност доколку во неа
не влезат земјите од балканскиот регион.
Евросилите во Македонија ќе допатуват во март!
Европската унија и НАТО конечно ќе ја потпишат спогодбата со која ќе се
утврдат начините на идната меѓусебна соработка, со што ќе биде отстранета и
последната пречка Евросислите да ја преземат сегашната мисија на Алијансата
во Македонија, истакнуваат дипломатски извори во Брисел. Се очекува
спогодбата да биде потпишана во сабота (15 март) во Атина на состанокот на
министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ.
"Европската унија ќе ја преземе мировната операција од НАТО во Македонија
до крајот на март, и тоа ќе претставува прва ваква операција на евросилите",
изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ,
Хавиер Солана. НАТО-силите во Македонија беа распоредени во септември 2001
година, а нивната мисија досега двапати е продолжувана.
Протераните Македонци дочекани со рафали!
Две експлозивни направи детонирале во тетовското село Непроштено, а по
експлозиите од реонот на селото се слушнале дваесетина истрели од огнено
оружје. Засега МВР нема информации за сторителите на инцидентот. Овие
инциденти се поврзани со неодамнешното враќање на протераните Македонци во
Тетовско.
Во врска со проблемот на враќањето на протераните Македонци,
координативните тела на протераните лица сместени во прифатните центри
Олимписко село, "Стив Наумов" и "Пелагонија" бараат од Владата од списоците
за враќање да бидат изземени лицата со нарушена здравствена состојба и
семејствата со деца од основното и средното образование и од факултетите.
Учениците Македонци ќе учат во Сиричино
Учениците Македонци што треба да ја посетуваат наставата во селото
Шемшево и натаму нема да учат во основното училиште во ова село, туку во "Даме
Груев" во селото Сиричино до крајот на школската година. Ова е заклучокот од
средбата меѓу Иницијативниот одбор на родителите на учениците Македонци од
Шемшево и заменик-министерот за образование и наука, Тале Герамитчиоски. Во
Сиричино, исто така, учат и децата од Жилче, Ратае, Прељубиште и Туденце.
Македонците против војната со Ирак
Според испитувањата на Институтот за социолошки и и политичко-правни
испитувања најголем дел од граѓаните на Македонија не ја подржуваат војната
на САД против Ирак. Интересен е податокот дека ниту еден од испитаниците
Турци не дал поддршка за американската инвазија врз Ирак.
Матурата треба да се слави во училиштата!?
Министерството за образование им препорача на основните и средните
училишта да ги организираат матурските забави во своите простории.
Средношколците новата вест ја примија со револт, истакнувајќи дека со тоа
Министеството се обидува да им ја ограничи "слободата на движење".
Фрлена бомба во двор на кумановец
Експлозивна направа (бомба кашикара) била фрлена во дворот на семејната
куќа на Свето Петрушевски во Куманово. Сопственикот вели дека отпорано
добивал закани преку телефон од анонимно лице. Имено, тој е член на
Штрајкувачкиот одбор на земјоделско-индустрискиот комбинат "Сточарство и
преработка". Бомбата ја поврзува со луѓето на бизнисменот Методија Смиленски.
Полицијата трага по сторителите.
60 години од Холокаустот на Евреите
По повод 60 години од Холокаустот на македонските Евреи, во кругот на "Тутунски
комбинат", а.д. Скопје, претставници на Еврејската заедница и од
дипломатскиот кор положија цвеќе пред спомен-плочата на 7.200 депортирани
Евреи од Македонија во логорот Треблинка.
Промовирани книги на Тихомир Стојановски
На Факултетот за драмски уметности беа претставени книгите "Скршеното
копје на псевдонимот" и "Гимназиум" од авторот Тихомир Стојановски. Исто
така, беше претставен и преводот "На настап" од Лоренс Оливие, а беше
прикажан и документарниот филм "Бакни го сонцето". Сето ова беше во
организација на театарот "Скрб и утеха".
|