Владата даде виза за "Бранковиот закон"
Таканаречениот "Бранков закон" доби владина виза, а веќе во април стапува
на сила. Со овој закон бенефиции при вработувањето ќе имаат социјалните
случаи и работниците од загубарите. Законот ќе се применува само оваа година,
но доколку се покажат позитивни ефекти, тој ќе се спроведува и следната
година. Од први април фирмите кои ќе вработат нови лица две години ќе бидат
ослободени од плаќањето придонеси за здравствено и пензиско осигурување.
Популарниот "Бранков закон" кој ги предвидува овие поволности ја помина
владината процедура, а на крајот од овој месец ќе се најде на дневен ред и
пред парламентарците, по што ќе стартува и неговата примена.
Нема волшебни решенија за економијата
Министерот за финансии, Петар Гошев, во интервјуто за радиото "Слободна
Европа" вели дека е потребно време за да се подобри економската состојба во
Македонија.
Нема волшебни решенија или решенија преку ноќ. Важно е дали политиката
што сега ја водиме ќе почне да дава резултати. Годинава првпат се обидуваме
да ги намалиме јавните расходи и тоа ќе треба да го повторуваме повеќе
години. Неопходно е граѓаните да почнат да чувствуваат позитивни резултати.
Но, за тоа е потребно време, зашто и на најдобро подготвените пакети
економски мерки им треба период од шест месеци до една година - вели
министерот Гошев.
"Банк Аустриа Кредитансталт" во Македонија
"Банк Аустрија Кредитансталт", најголемата австриска банкарска група и
водечка интернационална банка во земјите од Централна и Источна Европа,
отвори претставништво во Македонија, како дел од својата стратегија за
развој во Југоисточна Европа. Директорот за развој на бизнисот на Банката во
регионов, Антон Кнет, најави дека во следните два-три месеца ќе биде
направена проценка на македонскиот пазар за отворање филијала. Доколку
проценката биде позитивна, новата оперативна единица на Банката во државава
би профункционирала за најмалку една година.
Рударите ќе добијат отпремнина
Владата одлучи да им исплати аванс на 1.394 вработени во пробиштипскиот
Рудник за олово и цинк "Злетово" во висина од 8.433 денари. Еднократен
паричен надомест од 11.259 денари ќе добијат и рударите од Рудникот "Саса"
од Македонска Каменица. Оваа одлука е донесена по предлог на Министерството
за економија. Станува збор за авансна исплата на првата рата од отпремнината,
која треба да ја добијат рударите од "Злетово" и "Саса", бидејќи во
рудниците веќе се отворени стечајни постапки. Стечајниот управник ќе одреди
колку рудари се потребни за одржување и за обезбедување на рудниците и тие
ќе добиваат плата од Буџетот се додека трае стечајот.
Ланскиот дефицит - 849,3 милиони долари
Обемот на стоковна размена на Македонија со странство во периодот јануари
- декември минатата година изнесува три милијарди 74 милиони и 837 илјади
американски долари, при што извозот учествува со 36,2 отсто, а увозот со
63,8 отсто, соопшти Државниот завод за статистика. Покриеноста на увозот со
извозот е 56,7 отсто, а салдото на размена е негативно и изнесува 849
милиони и 383 илјади долари. Најголемо учество во извозот имаат готовите
производи со 34,9 отсто, производите класирани според материјалот со 28,3
отсто и пијалаците и тутунот со 11,2 отсто.
Протест на "Славија"
Педесетина акционери и поранешни вработени во "Славија" а.д. - Скопје на
10 март штрајкуваа пред Агенцијата за приватизација, барајќи ревизија на
приватизацијата и исплата на заостанатите плати и придонеси. Овие барања,
како што велат во Штрајкувачкиот одбор, тие веќе ги доставиле до
министерствата за економија, за финансии, до Антикорупциската комисија, УЈП
и до други надлежни органи. Директорот на Агенцијата за приватизација, Бошко
Стефановски, изјави дека она што единствено може да го покрене Агенцијата е
да достави барање за преиспитување на приватизацијата.
Две награди за "ИДЕА плус ДДБ"
На вториот саем на медиуми и првиот Меѓународен саем за огласување, што
се одржа во Нови Сад, македонската рекламна агенција "ИДЕА плус ДДБ" се
здоби со две награди во категоријата телевизиски реклами.
Станува збор за телевизискиот спот направен за "Мобимак" за при-пејд со
наслов "Шахта - зборувајте со слободни раце", за кој доби специјална награда
за оригинална идеја. Спотот изработен за Министерството за внатрешни работи
на Република Македонија, посветен на превенцијата на употреба на петарди од
страна на деца, под наслов "Реагирајте", доби специјална награда во
категоријата кампањи од општ интерес.
Судска разврска за "Интерпромет"
Врз основа на официјалните информации од Агенцијата за приватизација на
РМ и Управата за јавни приходи, јавниот правобранител поднел барање до
Основниот суд во Тетово за донесување привремена мерка за забрана на
управување со 41 отсто од вредноста на капиталот на "Интерпромет" а.д. -
Тетово. До почетокот на трансформацијата на "Интерпромет", 28.708 акции биле
во сопственост на државата. Барањето судска разврска е производ на анализи и
сознанија од досега извршени ревизии во некогаш најголемото трговско
претпријатие во Тетово, во кое поголема група акционери, над 200, бараат
преку надлежните органи да се преземат поефикасни мерки за да се спречи
натамошното раскрчмување на имотот на претпријатието.
Раскинување на договорот за "Порцеланка"
Вработените во велешка "Порцеланка" бараат да се раскине договорот за
продажба на фирмата, бидејќи не бил почитуван рокот за плаќање на ратите.
Раководството на фирмата ги испрати работниците на принуден одмор, бидејќи
го запреле производството. Според вработените, сопственикот Леонардо Питиќев
не ја исполнил ниту обврската да инвестира 550 илјади евра. Не се исплатени
девет плати и придонеси за вработените, поради што тие стапија во штрајк.
Тие имаат информација дека фирмата само се задолжувала и не ја плаќала
потрошената струја, за што долгот е 5,5 милиони денари. За вода должи 1,5
милион денари. Барањето за поништување на купопродажниот договор помеѓу "Ексклузива"
и Владата вработените го испратиле до Агенцијата за приватизација и
Министерството за економија.
Директорот на "Порцеланка", Борис Настов, испрати 650 вработени на
принуден одмор. Според него, печките во фабриката се изгаснати, бидејќи
работниците штрајкуваат во "домашни услови".
Исклучување на струјата
"Електростопанство" почна акција за исклучување од електро-системот на
компаниите од реонот на Скопје кои имаат вкупен долг од околу 5 милиони и
300 илјади евра. Станува збор за 23 индустриски потрошувачи. Први и
единствени на 10 март без струја останаа фирмите од поранешен МЗТ, ФОБ и "Опрема".
ФОБ должи околу 340 илјади евра, а "Опрема" околу 140 илјади евра. Во МЗТ "Опрема"
без струја останаа и дел од фирмите кираџии, кои велат дека редовно давале
пари за струја на МЗТ, но не им е јасно зошто не е плаќано цели 4 години, и
како ЕСМ досега ги толерирало. Екипите на ЕСМ тропнаа на врата и во
преостанатите фирми што произлегуваат од некогашен МЗТ - "Хепос", "Леарница",
"Пумпи" и ФАМ кои имаат вкупен долг од околу 800 илјади евра, но
исклучувањето е одложено за две недели, бидејќи е договорена одредена
динамика на плаќање. Од истата причина времено е одложено исклучувањето на
струја и во "Типо" кој должи околу 770 илјади евра.
Стечај за "Газела"?
Вработените во скопската чевларска фабрика "Газела 2001" побараа да се
отвори стечај во фирмата, бидејќи нивниот поранешен австриски газда Флориан
Дос им должи шест плати и придонеси за девет месеци. Штрајкувачкиот одбор на
чевларската фабрика смета дека само на овој начин работниците ќе си ги
добијат платите, а ќе се исплатат и придонесите. Според информации на
штрајкувачкиот одбор, Дос им должи на вработените околу 1,1 милион евра. Тој
треба да им исплати две плати што им ги должи додека фабриката се уште
работеше и 60 отсто од платите за четири месеци, кога вработените штрајкуваа
со прекин на производството. Не се платени ниту здравствените и пензиските
придонеси за изминатите девет месеци.
Основниот суд Скопје 1 веќе одредил вештак да ја преиспита работата на
фирмата "Газела 2001" на газдата Дос и да подготви извештај. Врз основа на
извештајот на вештакот, стечајниот судски совет ќе утврди дали фирмата ќе
оди во стечај.
Македонски работници во Турција
Домашните градежни фирми и дел од текстилните од наредната година ќе се
појават на турскиот пазар. Ова било договорено на тридневната средба меѓу
македонските и турските бизнисмени од асоцијацијата АСКОН во Скопје.
Деталите од договорите и имињата на фирмите ќе бидат објавени наскоро,
откако ќе се официјализираат во турските ресорни министерства.
Поради геостратегиската положба на Македонија, нашата асоцијација секогаш
е заинтересирана за вложување и за соработка во Македонија. Нам реално ни
треба помош од страна на политичарите, ако сакаме соработката да се прошири
на сите полиња. Македонија има реални услови да стане Хон Конг на Балканот и
се надеваме дека со текот на времето и нашата соработка ќе придонесе за тоа,
вели Мустафа Коча, генерален директор на асоцијацијата АСКОН.
Заглавени земјоделски кредити
Кредитната линија ИФАД 1 за помош на индивидуалните земјоделски
производители во руралните подрачја, иако е понудена уште од 1997 година,
искористена е само четириесет отсто. Причина за ова се превисоките каматни
стапки на комерцијалните банки, поради кои корисниците не покажуваат голем
интерес за кредитот. Станува збор за италијанска кредитна линија од 10
милиони долари од кои едвај се искористени три милиони. Кредитот е со
каматна стапка од шест до осум отсто плус осигурување од три отсто.
Земјоделците апелираат до банките да ги намалат каматните стапки и да го
продолжат грејс-периодот, бидејќи станува збор за кредит наменет за многу
сиромашни региони кои треба да се развиваат.
Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА
|