осподинот Френк Сато,
градоначалник на Сиднеј, ја посети Македонската православна црковна општина
"Св. Петка" во Рогдаел. Неговото име стана синоним на Сиднеј, еден од
најубавите градови во светот, а во аналите ќе биде запишан како добар
домаќин по организирањето на досега најуспешни олимписки игри.
Неговото име се поврзува со многу позитивни и успешни работи кои ги
спроведува во Сиднеј. Како што велат многумина нашинци, оние постарите кои
дошле во оваа светска метропола пред четириесетина и повеќе години, денес
Сиднеј е како рајска градина, со поплочени тротоари, средени паркови, улици
и друго.
Господинот Сато единаесет години е градоначалник на Сиднеј, чесен, искрен,
човек од акција. Не треба многу да се ветува и само да се ветува, но треба
да се оствари она што ќе се вети. Градоначалникот Сато тоа го потврди и за
време на олимписките игри, а и сега кога Сиднеј го држи приматот како
најубава престолнина за што многумина за време на олимписките игри и ни
завидуваа. За таков успех човек треба да има голем елан, визија, да биде
достоен во она што сака да го направи за своите сограѓани.
Поводот за посетата на Македонската православна црковна општина "Св.
Петка" беше неговото запознавање со локалната Македонска заедница, бидејќи
господинот Френк Сато е кандидат за реонот Рогдаел на Работничката партија
на Австралија на претстојните избори во Нов Јужен Велс, една од најголемите
федерални единици кои треба да се одржат на 22 март 2003 година. Тој ја
посети црквата, запали свеќа за негова среќа на изборите, се интересираше
како се одвиваат работите околу реновирањето на црквата, а во просториите на
Културно-образовниот центар "Илинден" им се обрати на неколку стотини
пензионери кои секој вторник и петок минуваат по неколку часа од нивното
слободно време. Уште со неговото прво претставување пред присутните тој ги
доби симпатиите како чесен и искрен политичар.
Господинот Сато имаше и кратка средба со управата на Македонската
православна црковна општина "Св. Петка". Тој се смета за еден од многу
важечките политичари и иако првпат се обидува да заплива во водите на
Парламентот, веруваме дека со самото конституирање на новиот владин кабинет
тој ќе биде во првиот ешалон на премиерот Боб Кар.