МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Младиот научник д-р Марјан Попов, доцент на Техничкиот универзитет во Делфт од Кралството Холандија

МАКЕДОНИЈА ЗАСЛУЖУВА ПОГОЛЕМ РЕСПЕКТ

Пишува: Гоце ДУРТАНОСКИ

  • Стандардот на живеење, економскиот развој и повеќе работни места се клучните елементи кои Македонија треба да ги обезбеди во трката за влез во Европската унија. Но, од друга страна не треба да заборавиме дека Македонија заслужува поголем респект и право на сопствениот идентитет кој е оспорен не само од соседните држави, туку и од Организацијата на Обединетите нации, вели д-р Марјан Попов.
  • Д-р Попов им забележува и на западните медиуми кои, како што вели тој, за Македонија пишуваат само за корупцијата и недозволената (валкана) трговија со што Европејците имаат комплетно погрешно мислење за нас и нашата држава.

По барање на студентите на електротехничките факултети на универзитетите во Холандија и Германија деновиве остваривме контакт со д-р Марјан Попов, доцент на Техничкиот Универзитет во Делфт. Неговото име и неговата научна теза, од областа на електротехника, имав можност да ги прочитам низ неколку светски научни списанија кои ги добив преку интернет мрежата од неколку наши студенти.

Докторската дисертација со наслов "Исклучување на три-фазни дистрибутивни трансформатори со вакуумски прекинувачи, Анализа на преодните појави и заштитата на опремата" во која станува збор за моделирање на вакуумски прекинувачи и нивна интеракција во мрежа, со уважување на преодните процеси при исклучување на трансформатори, д-р Попов ја одбрани во ноември минатата година и претставува придонес во науката што дава поширок преглед на модели на електрични компоненти кои се користат во среднонапонската мрежа.

За примената на оваа теза д-р Попов во својот труд вели: "...врз моделите на електричните компоненти кои се користат во среднонапонската мрежа како на пример вакуумски прекинувач, кабел, трансформатор и одводници на пренапон се направени многу пресметки и компјутерски симулации со кои се најдени критични моменти и услови во кои трансформаторот и мрежата може да бидат изложени на опасни пренапони при исклучување со вакуумски прекинувач. Исто така, во мојот труд се предложени најразлични методи за заштита на трансфоратори и други високоиндуктивни апарати и потрошувачи од овој вид пренапони".

ДИЈАСПОРА

Македонците во светот од најразлични профили и професии, по најразлични причини и судбини живеат или престојуваат во дијаспората со надеж дека еден ден ќе се создадат услови за враќање во матичната држава каде својот талент, искуство и знаење ќе ги вложат во иднината на Македонија.

Во овие услови во кои сега се наоѓа Македонија, без професионална дипломатска мрежа и национална програма, афирмацијата на државата е токму во лица како младиот научник Попов кој во интервјуто на весникот Делта (официјален гласник на ТУ Делфт) на прашањето за процесот на развојот на Македонија и во нејзина одбрана меѓу другото вели: "...стандардот на живеење, економскиот развој и повеќе работни места се клучните елементи кои Македонија треба да ги обезбеди во трката за влез во Европската унија. Но, од друга страна не треба да заборавиме дека Македонија заслужува поголем респект и право на сопствениот идентитет кој е оспорен не само од соседните држави, туку и од Организацијата на Обединетите нации".

Д-р Попов им забележува и на западните медиуми кои, како што вели тој, за Македонија пишуваат само за корупцијата и недозволената (валкана) трговија со што Европејците имаат комплетно погрешно мислење за нас и нашата држава.

БИОГРАФИЈА

Д-р Марјан Попов (33) е роден во Кавадарци каде завршил основно и средно образование со континуиран одличен успех. Образованието го продолжува на Електро-техничкиот факултет во Скопје, на насоката Електроенергетика. Студиите ги завршува со просек 9,52 и дипломира на Институтот за електрични централи и разводни постројки. Истата година се запишува на постдипломските студии и работи како помлад асистент.

Како стипендист на Британската амбасада во Република Македонија, 6 месеци престојува и работи на Универзитетот во Ливерпул (Велика Британија) во областа на физичко моделирање на електричен лак во СФ6 прекинувачи.

По магистрирањето доаѓа на Техничкиот универзитет во Делфт (Кралство Холандија) каде 4 години работи на изработка на докторат од областа на Моделирање на вакуумски прекинувачи и интеракција во мрежа, со уважување на преодните процеси при исклучување на трансформатори.

Младиот научник д-р Марјан Попов докторската дисертација ја одбрани пред неколку месеци (ноември 2002 година) на Техничкиот Универзитет во Делфт каде како доцент изведува настава по неколку стручни и општи предмети.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"