Се надевам дека нема
ни да има. Но, ако има, ќе известувам во светот за настаните во македонската
држава за тој да ја дознае вистината за Македонија, вели Сашо Трајчевски
- Узунов, новинар од Австралија, чија специјалност е да известува од воените
жаришта.
Овој воен известувач двапати престојувал во Источен Тимор во мировна
мисија на ООН. Узунов бил и во Косово, Србија и Западна Европа. Иако сакал
да известува за време на конфликтот во Македонија во 2001 година, не бил во
состојба, затоа што бил ангажиран како професионален војник во австралиската
Армија во мировна мисија на границата меѓу Индонезија и Источен Тимор. Како
професионален војник Узунов поминал шест години во родот "пешадија".
Сашо Трајчевски - Узунов во Македонија престојувал и пред десетина години,
затоа што уште тогаш се ширеле информации дека во оваа држава ќе има војна.
Во Македонија бев и во 1992 - 1993 година, бидејќи во Брисел дознав дека
во оваа земја ќе има војна. Кога испратив извештај дека во Македонија ќе има
војна и дека планот е таа да се подели на два дела - западниот дел да биде
под албанска власт, а источниот дел да се приклучи кон Србија или кон
Бугарија, многумина мислеа дека нешто не е во ред со мене и дека не знам што
зборувам. За жал, тоа што го кажав полека излегува на виделина. Многу работи
за Македонија однапред се подготвувани во странство од разни луѓе кои имаат
одредени цели. За жал, ова е нестабилен регион и може во секој момент да има
проблеми, вели Сашо.
На оваа тема, објаснува нашиот соговорник, уште во далечната 1992 - 93
година разговарал со стручни лица, политичари, новинари, воени лица во
Брисел и во Западна Европа.
Тие, објаснува Сашо, ми кажуваа дека ќе има војна во Македонија.
Дали Македонија навистина ќе биде поделена на два дела, се уште не се знае,
затоа што тука се вмешани и надворешни фактори. Ако е во нивен интерес оваа
држава да постои - ќе постои, ако не е - нема да постои. Тешко е да се
претпостави дали навистина интересот на Западот е Македонија да постои,
затоа што светската политика се менува на секои пет минути. Вниманието на
Америка сега е свртено кон Ирак. Иако претходно нејзиниот интерес беше
Балканот, сега тој е оставен настрана и Америка вниманието го насочи кон
Блискиот Исток. Тешко е да се претпостави што понатаму ќе се случува. Многу
работи се матни и не излегуваат на виделина. Кога ќе заврши војната
во Ирак, можеби работите ќе станат појасни, можеби ќе биде појасно и што ќе
се случува во Македонија, додава Сашо.
ОФАНЗИВА
Воениот новинар Узунов вели дека и на новинарите на Запад им е чудна
политиката што ја води Македонија. Таа, од една страна најверојатно ќе ја
даде поддршката на САД за војната во Ирак, а од друга страна ја дава
поддршката на европската мисија.
Во Македонија многу работи не се чисти уште од времето на комунизмот и
затоа тешко е да се предвидат последиците. Во 1992 - 93 година беше јасно
каде одеа работите. Сега не е јасно. Постојат разни мислења, гласини. Она
што го знам е дека на Западот има две струи. Од една страна се Германија и
Франција со нивно мислење, а од друга страна се САД. Знам дека Германците
имаат едно мислење за Балканот, а Американците друго, објаснува
новинарот Узунов.
Многу влади на Запад, потенцира Узунов, се плашат да не влезат во војна
која ќе трае долго време и ќе има многу жртви и затоа со многу внимание ги
следат работите. Америка сака се да се случи набризина, затоа што од друга
страна се плаши да не влезат во долга криза. На нашиот соговорник му е чудна
и политиката што ја водат САД - Американците од една страна сакаат да имаат
влијание и воени бази на Балканот, а од друга страна сакаат да се повлечат
затоа што тоа ги чини многу пари.
Запрашан за проблемите кои ги прави албанската мафија на Балканот, Узунов
вели дека независно дали станува збор за албанската, италијанската,
бугарската мафија итн., криминалот нема етничко потекло.
Во јавноста струјат информации за нова пролетна офанзива во Република
Македонија. На оваа тема Узунов разговарал и со негови колеги - новинари
Македонци, Американци, Албанци, кои се интересирале за ова прашање, но сепак,
потенцира дека е тешко да се претпостави дали ќе има нова војна. Во
Република Македонија постои мислење дека Македонците се губитници во
конфликтот во 2001 година. Но, нашиот колега Узунов вели:
Тешко е да се оцени дали е тоа навистина така. Јас сум тука речиси осум
месеци и не можам да донесам заклучок, бидејќи не ги знам сите работи, а
сакам да ги дознам. Затоа прашувам луѓе, собирам материјали. Ова е Балкан и
тука работите се менуваат на секои пет минути.
ЖИВОТ
Македонските и австралиските медиуми во Австралија за војната во
Македонија известувале на тој начин што преземале извештаи од Америка и од
Англија. Затоа многу работи не им биле јасни. Македонската дијаспора може да
биде силна, но, како што објаснува Узунов, е разделена од разни причини и
нема силно влијание врз американската или австралиската власт. Македонците
во Австралија долго време ги нарекуваа Славомакедонци, но за жал, иако некои
мислат дека тој термин бил погрешен, се уште го употребуваат.
Од друга страна, поминаа повеќе од сто дена од владеењето на новата
македонска власт, но нема никаква промена во нивниот однос кон Македонците
во светот. Никој, и никогаш досега, ниту од актуелната, ниту од претходната
владејачка гарнитура, не дошол и не ги прашал за нивните проблеми.
Македонците во Австралија и воопшто во светот не сакаат некој да ги дели
според припадноста на некоја политичка партија. Не сакаат да бидат наречени
СДСМ-овци или ВМРО-вци. Тие си ја сакаат Македонија, објаснува Узунов.
Тој вели дека не би сакал многу да зборува за разделеноста меѓу
Македонската православна црква и Австралиско-новозеландската епархија.
Не сум политичар, вели Узунов, да давам политичко решение, но
сакам да потенцирам дека во Австралија многу луѓе од македонско потекло се
плашат црквите во Австралија да бидат под контрола на Македонската
православна црква. Зошто? Ако, не дај Боже, Македонија потпадне под која
било земја под ропство, тогаш и нивните цркви ќе бидат под контрола на таа
земја што ќе ја земе Македонија. Тие се прашуваат каде тогаш
ќе одат да се молат, да се крстат. Се плашат и поради тоа што ова е
нестабилен регион.