ПОЛИТИКА

ГОЛО БРДО: Цветан Мазнику, претседател на Заедницата на Македонците од Албанија

САКАМЕ ДА НЕ ПРИЗНААТ КАКО МАКЕДОНЦИ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Голем беше притисокот во нашите села за да не чуеме ни песна, ни збор македонски. Сега малку поинаку е, но сепак повторно постои притисокот од страна на албанските власти.
  • За тоа колку Македонци има во Албанија не треба никој да шпекулира. Едни кажуваат триста илјади, други двесте илјади. Сепак, сметам дека има околу 100 - 120 илјади по потекло Македонци.

Господинот Цветан Мазнику е роден во Голо Брдо, но живее во Тирана. По професија е рударски инженер и има работено дваесет години во рудници во Подградец и дваесет години во "Институтот за проектирање и истражување на рудниците".

Поводот за кој тој беше дојден во Македонија беше театарскиот маратон 10 години Дионисови чествувања "Мину Угриновска" во организација на театарот "Скрб и утеха". На оваа манифестација покрај господинот Мазнику, беа присутни уште петмина Македонци кои живеат во Албанија.

МАКЕДОНСКИ КНИГИ

Поминати се неколку години откако овој човек почна да се занимава со собирање на фолклорни материјали меѓу Македонците во Албанија од подрачјето Голо Брдо и од другите подрачја каде што има Македонци - Гора и Преспа.

Во Голо Брдо македонскиот фолклор со години се негува, вели Мазнику. Тој е сочуван на тој начин што се предава од колено на колено, бидејќи кај нас официјално не се изучува македонскиот јазик. Бабите и дедовците на синовите и на внуците им кажуваат приказни, гатанки, поговорки, им пеат македонски народни песни. Имаме намера сиот тој фолклорен материјал да го собереме и да го запишеме во неколку книги кои ќе им бидат од корист на нашите идни генерации. Минатата година успеавме да отпечатиме една таква книга која содржи околу 650 пословици и поговорки што се зборуваат на македонски јазик во Голо Брдо. Наскоро, по два месеца, ќе издадеме уште една книга, но со македонски народни песни кои често се пеат во Голо Брдо. Се надеваме дека до крајот на оваа година ќе излезе и втората книга со песни, а во 2004 година ќе ја отпечатиме и втората книга со поговорки и пословици која ќе биде збогатена и ќе има некаде околу 1.500 до 2.000 поговорки. Книгите се насловени како "Поговорки" затоа што тие ја претставуваат целата филозофија од народот, народната мудрост, проблеми, маки.

На Македонците во Албанија особено им е важно тоа што минатата година за првпат во оваа земја беа отпечатени две книги на македонски јазик.

Моите "Поговорки" и стихозбирката "На Радуч" од поетесата Миранда Шутина се двете книги кои се први отпечатени на македонски јазик воопшто во историјата на Македонците кои живеат во Република Албанија. Тоа не радува нас, додава Мазнику. Немавме никакви проблеми од страна на албанските власти, така што и другиве книги планираме да ги отпечатиме повторно во Тирана, Албанија. Немаме намера да ги продаваме книгите и да заработиваме, ние нив ги делиме по селата и градовите каде што има Македонци за да читаат на својот мајчин јазик. Морам да истакнам дека книгите се печатени на две азбуки, на кирилица и на латиница. Така мораше да ги отпечатиме, затоа што во Голо Брдо не се изучува македонскиот јазик, така што има луѓе кои не ја знаат кирилицата, а знаат да читаат само на латиница.

ПРИТИСОК

Младите Македонци имаат желба да го научат нивниот македонски јазик, но албанската држава на Македонците во Голо Брдо и Гора не им го дозволува тоа, со исклучок во Преспа каде што се изучува македонскиот јазик уште од 1945 година.

Се обидуваме и се бориме за да добиеме дозвола од албанските власти македонскиот јазик да се изучува барем до четврто одделение, објаснува Мазнику. Досега сме имале само курсеви на македонски јазик во Тирана кои ги води Миранда Шутина. По војната, во 1945 година, ние Македонците бевме третирани како едно со другите, односно како Албанци. Тогашниот систем мислеше да не дефинира како граѓани, а не како народ кој има своја националност. Голем беше притисокот во нашите села за да не чуеме ни песна, ни збор македонски. Сега малку поинаку е, но сепак притисокот повторно е голем. Притисокот не е од народот, туку тој е одозгора, од државата, односно од власта. Ние немаме никаков проблем со народот, односно со Албанците, добро живееме и со рисјани и со муслимани, секогаш сме биле заедно и за добро и за лошо, сме делеле и леб и вода.

Во Голо Брдо има 22 села, 16 се од страната на Република Македонија, а 16 села се во Република Албанија и тоа исклучиво македонски. Многу Македонци од Голо Брдо сега се населени во градовите, претежно во Драч, Тирана, Елбасан. Од Преспа претежно се населуваат во Корча, а од Гора во Кукс.

ЗАЕДНИЦА

Македонците во Албанија се организирани во четири друштва - "Преспа", "Мед" од едно село од Егејска Македонија кое сега припаѓа во Албанија,

"Мир" од Македонците од Голо Брдо и "Гора" на Горанците. Минатата година овие четири друштва формирале "Заедница на Македонците од Албанија", а за претседател на таа заедница е назначен Цветан Мазнику.

Има многу години како се бориме за нашите права. Сакаме да добиеме право, односно да не признаат како Македонци, да добиеме македонска националност и да се избориме за нашите деца и внуци да учат на македонскиот јазик, вели Мазнику. Чукавме на вратите дури до Европа и сметаме дека имаме нешто направено, меѓутоа пред нас стојат уште многу нереализирани работи со кои ќе може да ги добиеме нашите права како Македонци. Државата е многу затворена кога е во прашање давањето на нашите права. Кога станува збор за прашањето колку Македонци има во Албанија, не треба никој да шпекулира. Едни кажуваат триста илјади, други двесте илјади. Сепак, јас сметам дека има околу 100 - 120 илјади по потекло Македонци што го знаат и зборуваат мајчиниот јазик. Ние ги броиме оние кои денес го знаат македонскиот јазик, но има и луѓе по потекло Македонци кои не го знаат јазикот. Исто така, нашите права беа скратени кога се реализираше Пописот во Албанија. Но, не беа скратени само нашите права, туку и правата на другите националности кои живеат во Албанија. Минатата година, или пак пред две години, кога беше Пописот немаше посебна графа каде човекот ќе можеше да се изјасни што е по националност. Ние тоа го баравме, да има посебна графа за да си кажеме кои сме, меѓутоа државата тоа го спречи, не ни дозволи.

Македонците од Албанија се борат за нивните права и преку ОБСЕ, во Стразбур, за да ги уживаат во државата во којашто живеат. Очекуваат многу скоро да ги прими министерот за надворешни работи во Албанија, господинот Илир Мета, како "Заедница на Македонците од Албанија". На таа средба со министерот, доколку се оствари, ќе стане збор токму за правата на Македонците.

Единствено право коешто го имаат е дозволата кога сакаат да излезат од границите на Албанија без никакви проблеми. Слободно можат да одат каде што сакаат, никој не им пречи.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"