ПОЛИТИКА

Постојаните инциденти и заканите од АНА ја дестабилизираат Македонија

ЕМ "ПОВОЛНА", ЕМ "КРЕВКА" СТАБИЛНОСТ!?

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • За Советот на безбедност и за Министерството за внатрешни работи безбедносната ситуација во Република Македонија е оценета како "поволна", спротивно на констатацијата на министерот за одбрана, Владо Бучковски, според кој ситуацијата е "кревка".
  • Двајца војници на НАТО, за жал, на своја кожа ја почувствуваа "поволноста" на безбедноста во Македонија.
  • Според белградски "Недељни телеграф", АНА се опремила со 20 модерни ракети. На нејзината интернет-страница објави ново соопштение во кое ги повика Албанците да ја напуштат македонската полиција.

Ситуацијата во Македонија е кревка и нејзината стабилност по неколкуте скорешни инциденти, го наведе секого во земјата сериозно да работи на елиминирање на секоја можност за ескалација на провокациите и нова дестабилизација, изјави македонскиот министер за одбрана, Владо Бучковски, во интервју за електронскиот весник "Саутист Јуропиан Тајмс".

Контрадикторно на ова, Министерството за внатрешни работи според, како што велат, конкретни сознанија, безбедносната состојба ја дефинира како "поволна". Оттука и произлезе заклучокот на Владата на РМ протераните Македонци да се вратат назад. Околу триесетина семејства се вратија во тетовскиот кризен регион каде беа пречекани со две експлозии и серија истрели за "добредојде". Според официјално непотврдени информации на ТВ Сител, АНА во Кумановско-липковскиот регион прогласила слободни територии.

Според информациите со кои засега располага АРМ, немаме сознанија за прогласена слободна територија во реонот на Ваксинце. Армијата редовно ги користи патните правци покрај Ваксинце. Состојбата во поранешните кризни региони за АРМ е најредовна, ни изјави портпаролот на АРМ, мајор Зоран Секуловски.

Оваа информација за прогласување на слободна територија беше демантирана и од градоначалникот на Липково, Хусамедин Халили, и од портпаролката на МВР, Мирјана Контевска.

Во претстојниот период во Македонија не може да се исклучи можноста од одредени провокации и инциденти, поради што моментот наложува крајна претпазливост, рече Бучковски обраќајќи се на Конференцијата во Охрид на тема "Нова војна и конфликтот во 21 век" организирана од "Маршал - центарот за европски и безбедносни студии", во соработка со Министерството за одбрана.

Како што пренесува солунската агенција МПА, Бучковски вели дека ситуацијата во Прешевската Долина и Косово налагаат дневна размена на информации, со цел да се спречат екстремистите да ја исполнат нивната цел - повторно да го дестабилизираат регионот.

Во врска со заканите на т.н. АНА за "нова пролетна офанзива", Бучковски изјавува дека Македонија не може да се дестабилизира, а Фронтот за албанско национално обединување, кој е за обединување на сите Албанци и создавање "Голема Албанија", не може да ги оствари своите цели преку своето воено крило - АНА. Сите отворени прашања во Македонија се затворени во 2001 година, нагласува министерот за одбрана.

Бучковски потврдува дека во западниот дел на Македонија постојат активни криминални групи, додавајќи дека според проценките, тоа се мали групи кои се појавуваат во различни делови на поранешните кризни региони.

Во врска со последните акции преземени против криминалот во западниот дел на земјата, министерот за одбрана вели дека мултиетничкиот состав на полицијата имал извонреден успех. Нелегалното оружје тој го оценува како огромен проблем, а планираното разоружување треба да биде општо.

Според моја проценка, тоа ќе биде конечно решение за кризата во Македонија, нагласува Бучковски во интервју за "Саутист Јуропиан Тајмс".

Додека за едно Министерство состојбата е "кревка", а за друго "поволна", на Македонците им останува единиствено Господ да им е на помош!

СОЖИВОТ

Акцијата за враќање на протераните тетовци назад во кризниот регион беше проследена со две експлозивни направи кои детонирале во Непроштено, а по експлозиите од реонот на селото се слушнале дваесетина истрели од огнено оружје. Етнички мешаната полициска патрола излегла на терен и на крстосницата меѓу главниот селски пат и споредните улички во Непроштено, во долниот дел од селото, нашла кратер во земјата, предизвикан од експлозивно средство. На излезот од Непроштено покрај патот Тетово - Јажинце, патролата забележала и оштетен електричен столб. Било утврдено дека на бандерата бил прицврстен експлозив, кој потоа бил активиран. Во близина на бандерата полицајците нашле петнаесетина чаури од автоматско оружје и од пиштолска муниција. Вообичаено, МВР нема информации за сторителите, а по ова станува иронична дадената констатација дека безбедносната состојба е "поволна".

Протераните православни жители од кумановското село Опае им ги продаваат своите куќи и имоти на соселаните - Албанци и велат дека никогаш повеќе нема да се вратат. Од 46 куќи, досега се продадени 23, а сопствениците на другите "ги молат" соселаните - Албанци и им ги нудат куќите по багателни цени, тврдат протераните од Опае. Ситуацијата со "тивкото етничко чистење", за жал, не е порозова ни во тетовскиот кризен регион! Од страна на министерот за труд и социјална политика беа изнесувани многу аргументи во полза на враќањето на протераните Македонци во родните огништа.

Со ова ќе се создадат подобри услови за оние раселени што се уште не можат да се вратат, односно мора да останат во прифатилиштата. Владата со тек на време сериозно ќе одлучува во кои други населени места раселените ќе може да се вратат. Засега е преамбициозно да се поставува краен рок за враќање на сите, рече министерот за труд и социјала, Јован Манасиевски. Но, повеќето македонски семејства, сепак, проценија дека се побезбедни во колективните центри.

МИНА

Двајца војници од полскиот контингент на НАТО загинале, а тројца македонски цивили биле тешко повредени кога џип на мисијата "Сојузничка хармонија" налетал на мина кај кумановското село Сопот. Од страна на НАТО се уште нема конкретни податоци за несреќата, но тие не сакаат да веруваат дека таа не била предизвикана од намерно подметната мина.

Кјатор Николаевски и Павел Лавински, војници на полскиот контингент, починале во амбулантно возило на пат кон скопската болница. Преведувачката Поликсена Филиповска и сопружниците Милевка и Крунислав Кипријановски се згрижени во Ургентниот центар во Скопје.

Уште двајца полски војници со лесни повреди биле веднаш пренесени во базата на НАТО кај Петровец. Полскиот тим со џип патролирал во граничното подрачје во близина на границата со Србија. Околу 17,50 часот, во околината на селото Сушево, брачната двојка Кипријановски ги замолила војниците да ја превезат до Куманово, кон кое се движела патролата. На околу еден километар пред селото Сопот, џипот со задното лево тркало налетал на мина, а од експлозијата се превртел.

Се уште немам конкретни податоци за тоа што се случило, меѓутоа не верувам дека некој намерно ја подметнал направата, рече портпаролот на Алијансата во Скопје, Крег Ратклиф. Тој додаде дека истрагата за тој случај е во тек, иако постојат првични сознанија дека "е можно некој од жителите да ја нашол експлозивната направа и да ја оставил покрај патот за да ја соберат одговорните".

Местото на експлозијата го обезбедуваа трупи на НАТО, а италијански војници го деминираа теренот околу местото и пред селото Сопот. Војниците го контролираа и сообраќајот по земјениот пат и не дозволија да мине еден џип на кумановската полиција, чие доаѓање не им било најавено. Истражниот судија, заменик-јавен обвинител и полициските екипи го вршеа увидот со припадниците на НАТО. Селаните велат дека по патот често минуваат и патроли на полицијата и на АРМ, која во близина има караула. Сопот е село со педесетина куќи, во кое живеат Македонци, Срби и Албанци.

РАКЕТИ

Според белградски "Недељни телеграф", Албанската национална армија - АНА се опремила со 20 модерни антивоздушни ракети. Весникот се повикува на "висок функционер на меѓународни организации, кој имал пристап до тајни информации". Пет од ракетите биле пренесени во косовското гратче Дреница, во правец кон Косовска Митровица. Другите 15 ракети биле сместени во бункери, во планините околу Ѓаковица и Дечани. Според белградскиот весник, ракетите се дел од подготовките на АНА за пролетната офанзива. АНА била снабдена и со друго софистицирано оружје, разновидна противтенковска муниција и се подготвува да набави уште 100 противвоздушни ракети. Терористите од АНА, според "Недељни телеграф", одлучиле да се снабдат со антивоздушни ракети по одлуката на КФОР во Приштина да дозволат стеснување на воздушниот коридор на забранетите летови на српската авијација на границата меѓу Косово и Србија. За ракување на ракетите, припадниците на АНА биле обучувани за време на војната на Косово, кога како членови на ОВК ги гаѓале авионите и хеликоптерите на југословенската војска.

АНА на својата интернет-страница објави ново соопштение, во кое ги повикува Албанците да ги напуштат редовите на македонските и српските мултиетнички полициски единици. Полициските единици беа формирани по воените конфликти во Македонија и во јужниот дел на Србија.

Во најкраток можен рок напуштете ги славомакедонските и славосрпските сили што служат под името мултиетничка полиција, а носат униформа што историски ве окрвави. Во спротивно, ќе бидеме немилосрдни кон оние што ги носат овие униформи, зашто нема да имаме време да ве идентификуваме дали сте Албанци или Словени, соопштува АНА.

Илегалната АНА ги повикува сонародниците на мобилизација со цел да ги обединат териториите на Балканот во кои живеат Албанците и на тој начин да ги остварат своите вековни стремежи за "Голема Албанија".

Нејсе, во време кога Европа се обединува во едно семејство, Албанците се уште талкаат во средниот век, ако не и пред тоа, стремејќи кон едни вакви шовинистички цели.

И по сите овие информации некој упорно сака да ни каже дека АНА воопшто не претставува сериозна опасност за безбедноста во државава!?


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"