мериканскиот "нон-пејпер" ја
збуни, но и ја продлабочи кризата во односите на сегашната политичка
олигархија во Република Македонија. На релацијата претседател Борис
Трајковски - премиер Бранко Црвенковски, евидентно постојат разни
непремостливи пречки, политички и меѓучовечки. Во таков амбиент Парламентот
никој не го "шиша", а државата е ставена на коцка. Затоа се наметнува
дилемата зошто се прават вакви сериозни политички ујдурми?
Пред се, ова бурно време е пресвртница за Балканот и за светот. Вителот
нема да ја одмине ниту Македонија. Таа како "ситна риба" мора да се снајде
во политичкиот мозаик што го склопуваат Американците и нивниот сојузник
Велика Британија. Наспроти нивните интереси, Франција, Германија, Русија и
Кина се обидуваат да ја задржат неприродната рамнотежа во светот. Но,
експанзијата на силниот глобалистички петро-капитал кој се повеќе се
експонира со милитаристички средства, не може да се задржи. Во ова лудо
време, по се изгледа, нема место за ООН. Оваа институција е ставена на
маргините. Впрочем, играта околу новата резолуција за Ирак е само фарса, се
другото е интерес и профит.
СПРОТИВСТАВУВАЊЕ
Република Македонија се наоѓа во небрано. Притисната од внатре и од
надвор нема голем простор за маневрирање. Треба да одлучи зад кој блок ќе
застане - дали ќе ја поддржи Америка, или ќе ги приближи ставовите до
Франција, Германија и Русија. Или, пак, ќе заземе една неутрална позиција.
Учесниците во рулетот се познати - Претседателот и Премиерот. Но, тие во
последно време не се мирисаат, а имаат и дијаметрално спротивни политички
ставови во однос на надворешната македонска политика. Нивната конфронтација
околу стратешките прашања започна со игрите околу името на новиот преговарач
во спорот со Република Грција. Потоа продолжи со амбасадорската листа која
одамна е на стаклени нозе, а дури деновиве се продлабочи околу улогата на
Македонија во кризата со Ирак. Ситуацијата е алармантна. Воопшто не се
почитува националниот интерес на македонскиот народ. Затоа се соочуваме со
небулозни и заткулисни политички игри во кои не се бираат средствата. Со
проштение, како да е Република Македонија најевтина "анимир дама". Во
моментов секој напаѓа, но и си ја чува и брани позицијата. Прашање е само
кој кого ќе одбере за сојузник.
Ако Трајковски побрза и се истрча, сега време е Владата и Премиерот, кој
мудро молчи, да заземе конкретен став. Може ли овој орган да седи на две
столици!? Се зависи од разумот и волјата да се одмери и предвиди
сојузништвото. Се има своја цена, па и приклонувањето кон оваа, или онаа
страна. Но, пред се, да не заборави на улогата на Парламентот. Тој ги држи
конците во свои раце.
Државниот врв набргу мора да одговори на предизвикот. Ракавицата е фрлена.
Двобојот, сакале или не, мораме да го прифатиме. Но, битна е формата што ќе
ја одбереме. Формалната политичка одлука за или против евентуалното учество
на нашата земја во антитерористичката коалиција предводена од САД која се
подготвува за воена операција против Ирак и соборување на режимот на Садам
Хусеин, ќе мора да се донесе. Во врска со ова, домашната јавност секојдневно
е бомбардирана со информации што пристигаат од светските тикери за
скорешниот американски напад врз Ирак. Министерот за одбрана, Владо
Бучковски, кој деновиве престојуваше во Лондон, дипломатски изјави дека
македонската Влада како дел од таа коалиција ќе ја поддржува меѓународната
заедница во нејзините напори за забрана на оружјето за масовно уништување
околу кое настана спорот меѓу САД и Ирак.
Република Македонија како дел од антитерористичката коалиција ги
поддржува напорите на меѓународната заедница за забрана на оружјето за
масовно уништување, при што во делот на актуелното прашање за ирачкото
разоружување Македонија го поддржува целосното исполнување на одредбите од
Резолуцијата 1.441 на Советот за безбедност на Обединетите нации, изјави
Бучковски на Конференцијата посветена на "новата војна и конфликтот во 21
век".
Во меѓувреме, анкетите што беа спроведени во Македонија, а ги објавија
домашните медиуми во врска со војната во Ирак, покажуваат исклучително
неповолно расположение во земјава за ова прашање. Најголемо спротивставување
на евентуалната поддршка на Америка и нејзиниот сојузник покажува турската
етничка заедница во Македонија со 86,70 отсто. Македонците се против со
84,80 проценти, Албанците со 74,40 отсто, а Ромите се поделени во своето
мислење.
Одредени политички аналитичари сметаат дека македонското раководство има
најмалку три причини да & се придружи на Америка во конфликтот против Садам
Хусеин. Прво, без заложбите на САД регионот не може да функционира како
стабилен. Втората причина се гледа во квалитетот на нашата граница со Косово
од која ќе зависи иднината и стабилноста на земјава, а третата е во спорот
што го имаме со Грција околу нашето уставно име.
Инаку, во "нон-пејперот" што & беше предаден на македонската Влада, нема
барање за испраќање војници, но постои претпоставката дека тоа би било
пожелно. Во тој случај, во оптек се неколку варијанти за испраќање на
десетици војници што ќе бидат ангажирани во Турција. Во моментов Македонија,
на својот стратегиски партнер САД, најверојатно ќе му го отстапи правото на
авионски прелетувања, приземјувања, бази и логистика. Воените експерти
сметаат дека можеби нема ни да дојде до такви ситуации, но тоа од друга
страна полемиките за македонскиот ангажман во Ирак ги прави да се бесмислени.
Светот веќе ги анализира можните последици од воениот удар што САД се
подготвува да го изврши врз режимот на ирачкиот претседател Садам Хусеин.
Освен на економски план, процени се прават и околу можниот бран на бегалци
кои може да ги заплисне земјите со претежно муслиманско население. Анализите
говорат дека за кратко време ќе треба да се направат планови за бегалски
коридори со кои би можела да биде опфатена и нашата земја како сосед со
Албанија
ПРИТИСОК
Потпретседателот на ДУИ, Агрон Буџаку, во врска со ова прашање за
весникот "Факти" коментира дека во овој процес ќе мора да се разговара и со
Албанците.
Додека македонскиот политички блок на големо зборува за ирачкото прашање,
за партијата на Албанците на власт - Демократската унија за интеграција,
постои впечаток дека е оставена настрана, изјави Буџаку за весникот на
албански јазик "Факти".
Потпретседателот на ДУИ во изјавата за весникот вели дека од почетокот на
нивното ангажирање во Владата инсистирале Албанците да учествуваат во
донесувањето на сите главни одлуки кои се во врска со државата. Буџаку
истакнува дека во таа насока има видливи резултати, но во последниот случај
- за заземање конкретен став околу учеството на Македонија во можен напад
врз Ирак - вели дека не биле консултирани воопшто, ниту од Претседателот на
државата, ниту пак од Премиерот. Тој, сепак, се надева оти набргу ќе се
приклучат во оваа дебата и дека државниот врв ќе одлучи заедно со Албанците.
Одредени македонски аналитичари сметаат дека престојот на министерот за
одбрана, Владо Бучковски, во Лондон е сигнал кој доволно говори дека Владата
попушта под притисокот на американското барање. И затоа во овој миг се бара
соодветната формулација која лесно би ја минала парламентарната бариера.
Според истите извори, на планираната посета, министерот Бучковски го
испитува теренот и евентуалниот ангажман на македонските војници. За оваа
работа, од Британците е побарано да се направи "мост" меѓу нивниот и
македонскиот интерес. За тоа е искористена средбата со британскиот секретар
за одбрана, Џефри Хун, на која беше утврдена среднорочната програма за
поддршка на македонската одбрана, со што Велика Британија ќе биде ментор и
лобист за нашето членство во Алијансата. Истовремено, висок британски офицер
во македонското Министерство за одбрана и натаму ќе остварува советодавна
улога за реформите во одбраната. Велика Британија преку тој офицер ќе ги
координира советодавниот тим на НАТО и воено-техничката соработка на
Армијата на Република Македонија со земјите-членки на НАТО.
Најверојатно, политичката одлука на Република Македонија за "нон-пејперот"
ќе биде позитивна, иако постојат многу дискутабилни прашања околу
процедурата и слабата меѓународнаата позиција на Америка и Британија.
Поддршката ќе биде изразена преку политички став и евентуално со ангажирање
на мали сили за логистичка поддршка, што би биле стационирани во Турција. За
возврат, Македонија од САД би требало да очекува поддршка во спорот со
Грција за името на земјава, односно издејствување на т.н. двојна формула.
Во овој пакет, Македонија бара да ги наплати 300-те милиони долари што
ирачки фирми им ги должат на македонските градежни претпријатија и
ангажирање на 15.000 македонски градежни работници во повоената обнова на
Ирак. Во меѓувреме, од САД се очекуваат цврсти гаранции за безбедносната
состојба во Македонија, со поактивно влијание врз албанскиот политички
фактор.
Дилемата што како "дамаклов меч" виси врз македонската Влада, се повеќе
се разбиструва, иако учеството на наши војници во воената интервенција врз
Ирак би била симболична. Но, сепак, поради малата меѓународна поддршка што
ја добива САД, ќе биде добредојдена за оправдување на евентуалното
ангажирање на американските сили во соборувањето на режимот на Садам Хусеин.
Во контекст на ова, Претседателот Трајковски одамна има расчистено со
донесувањето одлука за поддршка на американската воена интервенција. За него
нема дилеми дека нашава земја треба да учествува во коалицијата што ќе го
нападне Ирак и дека треба да испрати војници во знак на поддршка на воената
операција.
Во медиумите беше објавено писмото што претседателот Трајковски уште во
декември минатата година го испратил до американскиот претседател Џорџ Буш.
Во писмото тој им нуди поддршка и помош на САД во разоружувањето на Садам
Хусеин во вид на права за прелетувања, приземјувања, бази и логистичка
поддршка.
Ја поддржуваме имплементацијата на Резолуцијата на Советот за безбедност
1441 за Ирак, како и обединетата заложба за елиминирање на ирачкото оружје
за масовно уништување. Ако има потреба, се вели во писмото, ние сме
подготвени да понудиме права за прелетувања, приземјувања и бази, како и да
обезбедиме логистичка поддршка. Исто така, подготвени сме да се ангажираме
како дел од меѓународните напори во процесот на рехабилитација на
постконфликтен Ирак, се вели во писмото на Трајковски што било упатено
до американскиот претседател Џорџ Буш, обидувајќи се да го "окуражи" во
битката против Садам Хусеин.
Но, сепак, заборавил да каже дека за оваа работа, прво треба да се праша
македонскиот Парламент каде се донесува одлука за воено ангажирање на сили
од Република Македонија. Меѓутоа, овој ноторен исчекор на претседателот
Трајковски, не е прв обид да ја изненади македонската јавност. Тој
континуирано продолжува да ги избегнува институциите на системот, а
истовремено себично да го штити својот личен или организиран групен
антимакедонски интерес, наспроти стратегиските и националните интереси на
македонскиот народ и македонската држава.