ПОЛИТИКА

Провокација или предупредување?!

НАЕЛЕКТРИЗИРАНА СОСТОЈБА ВО ЛИПКОВО

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Терористите на АНА започнаа да употребуваат нова тактика за остварување на големоалбанската идеја. Тие во Липковско поставија албанско знаме, а се зборува и за прогласување на слободна територија и потоа ќе се отцепат од Република Македонија.
  • Обидот на одделни локални моќници да ја спуштат топката на земја е добар, но прашање е колку е искрен, оти секогаш зад вакви намери стои одредена поддршка од локалното население. Затоа веењето на албанското знаме е доброосмислен потег од кој се очекуваат одредени реакции.

Поставувањето на албанското знаме во липковскиот крај укажува дека нешто сериозно се подготвува во Карадачкиот регион којшто впрочем и во 2001 година беше епицентар на албанскиот тероризам и есктремизам во Република Македонија. Овој чин е опасен предизвик за Владата на Бранко Црвеновски, бидејќи со ваков мошне сличен јадец се урна империјата и "патриотизмот" на ВМРО-ДПМНЕ. Тој покажа колку е ранлива македонската држава, бидејќи тврдоглавоста, личната суета и лицемерството на лидерите не треба да застане пред националниот интерес на македонскиот народ.

Но, како по традиција, видовме дека системот "раздели, па владеј", е најуспешното средство за остварувањето на туѓите интереси. Тоа многу добро го искористија албанските екстремисти - членови на ОНА.

ТАКТИКА

Последната уцена што ја иницираа припадниците на АНА не треба да биде неказнета. Но, дали новата македонска политичка структура има храброст соодветно да реагира и конечно да воведе ред и закон во липковскиот крај. Тоа не се осмелија да го направат нивните претходници, па затоа ја одведоа Република Македонија во бездната.

Терористите на АНА започнаа да употребуваат нова тактика за остварување на големоалбанската идеја. Тие во Липковско поставија албанско знаме, а се зборува и за прогласување на слободна територија и потоа ќе се отцепат од Република Македонија.

Затоа, знамето не треба да биде сфатено како предупредување до македонските власти дека мора да го забрзаат спроведувањето на охридскиот Договор, ако не сакаат нова војна, туку за обид да се исценира оправдан воен конфликт, нови крвави судири кои ќе доведат до разграничување на македонската територија. Колку ќе бидат превентивни мерките со кои македонската полиција во овој крај распоредила десетина борбени возила, ќе видиме. Но, и покрај тоа што "ситуацијата е под контрола", барем така велат во полицијата, таа е наелектризирана. Обидот на одделни локални моќници да ја спуштат топката на земја е добар, но прашање е колку е искрен, оти секогаш зад вакви намери стои одредена поддршка од локалното население. Затоа, веењето на албанското знаме е доброосмилен потег од кој се очекуваат одредени реакции.

ОБВИНУВАЊА

Иако локалните власти ја демантираа информацијата дека АНА во Липковско прогласила слободна територија, сепак, изјавата на советникот за безбедност во Општина Липково и поранешен шеф на воената полиција на ОНА, Абедин Зимбери, мора да се прифати со доза на скепса.

Тврдам дека во Липково нема АНА, ниту пак, некакви слободни територии. Информациите што ги објави ТВ "Сител" се штетни за Македонија и можат сериозно да ја загрозат стабилноста, изјави Зимбери.

Тој потврди дека има поставено знаме над Липково, но не знае кој тоа го сторил. Може да е кој било поединец што сака да прави проблеми. Во моментов бараме начин како да го тргнеме знамето, а да не испровоцираме револт кај населението. Сакаме да откриеме кој го поставил и да го натераме сам да го симне, оти се знае кога и каде треба да се веат знамињата, коментира Зимбери.

Но, тој отворено го обвини премиерот Бранко Црвенковски дека го кочи спроведувањето на охридскиот Договор и предупреди дека доцнењето може да ги врати работите назад. Како можат да се сфатат ваквите изјави на албанските локални моќници, освен закана и чукање на воените барабани. Тие беа најавувани уште пред неколку месеци, но одредени македонски политичари се обидуваа да ја разводнат ситуацијата, обидувајќи се да ја намалат својата одговорност. Меѓутоа, конечно ја признаа АНА како дестабилизирачки фактор во регионот, но мора да сфатат дека таа претставува и сериозна закана за Република Македонија. Тоа деновиве го сфатија и западните дипломати кои започнаа нејзините членови да ги именуваат со нов речник - екстремисти, а претходно ги нарекуваа како бандити. Ако се следи менувањето на речникот на дипломатските извори во Скопје, може да се насети што треба да очекуваме во наредниот период. Такво искуство имавме во 2001 година - прво беа екстремисти, па бунтовници. Потоа станаа борци за човекови права кои на крајот завршија во македонскиот Парламент и ќе бараат боречка пензија за нивното учество во конфликтот со безбедносните сили.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"