Господине Петров, дали
бевте изненадени од состојбите со кои се соочивте по Вашето назначување за
министер?
ПЕТРОВ: Не бев изненаден поради тоа што состојбите во Министерството
и општо во државава ми беа добро познати. По 33 години занимавање со
адвокатура јас одлучив да престанам да бидам адвокат. Таквата одлука не е
поради тоа што приходите не ми беа доволни, туку поради тоа што сметам дека
за секој професионалец, интелектуалец, граѓанин на Република Македонија,
вклучувањето во една акција за унапредување на државава претставува
предизвик. Нашата цел е Македонија конечно да го изоди патот кон Европската
унија и да стане дел на големото семејство.
МС: Вашиот претходник, Марјан Ѓорчев, беше инволвиран во многу
афери и скандали кои го оцрнија Министерството. Ваш коментар?
ПЕТРОВ: Не сакам да го коментирам однесувањето на претходниот
министер од една многу јасна причина. Прашањето за неговата работа и за
работата на неговата политичка партија како и работата на претходната влада
која го правеше тоа, се решава исклучиво на избори. Она што го кажаа
граѓаните на изборите во 2002 година беше доволно да се сфати каква беше
работата на претходната влада. Сметам дека јас не сум тука поставен да ја
испитувам работата на претходниот министер. Тука сум исклучиво поради тоа
што треба да ги решавам проблемите кои останаа, кои постојат и кои треба да
се решат. Целокупната своја енергија, знаење и искуство ја насочувам
исклучиво во тој правец. Не е мое да испитувам кој, што и зошто не довел во
оваа состојба, туку во иднина да направам се Министерството да работи
одговорно, чесно и квалитетно.
ОДОБРЕНИЕ
МС: Моментно е актуелна состојбата со откупот на тутунот.
Спомнавте дека Владата во иднина нема да издава гаранции за тутунските
претпријатија. Може ли да ја појасните дадената констатација?
ПЕТРОВ: Според член 16 од Законот за тутун, Владата издава одобрение
за откуп и преработка на тутун. Законот ги пропишува условите според кои
може да се добие одобрението. Еден од условите е и финансиската способност
на откупните претпријатија да го спроведуваат откупот и да ги исполнуваат
своите обврски во фазата на преземањето и плаќањето на тутунот. Во
изминатиов период една иста група на претпријатија со лоши менаџери и со
нечесно, некоректно работење ја олесни државната каса за околу две милијарди
и сто и триесет милиони денари. Ова е огромна сума, а она што е
најсимптоматично е констатацијата дека станува збор за едни исти фирми кои
на овој начин го продолжуваат своето живеење на пазарот на тутун. Таквите
претпријатија ги прават проблемите во државава и создаваат нееднакви услови
за работење. Поаѓајќи од овие факти и од законското овластување дека
гаранциите можат да се одземат од оние кои лошо работат, кои прават долгови
или пак не можат да ги исполнат своите обврски, Министерството спроведува
акција да се утврдат овие фирми, иако веќе повеќето ни се познати. Во
рамките на овластувањата утврдени според закон, од ваквите фирми треба да се
одземат дадените одобренија. Тука се соочуваме и со еден проблем. Не можете
да одземете одобрение на некоја фирма, бидејќи со тоа практично одреден број
луѓе, ангажирани во таа фирма, ќе се најдат на улица. Другата страна на
проблемот е што не може да се одземе одобрение, односно да се примени
законот тогаш кога не ќе обезбедите услови за тутунопроизводителите да
склучуваат договори со други стабилни фирми. Веќе сме на пат да изнајдеме
соодветно решение. Во Македонија има 4 - 5 фирми кои се финансиски моќни, се
однесуваат пазарно и фер кон тутунопроизводителите. Пред овој период
производството на тутун во Македонија беше во голем дел дополнителен извор
на приходи, но со познатите состојби на затворањето и стечајот на голем број
претпријатија, тутунопроизводството стана наеднаш основен извор на приходи.
Станува збор за една огромна категорија од 200.000 - 300.000 луѓе коишто
своето егзистирање го наоѓаат исклучиво во таа гранка. Имајќи ги предвид
овие моменти ќе бидеме многу внимателни при надминувањето на проблемите.
МС: Ставот на Владата е јасен - нема да го финансира откупот на тутунот.
Каква е иднината на "црното злато" во државава?
ПЕТРОВ: Има иднина. Јас повеќе од четири месеци сум во Министерството
и заклучувам дека тутунопроизводството е една од суштествените стопански
гранки во државава. Проблемот не е во климатските услови, не е во недостигот
на волја за работа и обработка на тутунот, туку проблемот е во откупот на
тутунот. Ако го решиме проблемот со пласманот на тутунот, односно со
симнување на обврските на државата кои до овој момент беа протежирање на
сметка на лошото работење на фирмите, со создавање на еднакви правила на
игра на пазарот, перспективите на тутунот во Македонија ќе бидат добри. Јас
сум оптимист и верувам дека во иднина штом ќе ги надминеме овие проблеми,
производството на тутун ќе оди во една нагорна линија. Инаку има светски
тренд на смалување на производството на тутун во рамките на кампањата за
одвикнување од цигарите во рамките на земјите од ЕУ. Во овој момент не можам
да проценам дали Македонија би можела да го намали производството на тутун
имајќи предвид колку семејства егзистираат токму од оваа гранка. Во овој дел
ќе бидеме внимателни, се надевам и успешни.
КВАЛИТЕТ
МС: Се вели дека Република Македонија произведува вина чиј квалитет е
веднаш до француското и италијанското вино. Винарството е втора извозна
гранка во државава. Што Министерството прави за винарството и понатаму да се
унапредува?
ПЕТРОВ: Затекнавме состојби кои долг период наназад се евидентни.
Извозот на македонското вино се одвива на начин кој посакуваме да биде
променет. Место да извезуваме наливни вина по многу ниска цена, треба да се
потрудиме во домашни услови да направиме квалитет, амбалажа и пласман со што
практично ќе постигнеме повисока цена. Охрабрен сум од она што на последната
презентација на индивидуалните производители на алкохолни пијалаци во
Неготино, но и на други места, имав можност да го видам. Мојот заклучок е
дека производителите на алкохолни пијалаци се трудат да остварат сопствено
производство, пакување, флаширање и извоз на виното. Тие се обидуваат да го
преориентираат извозот од наливно во пакувано, флаширано вино, од поднебјето
на Македонија кое е доста барано на пазарот во светот. Во рамките на тоа
какви стимулации ќе даваме за одредени производи, можам да ве информирам
дека сме во фаза на подготовка на закон за финансиски вложувања во
земјоделството. Со овој закон ќе се утврдат начините, постапката и
субјектите кои ќе го вршат тоа финансирање кое мора да биде сообразено со
законите на ЕУ и со Светската трговска организација. Мислам дека во овој дел
ќе направиме добри решенија кои ќе ги следат решенијата на оние кои веќе го
изодеа патот кон Европа, како што е Словенија. Оттука, ни претстојат и
средби и размена на искуства со министри од некои развиени земји. Сметам
дека состојбите ќе одат на подобро, со што подразбирам подобрување на
квалитетот на виното, негово пакување, пласман и намалување на количините на
виното кое како наливно се извезува.
МС: До неодамна Македонија се соочуваше со особено тешките проблеми во
поглед на водоснабдувањето. Дали и како проблемите ќе бидат надминати?
ПЕТРОВ: Имаме тешка состојба со водоснабдувањето како последица на
кампањата во минатото за неплаќање на воден придонес. Некој притоа пропушти
да им каже на граѓаните дека со неплаќањето на воден придонес одат самите
против себе. Со ова се придонесуваше да се создадат проблеми во
водоснабдувањето. Во овој поглед во тек се неколку проекти. Таков е Проектот
на Јужновардарската долина, кој во скора иднина треба да стартува. Во
собраниска процедура е и законот за водни заедници со што се враќа начинот
на користењето на водите од 60-тите години, што е всушност барање на
Светската банка и ЕУ. Во процедура е и законот за водостопанските
организации. Значи, паралелно со рехабилитација на каналската мрежа, со
изградба на нови системи на наводнување се обезбедуваат и субјекти, односно
водни заедници и водостопански организации. Очекувам дека со донесувањето на
овие закони состојбите значително ќе се подобрат. Колку за информација колку
е тешка состојбата со водоснабдувањето, односно во финансиска смисла, можам
да ви кажам дека наплатата според последните информации изнесува 7-8 отсто
од вкупниот износ на средства што треба да се платат. Ниту едно
водостопанство, ниту еден каналски систем во Македонија, но и во светот не
може да опстане и да ја врши својата функција ако се наоѓа во вакви
финансиски дубиози. Ако ова се надмине со воведување ред, но и со помош на
Светската банка, ќе се направи прв сериозен чекор во надминувањето на
состојбите во водостопанството.
ОПТИМИЗАМ
МС: Дивата сеча уништи многу шуми. Како најдобро можеме да се заштитиме
од непријателите на природата?
ПЕТРОВ: Најнапред така што ќе ја зајакнеме шумочуварската служба.
Кога дојдов на оваа функција, овој проблем беше еден од најжестоките со кои
се соочив, затоа што сечата на шумите, пустошењето на шумите во изминатиов
период беше евидентна и се вршеше на неколку начини. Јас само ќе набројам
дека огромни количини на шумска маса се сечеа и се носеа од шумите при што
ништо не било евидентирано, истите биле продавани, а средствата се влевале
во приватни џебови. За жал, тогаш шумската полиција не била во функција на
откривање на сторителите, туку чување на крадците. Вториот начин на
пустошење на шумите се изведуваше со регистрација на сеченото дрво и негова
испорака до одредени фирми кои се сомнителни, односно фантомски фирми кои по
извесно време средствата не му ги враќаа на испорачувачот. На овој начин се
одлеани огромен број средства. Според последните податоци, како последица на
ваквото одлевање на средства, Јавното претпријатие за стопанисување со шуми
има загуби од околу петстотини милиони денари. Тоа ни дава за право да
дојдеме до еден заклучок и заедно со моите соработници да пристапиме кон
надминување на состојбата, да ги заштитиме шумите со зајакнување на шумската
полиција. Шумската полиција треба да брои околу 300 луѓе, а сега е сведена
на една четвртина од потребното. Недоволниот број луѓе од шумската полиција
веднаш се злоупотребува од крадците. Во подготовка е информација на Владата
која ќе излезе на една од наредните седници во којашто предложивме измена на
Законот за шуми. Измената би била да се искористи потенцијалот на
шумочуварите од поранешните шумски претпријатија коишто во овој момент се на
располагање, но не можеме да ги користиме затоа што Законот за шуми и шумска
полиција бара вработување. Сакаме да одиме кон една измена на законот која
ќе се состои во тоа што место членот вработување да стои ангажирање, така
што без оптоварување на Буџетот ќе ги ангажираме веќе вработените луѓе. На
овој начин ќе ги спречиме крадците да ја остваруваат својата цел. Со ова
мислам дека ќе имаме успех, а и верувам во тоа, бидејќи не правиме промени
поради промени, туку промени поради суштина, односно заради заштита.
МС: Индивидуалните земјоделски производители секогаш наидуваат на
проблеми при пласманот на нивните производи. Можно ли е истото да се надмине,
а производителите да бидат повеќе мотивирани?
ПЕТРОВ: Со пристапувањето кон Светската трговска организација се
отвора простор за пласман на македонските производи во Европа и во светот.
Се разбира, тука станува збор и за земјоделските производи, но за жал притоа
се создаваат и одредени опасности. Причината е што неконкурентно, слабо
квалитетно или производство со голем процент на трошоци доведува до одредени
слабости. Предностите пак, коишто ги имаме би требало да се искористат. Она
што го говорев за виното, важи и за другите производи. Она што можам да го
гарантирам во овој момент е дека ќе бидат применети сите средства за да се
заштити домашното производство од конкуренцијата на пазарот, а од друга
страна да го подобриме квалитетот и пласманот. Во договорот со Светската
трговска организација забранети се инвестиции по единица производ, што би
можело да се преиспита. Треба да се поттикне вложувањето средства во
квалитет, во инфраструктура, пласман, организација и слично. Кредитот ИФАД 2
што е од последната кредитна линија кој треба наскоро да стартува, покрај
другото, предвидува голем број средства токму за овие препријатија што се
занимаваат со откуп, преработка и пласман на земјоделски производи. Доколку
постојат интересенти, а државата обезбеди услови за користење на кредитот,
мислам дека тоа ќе биде зајакнување на секторот за извоз. Според мене, она
што во моментов е суштествено е промената на однесувањето на индивидуалните
земјоделски производители и нивното здружување во една асоцијација за
пласман на нивните производи. Улогата на државата во обезбедувањето на пазар
и пласман на производите веќе ја нема. Тоа е од причина што во пазарното
однесување во светот не е дозволен државен интервенционизам. Ако продолжиме
да се однесуваме на стариот начин, мислам дека нема да има полош пример за
реформската ориентираност. Напротив, ние сме ориентирани во создавање на
добри услови на пазарот и создавање на фер правила на игри еднакви за сите и
пробив на оние кои на време ќе успеат да се здружат, да се престројат, да го
подобрат квалитетот и да го направат конкурентно своето производство. Со
донесување на законот за финансирање на земјоделството се надевам дека и
овој проблем конечно ќе биде решен.
МС: Која е Вашата најголема цел за унапредување на земјоделството,
шумарството и водостопанството во Република Македонија?
ПЕТРОВ: Најнапред мора да се стори она што сите го посакуваме. Да се
изврши усогласување на македонското законодавство во областа на земјоделието
со она на Европската унија врз основа на директивите, односно правилата на
игра кои се таму пропишани. Тоа е прв, ама не и најважен услов за да се
изоди патот кон Европа. Паралелно со усогласувањето на законодавството со
Западот, мора да оди и обезбедувањето услови за квалитетно домашно
производство, односно бенефиции за земјоделците кои би го олесниле
производството. За тоа колку и дали ќе успееме овие две работи да ги
усогласиме, јас само ќе кажам дека сум оптимист, оти немаме избор. Не е
прашање дали ние можеме, дали ние сакаме, туку ние мораме да го изодиме тој
пат. Тоа значи реформи во секоја смисла, со разумна цена, а пред се дека си
поставив задача во своето работење да го почитувам исклучиво законот и
нормите на државата. Сите одлуки што ќе ги донесам од тука ќе бидат во таа
насока. Верувам дека нема да погрешам. Во оној момент кога ќе отстапам од
почитување на законот и прописите, ќе покажам дека не сум успешен министер.
Засега верувам дека ќе успееме.
Јас постојано истакнувам дека за да постигнете одредена цел потребни се
четири, а во нашиот случај шест услови. Прво, треба да имате политичка
волја. Второ, треба да имате институции на системот кои ќе ја спроведуваат
таа волја. Трето, треба да имате прописи кои ќе помогнат преку институциите
на системот да се реализира политичката волја и четврто потребна е поддршка
на јавноста. Како член на Влада заклучив дека Владата ги има споменатите
услови. Остануваат уште два наметнати услови - безбедносната ситуација и
финансиската состојба. Верувам дека сите услови ќе ги исполниме и времето
коешто е пред нас ќе покаже колку ќе успееме.