ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

МАКЕДОНСКИ ЈАНЅИ

Гог ма Гог

Како дете паметам, мајка ми не ја слушаше многу баба ми... Една вечер гости ни дојдоа порано од што ги очекувавме. Збунета мајка ми, ја праша баба ми: Што да правам со ѓубрето од несуредената соба? Под килим, рече баба ми! Не го збира... Многу е, разочарана одговори мајка ми. Тогаш, стави им го на гостите на маса да видат која си, строго, скоро налутено предложи баба ми.

Македонија откако знам ја посетуваат многу гости и навреме и предвреме. Отворена куќа никој не заобиколува. И така треба да биде, иако морам да признам дека домаќинлакот не ни е како што треба да биде. Во македонската ризница од мудрости сигурно ја знаете и онаа за гравот што го вареле свекрвата и снаата: помини едната тури сол, помини другата тури сол... Од гравот солило направиле.

Политичко-партиската слика на оваа мала држава со многу етникуми, во која дури и мачките и кучињата брзаат да земат некое странско државјанство, е типична, наша, откорната од милјето на секојдневието што ни се случува кога ќе не затекнат најавени и ненајавени високи и ниски гости и кога молчешкум ќе ни пресудат за нашата подготвеност и неподготвеност да претендираме за ЕУ, или да си седиме подобро дома, овде на Балканот. Да ни е "една соба од куќата македонска изметена", ајде да си простиме и да ни простат, ама по се она што ни се случи сега по некнежниот "чисти понеделник", навистина е многу. Поделени и разголени, светот просто се чуди - што народ е овој!?

Откако Љубчо & се извини на Македонија (со задоцнување и во невреме) за изборот на Борис Трајковски, претседателот на оваа држава почна да прави гафови кои никој не му ги бараше. Чуден човек е тој Борче, никогаш да не му дадеш да држи карти в раце оти не знае да игра покер. А, кога ќе загуби, губи цела држава!

Но, нашата судбина е таква каква што е, како еуфистите во Англија, претставниците на старата книжевност во времето на Шекспир, кои се служеле со претерано накитени зборови и преобилни стилски фигури за да го покријат злото на Обединетото Кралство. Во "размената на удари", ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ забораваат што им е дозволено, а што не, додека пак претседателот Борис Трајковски намерно оди дотаму до кај што не треба.

И што имаме? Констернираност! Нашата политика и политичарите (на власт или без власт) во својата тврдоглавост не сакаат да сфатат дека манипулацијата со медиокритетите во своите редови е многу сложена хартија. Потребни се повеќе "супстанци" да се добие од бакар - злато.

Еден нов пријател од ЕУ, буквално деновиве ми рече: имате многу проблеми што ние ги знаеме - со администрацијата, со корупцијата, со јазикот... Ама решете ги. Не дозволувајте ни да помислите дека ќе ни ги пренесете кај нас во Унијата!

Подморницата што му го пробива патот на Љубчо како опозиција, со сите "топови" вперени во позицијата што ја предводи Бранко, не е "добро опремена" да може така наивно и аматерски да ја одигра улогата на "рамнотежа" во односите меѓу двете партии. И Бранко, како и Ахил, е ранлив, но тоа треба да го знае каде, Љубчо. Таму каде што сега удира со Петрит Аме, е чиста фикција. Меѓутоа, и Брнко мора да ја смени играта на "измачување" со Војо, Сугаре Ламбе, Даравелски и компанија за да дојде до "главната ѕверка"... Нека не го чека снегот да го покрие брегот: демократијата признава - има или нема вина. Се е друго лакрдија без стил!

Ваква Македонија, каква што е денес, не е само кандидат за високото европско друштво, туку и пациент со многу болести застанат пред конзилиум лекари... Македонските јанѕи не се неизлечиви, ама конечно ни требаат добри терапии, оти може да ни се случи, како што & се случи на мајка ми, несобраното ѓубре да не може да го собере за исфрлање.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"