КОМЕНТАР

Македонски плурализам

ЛИДЕРИ ПРЕД СВРШЕН ЧИН

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Јасно е дека Албанците на Косово заговараат и одат кон своја држава, јасно е дека и дел од американските и западноевропските кругови работат на таа идеја, но во тој мозаик на нечесни игри не спаѓаме ние.
  • Поместувањето на балканските колци и огради, по се изгледа, наскоро ни претстои. Затоа можеби и нашите опозициони лидири се обидуваат да ја убедат јавноста да гледа реално и практично на работите.

Одиме се подлабоко и подлабоко. Во бездната, се разбира. Во секој домен функционираат демоните газејќи врз и онака згазеното. Монотоно, банално е, песимистичко на моменти и депримирачко станува секое ново пишување за актуелните настани и случувања во нашето секојдневно опкружување. Црна хроника, закани, притисоци, предрасуди и предизвици. За жал, повторно тоа е она за што ќе прочитате во наредните редови од овие страници.

Многупати досега се проговорило и анализирало за општата состојба на Балканот, за етничките релации, за омразата и апетитот за туѓа земја. Почнавме да навлегуваме во фазата на нови одбројување, да се подготвуваме за нешто што допрва би не очекувало, иако доминантните фактори неколкупати јавно нагласуваа и повторуваа дека хоророт е фрлен на буништето на историјата. Балканот е замрзнат и ставен во студена комора, конзервиран со подолг рок на траење и оставен за некои подобри времиња, оставен за оној период кога ќе им притреба на големите сили.

КОПИЛЕТО КОСОВО!

Важноста на меѓународниот протекторат Косово, кој се уште барем на хартија функционира во рамките на српскоцрногорската федерација, не ги остава настрана и не ги прави рамнодушни сите оние кои се заинтересирани за него и околу него. А факторите кои ќе трпат благодети и последици од претпоставената независност и сувереност на Приштина навистина се многубројни, почнувајќи од државата во чии граници припаѓа, Србија и Црна Гора, преку соседите Македонија, Грција, Босна и Херцеговина, до големите центри во Европа и САД. Се погласни и позасилени стануваат најавите за скорешно дефинирање на статусот на областа која нема ама баш никакви атрибути и белези на меѓународно-правен државен субјект. Кој го чини тоа и зошто го чини тоа?

Многу е лесно да се исполни даденото ветување на косовскиот народ од сојузниците (НАТО и американската администрација) како компензација за улогата што терористичките формација ја имаа во стратегијата на Пентагон во Југославија. Американските конгресмени и сенатори многу експресно знаат да усвојуваат резолуции за туѓи проблеми мешајќи се со тоа во интерните работи и законодавства на една земја. Не би изненадило никого ако тоа наскоро го сторат за балканските прилики, бидејќи иницијалните каписли за тоа од поодамна се веќе пуштени во конгресот од моќните нарко-шверцерски групи на разгранетото албанско лоби по Западот. Се разбира, за катастрофалните последици кои ќе произлезат по регионот, ретко кого го засега од кројачите на новата геополитичка карта во југоисточна Европа. Но, во ред, дваесетина години наназад сме биле свидетели на видлив или невидлив притисок од западната хемисфера за промена на нашето системско и општествено живеење. Тука на можеме ништо да промениме. Кај што ја има силата, не ја барај вистината и правдата. Многу почудни и вчудовидувачки стануваат реторичките испади во контекст на изградениот политички став на наши, македонски политички дејци кои на ваков или онаков начин оставиле свој белег во поновата историја на оваа земја.

Дека толкувањата и мислењата на поранешниот премиер и вицепремиер, Георгиевски и Тупурковски, отсекогаш биле интересни и контроверзни, точно е, па затоа и деновиве изненадија со своите последни размисли околку текот и начинот на решавањето на косовското прашање. Имено, и двајцата во одделните настапи на македонските електронски медиуми, овојпат како опозициони лидери, ни навестија скорешна независност на српскиот протекторат како свршен чин од кој повеќе нема бегање. Дури не предупредија дека време е да ја прифатиме таа реалност на новото време. Коалиционите партнери од крајот на минатиот век повторно дојдоа до истородни ставови по вакви стратешки прашања. Намерно или случајно, допрва времето ќе покаже. Но, што изненадува во сето тоа? Зошто во едно вакво време, кога сите сили во регионот и меѓународното општество кои мислат поинаку работат со сите средства да не дојде до реализација на таквото сценарио, нашите опозициони политички кругови креваат раце и препуштаат туку така се да летне во небеса?

Јасно е дека Албанците на Косово заговараат и одат кон своја држава, јасно е дека и дел од американските и западноевропските кругови работат на таа идеја, но во тој мозаик на нечесни игри не спаѓаме ние. Нам повеќе не ни се потребни лидери и водачи кои ја убедуваат јавноста дека сето тоа е веќе завршена работа и дека утре или задутре треба само да најдеме начин тоа да го прифатиме. Косово да биде наш сосед во државна смисла на зборот. Нам ни се потребни лидери и водачи кои докрај, до последниот атом енергија ќе се борат и ќе работат заедно со преостанатите истомисленици во регионот да спречат таква разврска на работите која би била кобна по опстојувањето на нашата земја. И да е така како што елаборираат и анализираат Љубчо и Циле, професионалната политичко-дипломатска етика не дозволува изнесување крајно песимистички погледи кон иднината на сопствената земја. Сепак, народот и јавноста од нив како опозиционери, кои би требало да имаат попрактични и поелоквентни решенија за проблемите од владејачката гарнитура, очекуваат многу повеќе. Очекуваат изграден став кој би претставувал одбранбен механизам од наводниот проект на светското општество за создавање уште еден незрел минијатурен државен субјект. Јавноста од нив очекува да понудат проект кој би одговорил на прашањето како Македонија во содејство со меѓународните закони и принципи за напроменливост на границите би ја спречила иницијативата на криминогените групи да издејствуаат сувереност на Косово. Наместо тоа, и обајцата не подготвуваат да прифатиме проект кој полесно би не натерал веќе да почнеме да си го замислуваме Косово како рамноправен субјект во меѓународните односи. Не велам дека Георгиевски и Тупурковски работат на полето на создавање атмосфера за прифаќање на косовската реалност, но индиректно би можело да се сфати дека тие со јавните настапи само им ја олеснуваат процедурата на големите стратези за остварување на целта. Понудените решенија на алтернативецот дека само со здрава и развиена економска програма може да се спречи влијанието на косовската независност врз Македонија, едноставно не држат. Не држат, пред се, поради тоа што ние премногу сме далеку од европската економија и веројатно уште долго време ќе биде така. Не држат и поради фактот што аспирантите за туѓи територии и луѓето со големодржавни амбиции во ниту еден случај не се интересираат за некакви економии или повисок стандард на граѓаните. Тие две работи за нив не одат никогаш заедно. Оттука, стратегијата на македонската надворешна политика и дипломатија, без оглед дали станува збор за структурите на власта или опозицијата, треба да биде водена само во еден правец - во убедувањето на официјалните западни структури дека независноста на Приштина ќе биде кобна не само за Македонија, туку и за целиот регион на југоисточна Европа.

ПРЕУРЕДУВАЊЕ НА БАЛКАНОТ!?

Создавањето и изнаоѓањето пријатели и сојузници по тоа прашање е повеќе од неопходно. Не дека ги немаме, но премалку работиме за да ги придобиеме. Наместо тоа, ние ќе треба да го прифатиме Косово како неминовност во нашето геополитичко опкружување само поради тоа што ние немаме сили за тоа да го неутрализираме и канализираме и поради тоа што не сме биле значаен фактор во одлучувањето. Македонија ќе биде значаен фактор на стабилноста во регионот во оној момент кога ќе покаже цврстина на својот став, во оној момент кога ќе се закани дека секоја нова нејзина нестабилност ќе биде пекол за Европа и нејзиниот прогрес. Но, во моментов државните и партиските структури не прават ништо друго освен што му препуштаат на противникот да ги насочува нештата по своја волја. Пасивното однесување не ни помага и штетно би влијаело во наредниот период. Шефицата на дипломатијата, Илинка Митрева, на стартот од нејзинот мандат се заложи дека ќе води агресивна политика, пред се по прашањата од витален интерес за опстојувањето на земјава. Но, засега од таквите најави ништо нема. Работите забрзано врват, официјален Белград форсира екстремно решавање на косовското прашање со краен исход - поделба на покраината - и тоа во сооднос: една третина за српската и две третини за албанската заедница со можност за отцепување и прогласување независност на тие две третини. Ѓинѓиќ навистина ризикува многу со таквата политика, но е свесен дека секое друго решение би било поштетно за рекомпонираниот сојуз на двете републики. Тој се надева дека таквиот исход би имал позитивен домино-ефект врз лабавата и нестабилна Босна и Херцеговина со можност за слична таква разврска и во нејзини рамки, односно Република Српска да го побара она што истото ќе го добијат Албанците со своите две третини на Косово. Но, притоа Ѓинѓиќ заборава, или пак не сака да се соочи и со фактот, дека таквиот домино-ефект слично би се одразил и врз Република Македонија, односно албанската заедница да побара да ги добие своите територии освоени во Тетовско, Скопско и Кумановско за време на кризата во 2001 година. Но, сепак, тој би си го решил пред се своето прашање и нормално е дека пасивно би се однесувал кон проблемот со Албанците во Македонија. Оттука, доколку би се реализирал планот на српскиот Премиер, кој има и многу приврзаници во европското семејство на народите, целиот товар за идниот модел на македонското уредување би паднал врз плеќите на домашните институционални структури, пред се дипломатијата и безбедносните органи. Брзата имплементација на Рамковниот договор минимално би ни помогнала во добивањето првична наклоност на европските центри, но не гарантира долгорочна стабилност.

Поместувањето на балканските колци и огради, по се изгледа, наскоро ни претстои. Затоа можеби и нашите опозициони лидири се обидуваат да ја убедат јавноста да гледа реално и практично на работите. Значи ли тоа дека сме дотерани до аголот на ѕидот, па нема бегање? Значи ли тоа дека нема решение за одбрана на нашиот суверенитет и територијален интегритет? Ретко веќе и да се сретне човек кој ќе не увери во спротивното. И оптимистот на заобиколен начин ќе не наведе дека темните сили работат на своето и ќе си го одработат своето. А, кој ќе го одработи нашето? Не треба да не изненадат некакви нови содржини и најави. Зацртаните планови некој мудро ги тера кон целта од типот на оној на балканскиот "цијаш" Стив Маер кој минатото лето на трибината во "ВУДРОУ ВИЛСОН" ќе рече: "На Балканот мора да дојде до преуредување на границите, а за опстанокот на Македонија треба да се разговара...".

Сега треба да ги прашаме Љубчо и Циле дали и ваквата реторика на западните разбивачи ја прифаќаат како неминовна реалност и дали повторно ќе ја убедуваат македонската јавност дека од тоа не можеме да избегаме?


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"