Убиен премиерот Зоран Ѓинѓиќ

Српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ (50) им подлегна на повредите по атентатот што беше извршен врз него на 12 март пред зградата на српската Влада, во центарот на Белград. Ѓинѓиќ бил убиен со два куршума во моментот додека излегувал од своето возило. Врз него, според една верзија, пукале две лица од непосредна близина, кои се уапсени, при што Ѓинѓиќ бил погоден во стомакот и во грбот. Според друга верзија, тој бил погоден со истрели од снајпер со голем калибар. Двата куршума, според оваа информација, го погодиле Ѓинѓиќ директно во градите.

По атентатот Ѓинѓиќ беше префрлен во Ургентниот центар на Србија, каде лекарите се обиделе да му го спасат животот. Ова е втор атентат врз Ѓинѓиќ во рок од еден месец. Првиот, неуспешен, беше извршен на 22 февруари годинава. Тогаш врз колоната возила во која се наоѓал Ѓинѓиќ, со товарно возило се обидел да удри извесен Дејан Миленковиќ - Багзи, познат криминалец од таканаречниот "Сурчински клан". Багзи беше притворен и од полицијата осомничен дека е атентатор, но по два дена надлежен судија од Белград го ослободи со образложение дека Обвинителството побарало истрага само за "фалсификување документи", а за тоа дело притвор и не мора да биде одреден.

Македонија влегува во новата "Пустинска луња"

Македонија ќе & пристапи на коалицијата против Ирак со тоа што испраќа двајца офицери на АРМ во Централната команда на вооружените сили на САД на Флорида. Имено, станува збор за офицерите Здравко Поповски, аѓутант на врховниот командант, и капетан Надица Жакова - Шулевска.

Тие ќе ја набљудуваат евентуалната воена операција против Ирак и ќе имаат улога на офицери за врска.

Бојку осуден на шест месеци затвор

Претседавачот на кривичниот Судски совет од Основниот суд во Струга Климентина Савеска, на Дилавер Бојку од Велешта, обвинет за посредување во вршење проституција, му изрече казна затвор во времетраење од шест месеци. На второобвинетиот за истото кривично дело, Флорим Истрефи, кој се наоѓа во бегство, Судот во отсуство му изрече парична казна во висина од 50 илјади денари.

Против Дилавер Бојку ќе се води претрес за уште две кривични пријави за проституција и тој ќе остане во притвор до правосилноста на пресудата.

Дополнувања на Законот за посебни права на безбедносните сили

Собранието на Република Македонија, во рамките на продолжение на 12-та седница, со 69 гласа за, 15 против и еден воздржан, го донесе Законот за дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства. На припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства, со овој закон им се утврдуваат неколку права, односно ослободување од учество со лични средства при користење здравствени услуги, вработување, станбено згрижување, еднократен паричен надомест во висина од 40 просечни плати на ниво на јануари 2002 година, права од областа на образованието и семејна пензија.

АНА се модернизира!

Албанската национална армија деновиве се опремила со 20 модерни антивоздушни ракети, пишува белградскиот неделник "Недељни телеграф". Весникот наведува дека ракетите се дел од подготовките на АНА за пролетна офанзива. Според весникот, воените стратези на АНА одлучиле да се снабдат со антивоздушни ракети по одлуката на КФОР во Приштина да дозволат стеснување на воздушниот коридор на забранети летови на српската авијација на границата меѓу Косово и Србија.

Македонските земјоделци стануваат Бугари

Македонските земјоделци во текот на изминатите неколку месеци масивно аплицираат за добивање на бугарски државјанства. Според претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров, за зголемениот интерес за бугарско државјанство се скапите репроматеријали, даночните оптоварувања и укинатата премија за земјоделците. Од бугарскиот Конзулат потврдуваат дека изминатите години има тенденција за зголемување на бројот на Македонци кои аплицираат за бугарско државјанство.

Арачиновци ќе штрајкуваат со глад

Протераните Македонци од село Арачиново од Здружението "Зора" ќе почнат со штрајк со глад ако министрите Владо Поповски, Хари Костов и Јован Манасиевски не се сретнат со нив во привремените прифатилишта каде што живеат во лоши услови. Тие се незадоволни од извештајот на Работната група на Анкетната комисија за заштита на човековите права и од тоа што досега не ги посетија куќите на Македонците во Арачиново.

Сакаме министрите да дојдат за да ги прашаме како мислат да ја средат ситуацијата, изјави Јана Петрушевска, претседателка на Здружението "Зора" за "Дневник".

Митрева без став за "Ирак"

На неодамнешната прес-конференција по повод гостувањето на шефицата на дипломатијата на Шведска, Ана Линд, министерката за надворешни работи Илинка Митрева избегна да го каже ставот околу испраќањето на македонски војници кои би требало да бидат дел од американската коалиција за војна со Ирак, изјавувајќи дека околу тоа прашање се уште не расправала Владата.

ДУИ го освојува македонскиот авиопревоз

Извесен Хамид Али Јабор ал Хани, сопственик на компанијата "Блу ер лис", не е исклучено да стане финансиер на новата авиокомпанија во Македонија на чие формирање, како што се зборува во круговите на авиобизнисот, интензивно се работи. Оваа идеја, наводно, е веќе зацртана како партиска задача во ДУИ, па оттаму и со формирањето на коалициската Влада се инсистираше на сите клучни места врзани со авиопревозот да се постават луѓе од оваа партија.

Компанијата во Македонија треба да биде дел од проектот за завземање на пазарот во еден поширок регион каде што новиот домашен превозник треба да има значајно место.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"