КОМЕНТАР

Сито и Решето

ДРЖ' СЕ САДАМЕ!!!

Од Редакцијата

Претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, продолжува да прави ѓурултии на македонската политичка сцена. Тој толку ја зашемети Владата со својата закана кон Садам Хусеин, што Премиерот и другите министри останаа без текст. Молчат. Ај што молчат ден или два, но молчењето продолжува. Затекнати се...!? Ставени во небрано, бараат соодветен тајминг за да можат да пронајдат дипломатски вокабулар со кој ќе ја амортизираат чувствителната ситуација. Но, што покажа сегашнава политичка состојба во Македонија?

Прво, дека на релацијата Влада - Претседател има сериозни пречки, или спротивставени погледи во однос на функционирањето на државата и надворешното претставување на Македонија.

Второ, дека Претседателот во последно време влегува од грешка во грешка. Како се редат, мораме да констатираме дека тоа намерно и смислено го прави за да потонеме во жив песок.

И трето, што е наша стара констатација, Претседателот во последниве две ипол години се обидува да воведе претседателски систем на владеење, иако ниту Уставот, ниту другите правни акти тоа не му го дозволуваат.

Затоа се прашуваме, зошто другите политичари тоа му го дозволуваат? Тој не е ниту над законот, ниту над функцијата на Парламентот и на Владата.

КАЛАБАЛАК

Додека Претседателот (очигледно собрал храброст) покажува заби и "рамбоистички" е расположен кон режимот на Садам Хусеин, нему над Слупчане му се вее знаме на туѓа држава. Зарем тоа не е сериозна провокација!? Зарем не се сеќава на сличната ситуација на Тетовското Кале од март месец 2001 година!?

Очигледно Трајковски има амнезија, но нас се уште не не фатила таква болест. Колективниот ум ги памети неговите грешки од 2001 година. Тоа и ова време по многу нешта се слични. Трајковски со маскирно одело шеташе по Кумановско-липковскиот крај, но потоа ништо не направи, освен "калабалак". Луѓето не смеат слободно да се движат. Протераните Македонци не можат да се вратат на своите огништа. Убиства, бомби, киднапирања. Накусо кажано, полицијата не ја контролира целата територија. Кој за сето ова е виновен? Тој што сака да ја турне Македонија во нова авантура. Да коленичи пред нафтените полиња на Садам Хусеин. Тој што дури не умее правилно да изговори една проста синтаксичка реченица на македонски јазик. Зарем треба уште да му се верува на ваков политичар кој не умее да процени и да пресмета што е во интерес на македонскиот народ.

КОЧНИЧАРИ

Република Македонија не се брани во "вавилонската" пустина, туку дома и надвор. За се треба да се има "усул" и чувство за дипломатска еквилибристика. Тегот не смее ниту малку да се наклони кон едната, а ниту кон другата страна. Ние, впрочем, мораме и треба да ја почитуваме "Старата дама", бидејќи географски и културно припаѓаме кон тој свет, а иднината е со Европската унија. Значи, треба да се почитуваме себеси. Но, мораме да бараме и други партнери што ќе ја бранат позицијата на нашата земја. Затоа нам не треба повторно да ни се случи авантурата со Тајван. Таа скапо не чинеше, бидејќи од тој надворешно-политички кикс започна бродоломот на нашата држава. Оттогаш се уште сме во нокдаун. Пливаме со страстите и желбите, оти немаме визија за нашата иднина. Немаме национални и државни стратегиски цели.

Во меѓувреме, македонската надворешна политика тонеше. Се појавија неколку кусогледи кочничари чии погледи не вратија стотици години наназад. Ретерирањето со дипломатските ставови е опасна работа која има далкусежни и негативни последици. Тоа искуство не смее да се повтори, бидејќи непријателите на македонскиот народ, на Република Македонија, ја користат секоја грешка. Нивната офанзива започна, па затоа треба стамено и мудро да се одолее на ваквите напади.

НЕСТАБИЛНОСТ

Во овој миг треба разумно да се одговори на американското барање. Но, притоа секој збор, или одлука за евентуална поддршка на воената акција, треба да биде одмерена. Не треба да се остави ниту еден најмал простор за сомневање, односно одалечување од влијанијата на Франција, Германија, Русија, и на крајот, да не се заборави на улогата на Кина во новото светско позиционирање. Тоа започна да се одвива пред десетина години и бидејќи станува збор за сложен и чувствителен процес, кој се уште не е завршен, малите земји како Македонија, мораат да внимаваат на секој политички чекор.

Во моментов положбата на нашата држава е мошне нестабилна, бидејќи процесот на исцртувањето на границите на Балканот, не е завршен. Проблемот со Косово, а и новата, вештачка творба на државната заедница на Србија и Црна Гора, се усложнува. Да не не лажат сегашните политички метаморфози. Тие се жив вулкан, кој во секој момент може да пукне, бидејќи на мал простор е акумулирано многу оружје, а екстремниот националистички, па дури ако сакате и шовинистички дух, се наоѓа во експанзија. Премногу негативна енергија има на овој мал простор која ја поддржуваат одредени светски моќници. Таа и натаму ќе биде користена за одредени турбуленции и политички поместувања на Балканот. Затоа Република Македонија ќе треба што побргу да се преструктуира, но и да расчисти со политичарите што & штетат на угледот на земјава. Таквите лица, односно поединци, не треба да се појавуваат во македонската политика, бидејќи нивниот интелектуален потенцијал не одговара на критериумите на еден образован политичар кој треба да умее да жонглира во дипломатските води во Брисел, Стразбур, Њујорк, Вашингон, Париз, Берлин, Москва или Пекинг.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"